АНАЛИЗИ

Коронавирусот во Европа – нов тест за ЕУ

Бројот на смртни случаи во Италија, каде беше забележена најголемата епидемија на коронавирусот во Европа, вчера се зголеми на седум, а бројот на новозаразени се искачи на повеќе од 220. Властите изолираа поголем дел од северот на државата за да го спречат ширењето на вирусот, објави „Радио Слободна Европа“.

Со брзото ширење на коронавирусот во северна Италија, европските лидери се соочени со можеби најголемиот предизвик од мигрантската криза, кој исто така би можел да ги стави на тест отворените граници меѓу земјите на ЕУ и здравствените системи во рамките на земјите членки, пренесуваат светските медиуми.

Изолација и тестирање на европските граници

Коронавирусот ги тестира отворените граници на Европа, додека расте бројот на смртни случаи во Италија, што по Кина и Јужна Кореја сега е третата земја во светот во која вурусот нагло се прошири.

Властите во Италија, каде вчера беше потврдена седмата смрт од коронавирусот, воведоа карантин и други ограничувања на северот на земјата затворајќи ги училиштата, универзитетите и музеите. Властите забранија јавни и приватни собири, вклучително и фудбалски натпревари, културни и забавни настани – во Милано, оперската куќа „Скала“ беше затворена, додека карневалот во Венеција беше завршен пред време. Католичката црква исто така ги откажа сите најавени маси, а во одредени области беа откажани погребите.

Кризата ја доведува во прашање посветеноста на Европа да ги задржи границите отворени за да се патува слободно, што е темелен принцип на Европската унија. Австрија во неделата привремено ги запре возовите од Италија по стравувањата дека двајца патници на истиот воз би можеле да се заразени со вирусот. Исто така, во Романија властите барале писмени изјави за нивното сместување во земјата од сите 140 патници кои пристигнале со авион од Италија.

Изгубено чувството за далечина

Европа се соочи со првото поголемо избивање на коронавирусот и загрижувачкото зголемување на случаите во Италија за само неколку дена го разниша чувството за безбедност и далечина што голем дел од континентот го чувствуваше во последните месеци, дури и кога вирусот зарази повеќе од 78.000 ширум светот и уби повеќе од 2.400 луѓе.

Доколку вирусот се прошири, основниот принцип на отворените граници во поголем дел од Европа, кој е толку клучен за идентитетот на блокот, ќе биде подложен на стрес-тест, а исто така на тест ќе бидат ставени и европските системи за јавно здравје.

Страв од прекугранично ширење

Австрија привремено го прекина железничкиот сообраќај на границата со Италија, додека Словенија и Хрватска вчера одржаа кризни состаноци, иако во тие земји не се пријавени случаи на коронавирус. Хрватска најави дека ќе следи сите патници кои доаѓаат од Италија.

Комесарот за кризи на ЕУ, Јанез Ленарчиќ, рече дека доколку земјите-членки на ЕУ преземат одредени мерки, тие треба да се засноваат на веродостојна проценка на ризикот и научни докази и дека членките треба да дејствуваат како унија, а не индивидуално.

Ленарчиќ истакна дека правилата што ја регулираат европската област на патување без шенгенски пасош дозволуваат да се затворат границите во случаи на загриженост за јавната безбедност и дека само земјите-членки можат да одлучат дали повторно ќе воведат гранична контрола.

Мистериозниот нулта пациент

Италијанските власти се обидуваат да откријат кој бил нулта пациентот во ширењето на најголемата епидемија на коронавирусот во Европа.

Надлежните допрва треба да го најдат првиот носител на вирусот во земјата. Првиот пациент сè уште не е идентификуван „што го отежнува предвидувањето на можни нови случаи“.

Прашање на инкубација

Постојат индикации дека периодот на инкубација на коронавирусот може да биде подолг од 14 дена, што потенцијално би ги довело во прашање моменталните критериуми за карантин, дури и додека епидемијата се шири во нови региони, сметаат научниците кои ги проучувале првите случаи на коронавирус во Кина.

Поврзани вести

Најчесто поставувани прашања за коронавирусот

Stefanija Kuzmanovska

„Блумберг“: Социјалдемократите во Европа се пред исчезнување

Влатко Зорба

Проф. Д-р Наумова: Колективните кризни состојби не водат автоматски до психолошка апокалипса

Stefanija Kuzmanovska

Белоруска опозиција: Не сакаме крв ниту „украинско сценарио“

Stefanija Kuzmanovska

Оваа жена е добитничка на Пулицеровата награда и ја предвиде короната: Сега открива што ни следува

Дали ЕУ ќе го преживее коронавирусот?

Stefanija Kuzmanovska