АНАЛИЗИ

Дигитална паника: Како СЗО ја прогласи првата инфодемија во историјата

Светската здравствена организација (СЗО) сè уште нема прогласено глобална епидемија на коронавирус, но има прогласено – инфодемија. За првпат во човечката историја се шират толку многу дезинформации за некоја болест, што започна да се загрозува работата на медицинските служби, пишува „Алџезира Балканс“.

Уште во средината на јануари, на кинеските социјални мрежи Веибо и ВеЧет започнаа да се шират паника и непроверени информации, кои веднаш беа пренесени на Фејсбук, Твитер и другите мрежи на кои ги споделуваа Кинезите кои живеат ширум светот. Не беше потребно долго време за таблоидите, порталите и медиумите желни за тираж низ целиот свет, да почнат да ја преувеличуваат ситуацијата.

Исто така, треба да се каже дека првите (оправдани) сомнежи на западните земји, како и на меѓународните здравствени организации, настанаа како последица на многу затворениот медиумски систем во Кина во кој строго се контролира протокот на информации.

Кинеските власти, плашејќи се од пандемија на непознат вирус, веднаш го затворија градот Вухан, каде што се наоѓа епицентарот на вирусот, што само им даде ветер во грб на непроверените вести и теории на заговор ширум светот.

Не ви треба вистина, имате Твитер

Некои од најсподелуваните објави на Твитер не само што не се од Кина – туку воопшто не се од 2020 година, а многу од нив и немаат никаква врска со епидемија од било кој вид. За една објава на која се прикажани лекари во „вселенски скафандери“, се тврдеше дека е од болницата во Вухан, сè додека многу корисници не забележаа слика од поранешниот американски претседател Барак Обама во еден од кадрите. Набрзо се дозна дека снимката е направена уште во 2011 година, а станува збор за воена вежба на САД во Јужна Кореја.

На друга, исто така масовно споделена објава, прикажани се голем број мртви животни, кои наводно биле запалени од полицијата во Кина за да се запре ширењето на болеста – сè додека некој не забележа возило од австралиската служба за шуми. Се разбира, тоа беше снимка од настраданите животни во неодамнешните пожари во Австралија.

Вклучете го телевизорот, исклучете го мозокот

За само неколку недели, сите медиуми на планетата имаа емисии за коронавирусот на кои гостуваа секакви аналитичари, лекари, па дури и јавни личности. Пред скоро време се дозна и дека кинескиот претседател Си Џинпинг знаел за појавата на коронавирусот долго пред јавно да се соопшти.

Сепак, многу медиуми не ја презентираат другата страна на епидемијата. Хрватскиот научник Игор Штагљар дури направи и пресметка за ширењето на вирусот, според која дури 99,3 проценти од граѓаните на Вухан немаат вирус, а градот е светски епицентар на епидемијата. Исто така, сите 16 пациенти во Виетнам успешно се опоравија.

Избувнувањето на овој вирус веднаш доведе до развој на бројни теории на заговор. На еден портал неколку автори тврдеа дека коронавирусот е „ционистички заговор за убивање на третина од светската популација со цел да се воведе Новиот светски поредок“. Многумина исто така гледаат и „заговор на САД и Велика Британија за уништување на азиската економија со вирус направен во лабораторија“.

Колкава е одговорноста на медиумите?

Нема сомнеж дека одговорноста на новинарите и вработените во медиумите во вакви случаи е голема бидејќи паника и непроверени информации се шират и преку медиумите.

Лекарите апелираат луѓето да ги следат упатствата на лекарите и стручните лица, а не на разните медиуми и социјални мрежи.

Сепак, интернетот исто така овозможува и лесно да ја проверите точноста на информациите.

Социјалните мрежи не се лек

Во меѓувреме, Фејсбук отстрани неколку илјади страници кои шират дезинформации и пропаганда поврзани со коронавирусот. Исто така, отстранети се стотици страници кои продаваат „проверени“ лекови за коронавирусот.

За време на целата оваа епидемија на (лажни) информации на Интернет, има (малку комични) коментари од балканските земји. Имено, на скоро секоја вест за коронавирусот, следат и коментари со „традиционални“ балкански решенија.

„Само лук, ракија и домашна мед“, пишува во еден од коментарите, додека друг го дополнува со свој коментар: „Слушнав и дека лутата пиперка помага многу“.

Луѓето по природа се склони да прифаќаат разни препораки, вистинити или полувистинити. Но кога станува збор за епидемии, не само на коронавирус туку и други, треба да се слушаат советите и препораките на лекарите и експертите, а не на Фејсбук и Твитер.

Поврзани вести

Што може да направи Панцир-С1?

Stefanija Kuzmanovska

Курц: Доколку ја пробијат грчката граница, мигрантите ќе бидат запрени на Западен Балкан

Stefanija Kuzmanovska

Мигрантска криза: ЕУ ги прифаќа принципите на Орбан

Stefanija Kuzmanovska

„Армијата на бели мантили“: Кубанските лекари можеби се клуч на решението против Ковид-19

Коронавирусот ја уби „милениумската генерација“

Stefanija Kuzmanovska

Кои се кандидатите за наследник на Меркел на канцеларската позиција во Германија?

Влатко Зорба