АНАЛИЗИ

ЕВРОПА ЗАВИЕНА ВО ЦРНО Бројот на заразени расте секој ден, но тоа не е она што ЗАГРИЖУВА најмногу

Дневниот број на жртви во Европа од Ковид-19 се зголеми за скоро 40% во споредба со претходната недела, изјави Светската здравствена организација (СЗО) за Би-Би-Си.

Портпаролката на СЗО, д-р Маргарет Харис изјави дека бројот на смртни случаи особено расте во земји како Франција, Шпанија, Велика Британија, Холандија и Русија.

– Загрижувачки е што единиците за интензивна нега во болниците почнуваат да се полнат со многу болни луѓе. И покрај подобро управување со болничките капацитети, болниците во неколку земји брзо се полнат – предупреди таа.

Како што рече таа, гледаме интензивно и навистина алармантно зголемување на случаи и смртност на коронавирус низ целиот европски регион.

Според неа, ефективноста на новите ограничувања наметнати во голем број европски земји може да се анализира едвај за две недели поради „доцнење“.

– Ќе видиме намалување на бројот на случаи, но тоа нема да се случи преку ноќ – рече портпаролот на СЗО.

На прашањето дали вториот бран ќе биде полош од првиот, таа одговори: „Ќе видиме друг вид на врв“.

И, бројките што ги пријавуваат земјите навистина изгледаат загрижувачки.

Рекорден број на смртни случаи од коронавирусот, 346 лица, беше потврден вчера во Русија, објави кризниот штаб на таа земја. Претходниот ден беа забележани 320 смртни случаи.

Русија има четврти најголем број случаи на ковид-19 во светот по САД, Индија и Бразил.

Од среда, маските за лице се задолжителни во сите потенцијално преполни области, вклучително и јавен превоз, такси, паркиралишта и лифтови, рече надзорникот на јавното здравство „Роспотребнадзор“. Регионалните власти ќе бидат одговорни за спроведување на новите правила. Русија усвои слични мерки на почетокот на избувнувањето на болеста во пролетта, но ги укина во јули, бидејќи се намали бројот на случаи. Покрај тоа, шефот на „Роспотребнадзор“, Ана Попова, препорача ноќен полициски час за барови, ресторани и други јавни места.

Бројот на смртни случаи во Италија исто така драматично се зголеми. Скоро 25.000 новозаразени со вирусот и 205 смртни случаи во текот на вчерашниот ден, построги ограничувања, протести во градовите, но и редици во брза помош кои, како и во Рим, чекаат ред со часови за да се ослободи болнички кревет за да може пациентот да биде сместен и да тргнат по друг – тоа е, според медиумите, денес „ковид- сликата“ за Италија.

Владата на премиерот Џузепе Конте, по усвојувањето на указот за ограничувачки мерки воведени за запирање на експоненцијалното ширење на вирусот, одобри пакет грант од шест милијарди евра за активности што ќе имаат најголема штета поради „мини карантин“.

– Ние правиме големи напори да избегнеме целосно затворање. Можете да ги критикувате нашите мерки, тоа е легитимно право, живееме во демократско општество, но сакам да истакнам дека не сме донеле неселективни мерки. Тие беа неопходни со цел да се намалат социјалните собири каде што се шири вирусот – рече премиерот Конте.

Во Германија, во последните 24 часа се потврдени 16.774 нови случаи на коронавирус, што е највисок дневен биланс од почетокот на епидемијата, објави Институтот Роберт Кох.

Претходниот рекорд беше поставен во саботата, кога беа евидентирани 14.714 новозаразени и оттогаш се намалува дневниот број на нови случаи. 89 лица починаа од последниот пресек, пренесува Ројтерс.

Бројот на смртни случаи од Ковид-19 во Белгија надмина 11.000, а бројот на смртни случаи на дневна основа оваа недела стана трицифрен. Во текот на изминатата недела во просек секој ден во земјата се заразуваат по 14.000 лица.

Во понеделникот, на 26 октомври, беа забележани 104 смртни случаи на Ковид-19, што е првпат од првиот пролетен бран дневниот број на смртни случаи во Белгија да се брои со три цифри.

Националниот институт за јавно здравје „Сиенкано“ наведува дека од почетокот на пандемијата во Белгија, 347.289 лица биле заразени со вирусот, а починале 11.038 лица.

Вчера во Украина беа регистрирани 7.474 нови случаи на корона, а 165 лица починаа како резултат на инфекцијата, што е најмногу за еден ден од почетокот на пандемијата. Вкупниот број на заразени достигна 363.075, а починатите 6.755.

Вчера во Полска беше пријавен рекорден дневен број на лица заразени со вирусот, како и смртни случаи поврзани со Ковид-19-, соопшти полското Министерство за здравство.

Според извештајот на Министерството, други 18.820 лица биле позитивни на вирусот, а 236 пациенти починале.

Во Унгарија вчера беа потврдени 2.291 нов случај, а 43 лица починаа, објавено е на официјалната веб-страница за следење на епидемијата. Во моментов има 47.257 активни случаи во таа земја.

Во Романија, други 6.481 лице се разболе од коронавирус во последните 24 часа, додека 81 лице почина, што е рекорден по бројот на новозаразени.

Тестирани се 36.169 лица, вкупно 3.133.809 од почетокот на пандемијата, пренесува агенцијата „Азерпрес“. Во моментов хоспитализирани се 10.975 лица, од кои 868 се на интензивна нега, што е највисоко досега.

ВИСОКИ БРОЕВИ НА БАЛКАНОТ

Драматично е и во земјите од Балканот.

Бројот на нови случаи на коронавирус за еден ден во Словенија за прв пат надмина 2.000 вчера, па беше поставен рекорд, кој веќе е соборен денес – 2.488 новоинфицирани.

Според ТВ Словенија, во тој период биле тестирани 7.471 примерок, што значи дека скоро 35 проценти од испитаните биле позитивни.

660 лица се лекуваат од коронавирус во болниците, од кои 109 се на интензивна нега и 56 се на апарати за дишење.

Во последните 24 часа во Хрватска се регистрирани 2.776 новоинфицирани со вирусот и 18 смртни случаи, соопшти денеска Националниот штаб за цивилна заштита. Ова е најголем број на смртни случаи за еден ден од почетокот на епидемијата во Хрватска.

Сепак, СЗО вели дека нема да го доживуваме сценариото од април, кога бројот на жртви во првите земји на удар на короната беше огромен, а здравствените системи „пукаа“.

– Добрата вест е дека нашите болници многу подобро разбираат што се случува тука – рече д-р Харис и додаде дека тие исто така знаат дека „она со што ќе се соочат ќе биде мрачно“.

Според неа, добро е што меѓу новите пациенти нема премногу стари лица.

– Друга добра работа во извесна смисла е што многу голем број што ги гледаме се во групи кои идеално нема да преминат во посериозна болест – тоа се помлади групи. Но, тоа не е гаранција. Тие два фактори сугерираат дека можеби не гледаме страшно зголемување на смртноста што го видовме во април, рече д-р Харис.

Поврзани вести

Лондон најавува „тврди“ трговски преговори со САД

Stefanija Kuzmanovska

Зошто социјалната дистанца ни паѓа толку тешко?

Stefanija Kuzmanovska

Дали децата се значаен извор на пирењето на коронавирусот?

Влатко Зорба

Заканата од климатски промени може да ги обедини светските сили

Stefanija Kuzmanovska

Вакцината против туберкулоза помага против коронавирус?

Stefanija Kuzmanovska

Изборите во САД може да завршат со крвопролевање

Влатко Зорба