АНАЛИЗИ

Коронавирус: Зошто во некои земји се носат маски, а во други не?

Сите оние кои деновиве излегуваат на улиците во Хонг Конг, Сеул или Токио без маска, се најверојатно гледани „под око“.

Од почетокот на епидемијата на коронавирусот, некои места воведоа носење маски за сите граѓани, а секој фатен без тоа ризикува да биде социјално изложен.

Но, во многу други делови на светот, од Србија и САД до Сиднеј и Сингапур, сè уште е совршено прифатливо да шетате наоколу со откриено лице.

Фактот дека некои земји воведуваат носење маска, додека други ја отфрлаат, не е само прашање на владини директиви и совети за здравство – станува збор и за култура и историја. Но, како што се влошува пандемијата, ќе се промени ли и тоа?

Официјалниот став кон маските за лице

Од избувнувањето на епидемијата на вирусот, официјалниот совет на Светската здравствена организација е јасен. Само два вида на луѓе треба да носат маски: оние кои се болни и покажуваат симптоми и оние кои се грижат за лица за кои постои сомневање дека имаат вирус на корона.

Никој друг не мора да носи маски за лице, а има и неколку причини за тоа.

Едно е дека маската не се перцепира како сигурна заштита, бидејќи сегашните истражувања покажуваат дека вирусот се шири преку капки и преку контакт со загадени површини. Така може да ве заштити, но само во одредени ситуации, како на пример кога сте во близина на други луѓе каде заразеното лице може да кива или кашла близу вашето лице. Затоа експертите велат дека миењето раце со сапун и вода е многу поефикасна мерка.

Отстранувањето на маската бара посебна грижа за да се избегне загадување на рацете и може да ви даде лажно чувство на сигурност.

А сепак, во некои делови на Азија, сите сега автоматски носат маски за лице – тоа се доживува како побезбедно и поискрено кон другите.

Во копнена Кина, Хонг Конг, Јапонија, Тајланд и Тајван, претпоставката е дека секој може да биде носител на вирусот, дури и здравите. Затоа, во духот на солидарност, треба да ги заштитите другите од себе.

Некои од владите во овие земји ги повикуваат сите граѓани да носат маски, а во некои делови на Кина дури може да бидете уапсени и казнети ако не го сторите тоа.

Во Индонезија и Филипини, каде има сомневања за многу непријавени случаи, повеќето луѓе во големите градови започнаа да носат маски за да се заштитат од другите.

Во многу од овие земји, носењето маска беше културна норма уште пред појавата на епидемијата на вирусот. Дури и стана моден елемент – во еден момент, маските на „Хело Кити“ беа хит на улиците во Хонг Конг.

Во Источна Азија, многу луѓе се навикнати да носат маски кога се болни или во сезоната на алергија на полен, затоа што се смета за грубо да се кива или кашла отворено. Епидемијата од САРС во 2003 година, која зафати неколку земји во регионот, исто така ја истакна важноста за носење маска, особено во Хонг Конг, каде има многу смртни случаи од овој вирус.

Значи, една клучна разлика помеѓу овие и западните општества е во тоа што тие биле заразени порано – и сеќавањата за тоа се сè уште свежи и болни.

Во Југоисточна Азија, особено во густо населените градови, многумина носат маски на улиците едноставно заради загадувањето.

Но, тоа не беше примено насекаде во Азија – владата во Сингапур ја повика јавноста да не носи маски за да се увери дека има доволно потрошен материјал за здравствените работници и повеќето луѓе шетаат без нив. Постои значителна доверба на јавноста во владата, така што луѓето се склони да се придржуваат кон ваков совет.

Маска како социјален поттик

Некои тврдат дека носењето маска, како многу визуелен потсетник за опасноста од вирус, всушност може да ви послужи вас и другите како „поттик за одреден вид на однесување“, за целокупна подобра лична хигиена.

„Да носиш маска за лице секој ден пред да излезеш е како ритуал, а во тоа ритуално однесување сметаш дека треба да си достоен за тоа каква е таа униформа, а тоа е повеќе хигиенско однесување, како на пример да не се допира лицето или да се избегнуваат сообраќајни места и социјална дистанца“, вели Доналд Ло, бихевиорален економист и професор на Универзитетот за наука и технологија на Хонг Конг.

Исто така, постои идеја дека дури и малите работи значат многу во војната што светот ја објави на вирусот.

„Не можеме да кажеме дека маските се неефикасни, но претпоставуваме дека тие имаат барем одреден ефект, затоа што тоа е заштитата што им ја даваме на здравствените работници“, вели Бенџамин Каулинг, епидемиолог од универзитетот во Хонг Конг.

„Ако маската се користи од многу луѓе во густонаселени области, мислам дека има некаков ефект врз јавното ширење на заразата и во моментот бараме мала мерка што може да го намали преносот – на крајот тоа прави разлика“.

Но, има и недостатоци, се разбира. Некои места како Јапонија, Индонезија и Тајланд моментно се соочуваат со недостиг од маски, а Јужна Кореја мораше да воведе рационализирање на маски.

Владата стравува дека луѓето на крајот може повторно да започнат со употреба на истите маски – што е нехигиенски – да користат маски што се продаваат на црно или да носат маски од домашни работилници, што може да бидат со лош квалитет и затоа практично бескорисни.

Луѓето кои не носат маски на тие места беа стигматизирани до тој степен што беа исфрлани од продавници и згради или им беше забранет влез.

Во Хонг Конг, некои таблоиди објавија фотографии од западни луѓе кои немаат маски и се собираат во групи во градот за ноќен живот и ги критикуваа иселениците и туристите дека не преземале доволно мерки на претпазливост.

Но, дискриминацијата е двонасочна во овој случај.

Во земји каде носењето маски не е норма, како на пример на Запад, оние што носат маски се исмејувани, па дури и малтретирани. Не помогна дека многумина од маскираните мажи се Азијци.

Но, оние општества кои се залагаат за носење маски може да бидат во право и експертите сè повеќе го доведуваат во прашање официјалниот став на СЗО.

Нерешени случаи

Како прво, се зголемуваат доказите дека има повеќе „тивки носители“ или здрави луѓе со вирус кои покажуваат малку или никакви симптоми отколку што сметале експертите од прва.

Во Кина, се проценува дека третина од сите позитивни случаи не покажуваат никакви симптоми, според строго доверливи податоци на кинеската влада, до кои пристап има „Сау Чајна морнинг пост“.

Околу половина од повеќе од 600 позитивни случаи немаа никакви симптоми на крузерот „Дајмонф принцес“, кој беше закотвен во Јокохама.

Сличен дел од асимптоматски случаи е забележан и во Исланд, кој тврди дека тестира поголем процент на граѓани од кое било друго место во светот.

Верувањето е дека затоа што овие луѓе не покажуваат симптоми и не се многу заразни. Но, некои сега го доведуваат тоа во прашање. Можеби ако сите носеле маски, овие тивки носачи на вируси не би се претвориле во носители?

Поврзани вести

Научниците го следеа вирусот од влегувањето во организмот и еве што таа болест точно му прави на телото

Зошто ЕУ ја игнорира трагедијата во Италија?

Stefanija Kuzmanovska

Мигрантска криза: ЕУ ги прифаќа принципите на Орбан

Stefanija Kuzmanovska

Доктор Роберт Торе: Немојте да се сожалувате и немојте да се надевате

Денес херои, а утре?

„Златните пасоши“ на Малта: Зошто богаташите ги сакаат?