АНАЛИЗИ

Генерација корона: Како пандемијата влијае на младите?

Во областа Берлин-Нојкелн, во петок навечер сè е полно со млади луѓе. Но, последиците од зголемувањето на бројот на новозаразени лица веќе може да се видат во девет и пол часот навечер. Баровите се уште се полни колку што дозволуваат правилата за растојание, што значи дека тие се полупразни во споредба со вообичаените гужви во петок.

Гостите седат тивко, носат маски на маси за фудбал и за билјард. Нема повеќе луѓе пред вратата, како што беше случај пред десет дена.

Спорадичните туристи бараат остатоци од ноќниот живот. Еден случаен минувач вели дека луѓето во триесеттите години се посериозно погодени од ограничувањата отколку младите: „Можеби бараат некој за да основаат семејство. Ова ги намалува шансите да запознаат некого “, рече тој.

„Не е како порано“

Шлеската порта (Schlesisches Tor) десет минути пред задолжителниот фајронт во 23 часот. Пред да се затвори барот, Лајнус пие уште едно пиво. Тој штотуку наполни осумнаесет години: „Да, јас ги следам правилата во врска со короната. Но, ништо не е како порано, кога можеше да одиш тука и таму и да разговараш, да поминеш убава вечер“.

Неговиот пријател Лиам додава: „На младите им е тешко да држат граници. Јасно е дека сакаме да се дружиме. Но, исто така е јасно дека треба да ги заштитиме постарите луѓе“.

Овие млади луѓе не се залагаат предлогот федералната полиција да биде вклучена во контролата за придржување на мерките. Тие велат дека разбираат полицијата да интервенира кога станува збор за голем собир од педесет или повеќе лица, но тие не одобруваат казна за најмало дело.

Пропуштени шанси

Мајкл Корстен, професор по социологија на Универзитетот во Хилдесхајм, своето истражување го насочи кон „генерацијата на короната“. Тој спроведе истражување меѓу младите за „физичката оддалеченост“. Резултатите се изненадувачки. „Иако оваа генерација рутински користи дигитални социјални мрежи, голем број млади луѓе се многу добри во разликувањето помеѓу реалниот и дигиталниот свет“, вели Корстен.

Тој смета дека пандемиската криза ќе има долгорочни последици врз планирањето на животот кај младите. Веќе постои цела генерација чија иднина чека и мора постојано да наоѓа нова ориентација.

Тоа, според професорот Корстен, може да доведе до голема фрустрација. Некои шанси за стекнување знаење и искуство, како и за приватниот живот не можат да се надоместат, вели тој, и како пример ја наведува вообичаената година на волонтерска работа во странство по средното училиште.

Професорката по економија Регина Рифан очекува оваа генерација да има таканаречени „ефекти на лузни“ – затоа што младите многу ќе пропуштат на училиште и на колеџ. Поради кризата, додава Рифан, тие ќе бидат платени помалку по првото работно место отколку генерациите пред нив, а тоа можеби нема да може да се подобрува во текот на целата нивна кариера.

„Ние нема да си легнеме во единаесет навечер“

Петнаесет минути по официјалниот фајронт во Берлин. Три другарки, Неле, Јоланда и Белен, дури сега би излегле под нормални околности. Тие штотуку ги завршија студиите или професионалната обука и сметаат дека пандемијата им ја гуши радоста во животот.

„Мислевме дека по студиите или стручното училиште можеме да направиме нешто навистина добро“, вели Неле и се жали дека сè е готово пред да започне. „Сакавме да патуваме во странство, навистина да патуваме. Ги имаме нашите дипломи во џеб, а сега сето ова ни оди на нерви “, додаде таа.

„Сите се помирија со ситуацијата. Но, за многумина тоа значи одземање на нивната лична слобода за да не можат да излегуваат навечер. Сепак, на некој начин, тоа ни треба“, вели Белен.

Таа додава дека во единаесет навечер, веќе не можат да одат никаде. „Се разбира, нема да формираме голема група, но нема да легнеме во единаесет во петок“, вели Белен.

Социологот Корстен смета дека ова е природна генерациска потреба: „Прославите на помлада возраст значат и прегорување. Еден млад човек сака да ги тестира границите. И тоа заедно со други луѓе “.

„Корона генерацијата“ се подготвува за нови ограничувања. Оние што ги сретнавме во Берлин велат дека ќе ги почитуваат сите мерки. Но, на сите им е јасно дека ќе пропуштат многу во берлинските ноќи.

Извор: Дојче веле.

Поврзани вести

Зошто Русија го осуди Пол Вилан?

Влатко Зорба

ИЗБОРИ 2020: Партиска визија за дигитална Македонија, чија понуда ќе победи?

Влатко Зорба

Дали топлото време навистина ќе го убие КОВИД-19?

Влатко Зорба

Чекор по чекор во нормалност

Stefanija Kuzmanovska

Дали коронавирусот ќе предизвика втора „арапска пролет“?

Влатко Зорба

Се што треба да знаете за лекот Ремдесивир, кој Трамп го прими во болница

Stefanija Kuzmanovska