АНАЛИЗИ

Како светот се подготвува за вториот бран?

Прво се расправаше за тоа, но набргу стана еден вид консензус дека никој во светот не е подготвен за првиот бран на коронавирус што ги уништи сите земји во поголема или помала мера. Дали е можно, тогаш, да се подготвиме за вториот? Различни земји имаат различни стратегии.

Во првиот бран, националните влади се обидоа да тестираат што повеќе луѓе, но факт е дека немаше доволно тестови. Во исто време, никој не најде точен начин да се запре ширењето на вирусот.

Со мерки за заштита како што се карантин и полициски час, вирусот на некои места е привремено ставен под контрола, што резултираше со затишје неколку месеци. Во тој период, од пролетта, голем дел од училиштата се отворени, на економијата на глобално ниво и е дадена можност малку да порасне, а националните влади имаат шанса да се подготват за вториот бран – што епидемиолозите тврдат дека е неизбежен.

Секоја земја исто така го користеше овој период на одмор поинаку, но суштинската цел на секој нововоспоставен систем беше да се бори против ширењето на болеста преку ефективно тестирање и следење на контактите. Ако која било земја сака да го спречи вирусот и неговото неконтролирано ширење, пишува „Гардијан“, таа мора да има увид во тоа како и каде се шири.

Тестирај, тестирај, тестирај

Кина и Нов Зеланд забележаа релативно мал број нови случаи по веста дека вирусот е елиминиран во овие земји. Во двете земји сè уште важи многу строга забрана за патување и тоа практично значи дека граѓаните на Кина и Нов Зеланд живеат во тотална изолација од остатокот од светот.

Ригорозните правила за карантин спречуваат увезените случаи да предизвикаат нови локални жаришта за пренос.

И Нов Зеланд и Кина почувствуваа од прва рака колку е тешко да се спречи Ковид-19 до крај – откако прогласија победа над епидемијата, обете земји забележаа нови жаришта, иако ниту една влада не беше во можност да го открие оригиналниот извор на инфекцијата.

Исто така, овие две земји докажаа дека клучот за воспоставување контрола над вирусот е брзо тестирање и наоѓање контакти.

Не радувај се прерано

Земјите од Централна и Источна Европа – нешто неочекувано, рака на срце – релативно успешно го надминаа првиот бран и првиот удар на пандемијата. И покрај слабите здравствени системи, Чешка и Унгарија до неодамна забележаа многу помалку заразени и смртни случаи отколку западноевропските земји.

Меѓутоа, сега, бројките во Централна Европа вртоглаво растат; успехот на почетокот на пандемијата ги натера граѓаните да се спротивстават на порестриктивните мерки, и бидејќи овие земји се предводени од популистички лидери кои се особено чувствителни на каква било промена во јавното мислење, владите се со помала веројатност да одат против граѓаните и присилно да наметнат мерки за заштита.

Премиерот на Чешка, Андреј Бабиш, самиот призна дека владата ги олабави првично воведените мерки за заштита на јавното здравје – меѓу другото, и обврската да се носат маски во затворено – поради големиот притисок на јавноста.

Подготвени за „црниот октомври“

Ако коронавирусот продолжи да се шири брзо во Велика Британија, може да има до 50.000 нови случаи и 200 смртни случаи на ден, а земјата ја чека ново заклучување.

Британскиот премиер Борис Џонсон размислува да воведе нова национална блокада, заклучување, додека растечката епидемија на коронавирус се заканува да го уништи економското закрепнување и да врати во изолација милиони луѓе.

Новите случаи во Велика Британија растат со стапка од 6.000 заразени на ден, приемот во болница се удвојува на секои осум дена, а системот за тестирање ослабува.

Иако економијата е на работ, повеќето експерти се согласуваат дека можеби се потребни построги мерки за да се избегне тотален колапс на земјата.

Учи од оние кои знаат како да се подготват

Германија и Јужна Кореја се меѓу најбрзите што воспоставуваат сложени системи за тестирање и следење на контакти; на овој начин беше можно да се утврди каде и како се шири вирусот.

Германија ги тестираше сите граѓани што се вратија од годишен одмор во текот на летото, со што се минимизира бројот на увезени случаи и иако бројот на заразени повторно расте, а водечки виролог предупредува дека „зимата нема да биде лесна“, сепак скокот е благ.

Јужна Кореја е меѓу првите земји во светот што објави дека официјално влегле во вториот бран, но се чини дека бројот на новозаразени е под контрола. Дневниот раст засега се забавува.

Делумен карантин како опција

И Шпанија и Австралија првично успешно се бореа против пандемијата, иако применуваа сосема различни пристапи.

Канбера реши да ги запечати границите и да ја изолира земјата од остатокот од светот, додека Шпанија ова лето сепак прими туристи со цел да спаси барем дел од туристичката сезона, што е од витално значење за шпанската економија.

Двете земји забележаа зголемување на бројот на заразени, а потоа воведоа делумен карантин. Сепак, дури и за ваков делумен карантин да биде ефективен, потребно е да се тестираат и следат контактите за да се знае сигурно каде се шири вирусот и на кој начин, а со тоа да се идентификуваат потенцијалните или постојните жаришта.

Областите околу Мадрид се подготвуваат за построги мерки, иако централната влада се обидува да го неутрализира отпорот на граѓаните со тоа што новововедените мерки не ги нарекува карантин. Ограничувањата ќе важат за областите што бележат повеќе од илјада случаи на 100.000 жители и ќе влијаат на околу милион луѓе кои нема да можат да ги напуштат своите домови освен ако не одат на работа, на лекар или на училиште.

Во нов карантин

Пред неколку дена, Израел воведе тринеделен карантин – втор по ред на национално ниво – со цел да се обиде да го спречи ширењето на коронавирусот, бидејќи бројот на пациенти не се намалува со месеци.

Новите мерки што стапија на сила вклучуваат затворање на многу деловни активности, строги ограничувања на јавни собири и генерално ќе го ограничат движењето на луѓето на еден километар од нивните домови.

Затворањето се совпаѓа со еврејската Нова година, кога луѓето обично ги посетуваат своите семејства и се собираат на големи молитвени служби, па властите сметаат дека ова ќе спречи ширење на вирусот во семејните кластери.

Имунитетот е секогаш важен

Јужна Африка воведе еден од најстрогите карантини во светот, а потоа се подготви за пик на бројот на заразени и мртви. Сепак, пикот не дојде, барем засега. Научниците се обидуваат да откријат како земја во која социјалното растојание е практично невозможно поради сиромаштијата успеа да избегне „дивеење“ на вирусот.

Една теорија е дека популацијата таму е релативно млада и со тоа е поотпорна на вирусот. Втората хипотеза е дека луѓето во оваа област нормално живеат во големи заедници и се изложени на други болести како што е настинката, и дека затоа имале посилен имунитет на почетокот на пандемијата.

Поврзани вести

Дали коронавирусот ќе предизвика втора „арапска пролет“?

Влатко Зорба

Коронавирусот го руши светскиот поредок, но кои ќе бидат најважните политички последици?

Кои се „антимаскерите“ и зошто бараат да им се дозволи да излезат надвор без маска?

Stefanija Kuzmanovska

Зошто коронавирусот е посмртоносен за постарите граѓани?

Како земја со 1,3 милијарди жители има само 200 заболени?

Зошто Русија го осуди Пол Вилан?

Влатко Зорба