АНАЛИЗИ

Криминалците го искористуваат стравот на Европа од вирусот

Од шверцување хируршки маски со низок квалитет до продажба на лажни лекови и компјутерска измама, криминалците наоѓаат начини да профитираат за време на пандемијата од коронавирусот, предупредува европската полиција.

Со затворени милијарди луѓе во нивните домови и граници затворени, шефовите на полиции велат дека е тешко за криминалците да заработат пари за „традиционални“ активности, како кражба, провална кражба или трговија со дрога.

Затоа тие ги искористуваат стравовите на луѓето од пандемијата, да им продаваат заштитна опрема со сомнителен квалитет или со измама да им ги извлечат парите преку Интернет, предупредува европската полициска агенција Европол.

„Криминалците се заинтересирани само за една работа: како можат да заработат повеќе пари“, изјави директорот на Европол, Кетрин Де Бол, за АФП.

„Затоа ја искористуваат пандемијата и го менуваат начинот на кој функционираат“, додаде таа, пренесува Хина.

Полицијата ширум светот заплени 34.000 лажни хируршки маски во голема операција против „корона криминалците“ претходно овој месец, објави Европол во извештајот во петокот.

Сајбер криминалот е во пораст

„Криминалците брзо ги прилагодуваат добро познатите шеми за измама за да профитираат од вознемиреноста и стравот од жртвите за време на криза“, се додава во извештајот.

Во многу европски земји, полицијата бележи драматичен пад на вообичаеното криминално однесување.

Шпанската полиција соопшти дека има околу 50 проценти помалку прекршоци споредено со минатата година, бидејќи земјата е скоро целосно во карантин.

„Мерките несомнено ја попречуваат криминалната активност“, рече шпанскиот заменик директор на полицијата, Лорентино Цена.

Шведска, исто така, бележи пад на  кражби откако граѓаните беа замолени да работат од дома.

Сепак, постојат растечки форми на криминал со кои се обидува да се заработат пари во пандемија.

Австрискиот министер за внатрешни работи Карл Нехамер изјави дека „има значителен пад на кражби, но сајбер-криминалот е во пораст“.

Светската здравствена организација (СЗО), која е во првите редови на борбата против пандемијата, предупреди за значителен пораст на уцени преку е-пошта и измами насочени кон кражба на пари и чувствителни информации.

Лажни мејлови за уцена

Агенцијата за криминали во Велика Британија соопшти дека криминалците се „мета на луѓе кои сакаат да купат медицински материјали преку Интернет, испраќајќи им е-пошта со лажна медицинска помош, измамувајќи ги оние кои можат да бидат ранливи или изолирани дома“.

И во Германија „сајбер-криминалците ја искористуваат сегашната загриженост на луѓето за вирусот КОВИД-19 и испраќаат лажни мејлови за уцена или го користат нивниот страв да ги измамат“, велат од полицијата.

Во Италија, најтешко погодена од вирусот во Европа, расте загриженоста дека малите бизниси, заради немање пари, би можеле да се обратат кон мафијата за да ги спасат.

Данската влада вети високи казни за лицата кои крадат средства за дезинфекција и измамници кои позираат како здравствени работници.

Полицијата исто така предупреди за измамници со заштитни маски, кои тврдат дека тестираат за вирусот за да ги пуштат луѓето во нивните домови, а потоа ги ограбуваат.

Тука најранливи се постарите лица.

Заканата од сексуални предатори, што демнат млади луѓе, кои сега поминуваат уште повеќе време пред компјутерскиот екран, расте, предупредуваат властите.

„Најлошото излегува на површина“

„Имавме извештаи на веб-страниците каде сторителите разговараат за тоа како да ја искористат ситуацијата во која се наоѓаме сега“, рече за АФП Ана Карин Хилдинсон Боквист, шеф на групата за правата на децата ECPAT во Шведска.

Додека семејствата се ограничени во своите домови, тие исто така стравуваат од зголемување на семејното насилство.

Дел од француските полициски станици виделе дека ваквите извештаи растат за повеќе од 30 проценти откако земјата беше ставена во карантин од 17 март, изјави министерот за внатрешни работи Кристоф Кастанер.

Пандемијата „може да го извлече на површина најлошото од луѓето“, предупреди британскиот Национален совет на началниците на полицијата (NPCC), повикувајќи се на кражба на шишиња со кислород во болницата во Манчестер.

Полицијата во Велика Британија и Австрија неодамна уапси луѓе кои кашлале или плукале луѓе, тврдејќи дека биле заразени.

Поврзани вести

Како властите во Италија го заплашуваат народот? (ВИДЕО)

Коронавирус: Австралиските научници открија како имунолошкиот систем се бори со заразата

Stefanija Kuzmanovska

Коронавирус: Колку трае закрепнувањето од „КОВИД-19“?

Влатко Зорба

Коронавирус и Италија: „Како и во секоја војна, избираме кои пациенти ќе ги лекуваме“

Stefanija Kuzmanovska

Белорусија: Единствената земја во Европа која не е загрижена за пандемијата од коронавирус

Stefanija Kuzmanovska

Враќање во нормален живот дури откако ќе инсталирате апликација за следење?