АНАЛИЗИ

Бројот на жители во светот по 2050 година ќе почне да опаѓа

На Земјата ќе живеат 8,8 милијарди луѓе во 2100 година, две милијарди помалку од проценките на ООН, според студијата објавена во средата, која предвидува нов глобален биланс на моќ како резултат на паѓање на стапката на плодност и стареење на популацијата. Светската популација веројатно ќе го достигне својот врв за 44 години, поточно во 2064 година, со 9,7 милијарди луѓе, а потоа ќе започне да паѓа на околу 8,8 милијарди до крајот на векот.

До крајот на векот, во 183 од 195 земји, под услов да нема зголемен прилив на мигранти, ќе има пад на населението под прагот потребен за одржување на неговиот број, објави меѓународниот тим на научници во Лансет.

Во повеќе од 20 земји, вклучително и Јапонија, Шпанија, Италија, Тајланд, Португалија, Јужна Кореја и Полска, тој број барем ќе се преполови.

И во Кина, бројот ќе се спушти скоро од 1,4 милијарди денес на 730 милиони за 80 години. Во истражувањето се вели дека населението на Јапонија ќе се намали од 128 милиони луѓе, колку што имало во 2017 година на 60 милиони 2100 година. Населението на Тајланд ќе падне од 71 на 35 милиони, а населението на Шпанија ќе биде преполовено од 46 на 23 милиони луѓе. Италија од 61 до 31 милион, Португалија од 11 до 5 милиони и Јужна Кореја од 53 на 27 милиони.

Во субсахарска Африка во тој период тројно ќе се зголеми број на околу три милијарди луѓе, а населението на Нигерија ќе се искачи на 800 милиони до 2100 година и ќе биде на второ место зад Индија со 1,1 милијарди жители.

„Овие предвидувања сугерираат добри вести за животната средина, со помал притисок врз производството на храна и помалку емисии на јаглерод, како и значителни економски можности за делови од субсахарска Африка“, рече водачот на студијата Кристофер Мареј, директор на Институтот за здравствена проценка и мерење (ИХМЕ) на Универзитетот во Вашингтон за АФП.

„Повеќето земји надвор од Африка ќе имаат помалку работна сила и превртени популациски пирамиди, што ќе има длабоко негативни последици за економијата“.

За високо развиените земји од таа категорија, најдобро решение за одржување на нивото на население и економски раст ќе биде флексибилна имиграциска политика и социјална поддршка за семејства кои сакаат да имаат деца, се заклучува во студијата.

„Соочени со опаѓање на популацијата, постои реална опасност некои земји да размислат за ограничување на пристапот до активности за репродуктивно здравје, што може да има потенцијално катастрофални последици“, предупредува Мареј. „Најважно е женските слободи и права да се на врвот на развојната политика на секоја влада“.

866 милиони луѓе ќе бидат постари од 80 години

Социјалните и здравствените услуги треба да се реформираат за да можат да се грижат за многу постарата популација. Со опаѓање на стапката на плодност и зголемен животен век во светот, бројот на деца под пет години ќе падне за повеќе од 40 проценти, од 681 милиони во 2017 година на 401 милиони во 2100 година, се наведува во студијата.

На другиот крај на спектарот, 2,37 милијарди луѓе, повеќе од една четвртина од глобалното население, ќе бидат стари над 65 години. Оние постари од 80 години ќе бидат наместо денешните 140 милиони – дури 866 милиони.

Остриот пад на работоспособното население и односот на тој број кон неработното население ќе биде огромен предизвик за многу земји.

„Компаниите ќе се борат да напредуваат економично со помалку работници и со пониски даночни приходи“, вели професорот Штајн Емил Валсет од IHME.

Бројот на работоспособни лица во Кина ќе падне од денешните 950 милиони на нешто повеќе од 350 милиони до крајот на векот, што претставува пад од 62 проценти.

Падот на тој број во Индија ќе биде помалку стрмен – од 762 на 578 милиони.

Во Нигерија, од друга страна, работното население ќе се зголеми од денешните 86 милиони на повеќе од 450 милиони во 2100 година.

Нов свет и прераспределување на моќта

До 2050 година, БДП на Кина ќе го надмине оној на Соединетите држави, но до 2100 година ќе падне на второто место, предвидуваат научниците.

БДП на Индија ќе скокне на третото место, а Јапонија, Германија, Франција и Велика Британија ќе останат меѓу десетте најголеми светски економии. Според предвидувањата, Бразил би паднал од осмото на 13-то место, а Русија од 10. до 14. Историските сили Италија и Шпанија ќе испаднат од групата 15 најсилни на 25-то односно на 28-то место.

Индонезија ќе стане 12-та најголема економија во светот, а Нигерија, која моментно е 28-та, ќе стане десетта светска сила.

„До крајот на векот, светот ќе биде мултиполарен со Индија, Нигерија, Кина и Соединетите држави како доминантни сили“, рече Ричард Хортон, опишувајќи ја студијата како преглед на „радикалните промени во геополитичката моќ“.

Досега ООН, кој предвидуваше 8,5 милијарди жители во 2030 година, 9,7 милијарди во 2050 година и 10,9 милијарди во 2100 година, има монопол во предвидување на трендовите на раст на населението.

Разликата помеѓу проценките на ООН и IHME се заснова на разликите во стапките на плодност. За да се одржи популацијата, неопходно е секоја жена на раѓање да роди 2,1 деца. Користејќи ги податоците од Глобалната студија за оптеретување на болести од 2017 година, истражувачите предвидуваа дека населението во Азија и земјите од Источна и Централна Европа ќе се намали најбрзо.

ООН предвидуваат дека земјите со ниска плодност ќе ја зголемат стапката во просек од 1,8 деца по жена, вели Мареј.

„Нашата анализа сугерира дека жените со подобрено образование и поголем пристап до здравствени услуги ќе изберат да имаат просечно помалку од 1,5 деца“, вели тој.

„Постојаниот раст на светската популација во овој век веќе не е најверојатниот тренд во светската популација“.

Поврзани вести

„Супер вакцината“ против корона може никогаш нема да ја имаме

Решете го убиството на Кенеди: На интернет поставени клучни докази, истражете ја теоријата на залутаниот куршум (ВИДЕО)

Од каде насилство на германските улици?

Кому и зошто му одговараат политичките кризи во регионот

Stefanija Kuzmanovska

Како земја со 1,3 милијарди жители има само 200 заболени?

Враќање во нормален живот дури откако ќе инсталирате апликација за следење?