АНАЛИЗИ

Наследството од Мубарак и понатаму го мачи Египет

Наследството на поранешниот египетски претседател Хосни Мубарак, кој беше симнат од власт во 2011 година за време на Арапската пролет бидејќи неговото владеење беше обележано со корупција, стагнација и репресија, и понатаму ја оптеретува најнаселената арапска држава која ја изгуби сета надеж за изградба на нов Египет, пренесуваат светските медиуми.

Недостатоците на Арапската пролет

Смртта на Хосни Мубарак истакна дека надежите на Египет за демократија и реформи, изразени за време на Арапската пролет во 2011 година – се згаснати под претседателот Абдел Фатах ал-Сиси, додека расправите за наследството на Мубарак покажуваат дека поранешниот лидер и во смртта, како и во животот, предизвикува поделба меѓу Египќаните, оценува „Њујорк Тајмс“.

Поранешниот автократ кој владееше со Египет три децении почина во вторникот на 91 година и беше погребан еден ден подоцна со целосни воени почести во Каиро.

Почитувањето на Мубарак и сеќавањето за неговото наследство може да биде потенцијално чувствителна тема за ал-Сиси, кој во вторникот најави тридневна национална жалост. Раните сигнали укажуваа дека владата сака да го прослави Мубарак како воен херој, особено поради неговата улога во водењето на египетските воздушни сили во 1973 година против Израел за време на октомвриската војна. Но, тој исто така сака да избегне било какво опсежно изразување на јавна симпатија.

Таа поделба, посочува „Њујорк Тајмс“, беше очигледна по смртта на Мубарак, кога државната телевизија емитуваше остар критички осврт на последните 10 години од владеењето на Мубарак, наведувајќи дека тоа било „деценија на изгубените можности“.

Мубарак беше симнат од власт во 2011 година по 18-дневните протести за време на кои околу 800 луѓе беа убиени од египетските безбедносни сили. Сметајќи го за одговорен за смртта на демонстрантите, судот го осуди Мубарак на доживотен затвор во 2012 година, но тој беше ослободен на повторно судење.

Неговото пензионирање навистина започна во 2017 година, кога тој беше пуштен од притвор и се врати во својата вила во Хелиополис. Дотогаш, многу од младите демонстранти кои помогнаа во симнувањето на Мубарак од власт во 2011 година, со одлука на ал-Сиси, беа затворени.

Мубарак за ал-Сиси претставува комплексна фигура – лидер кој беше симнат од власт од Египќаните, а сепак, како него, авторитарен лидер поддржан од војската, потенцира њујоршкиот весник. Според експертите, наследството на Мубарак доведе до владеење на ал-Сиси, односно сегашниот претседател и неговиот режим се наследството на Мубарак.

Недовршената револуција

Хосни Мубарак никогаш не се занимаваше со судбината на својот народ и негово најголемо наследство останува бунтот на Египќаните против него по што беше симнат од власт во 2011 година, наведува „Форин полиси“.

Режимот што тој го градеше скоро 30 години беше изграден на автократија, корупција, политичко фаворизирање и употреба на државнтеи институции за сузбивање на противниците.

Кога во 2011 година конечно дојде до револуционерно востание, многу западни лидери го негираа тоа што им беше пред нос: дека владеењето на Мубарак долги години беше неподносливо и, ако ништо друго, бунтот беше издувен вентил за да се спаси египетската држава од целосно уништување.

Неговиот пад во 2011 година не беше пад на режимот, а револуционерното востание беше успешно како востание, но не и како револуција. Девет години подоцна, додека помладите Египќани гледаат наназад во изминатата деценија, Мубарак нема да биде херој на својата генерација. Наместо тоа, хероите од нивната генерација се оние кои се побунија против него, а нивниот сон за градење нов Египет на можности останува неисполнет, заклучува „Форин полиси“.

Повеќе од било кој друг арапски владетел на својата генерација, Хосни Мубарак имаше можност да ја модернизира својата земја. Неговото одбивање да го стори тоа беше еден од двигателите на Арапската револуција во 2011 година, оценува „Вашингтон пост“.

Поврзани вести

Србија ќе мора да избере – или со ЕУ или со Русија

user4

Научниците откриваат зошто младите умираат од коронавирус: Знаете ли што е цитокин бура?

Коронавирус: Зошто во некои земји се носат маски, а во други не?

Влатко Зорба

Канадска компанија тврди: Пронајдовме лек за коронавирусот

Stefanija Kuzmanovska

Коронавирус: Кој е особено загрозен?

Stefanija Kuzmanovska

Справување со коронавирусот: Дали навистина функционира социјалната изолација?