АНАЛИЗИ

Вистини, лаги и митови за коронавирусот

Според најновите податоци, во светот се регистрирани речиси 80.000 случаи на заболени од коронавирусот. Додека ситуацијата во Кина се стабилизира, новиот бран на инфекцијата Ковид-19 го зголеми бројот на заразени во Италија, а во Хрватска беа регистрирани првите случаи, пренесува „Алџезира Балканс“.

Според податоците од Кина, Светската здравствена организација (СЗО) потврдила дека 82 отсто од вкупните случаи имаат поблага форма на инфекција, 15 отсто потешка форма за која е потребна хоспитализација и три отсто кои се наоѓаат на интензивна нега. Регистрирани се околу два отсто на смртни случаи.

Поблагата форма на инфекцијата значи и опоравување. Бројот на лица во Кина кои се опоравиа од Ковид-19 изнесува над 30.000. Во Виетнам кај сите 16 случаи забележано е успешно опоравување, а и други земји низ целиот свет бележат опоравување на заболените.

Разлика помеѓу коронавирусот и сезонскиот грип

Сè уште не е јасно како и во кој интензитет вирусот ќе продолжи да се шири на територијата на Европа, па затоа е потребно да се следат упатствата на СЗО.

На почетокот, симптомите на инфекцијата Ковид-19 се многу слични на оние на сезонскиот грип. Првични симптоми се: температура, главоболка, болки во мускулите, замор, исцрпеност и кашлица, но значајната разлика е во тоа што во случај на класичен грип симптомите се појавуваат ненадејно, што не е случај со короната.

Повеќето луѓе закрепнуваат од класичен грип за помалку од две недели. Иако лекарите сè уште се обидуваат да ја разберат комплетната слика на инфекцијата Ковид-19, нејзините симптоми и компликации, за сега е јасно дека нејзини најчести симптоми се покачена телесна температура, кашлица, отежнато дишење, болки во мускулите и исцрпеност.

Големата „подлост“ на коронавирусот лежи во долгиот период на инкубација. Кај сезонски грип симптомите се јавуваат два до три дена откако лицето ќе биде заразено, додека во случај на коронавирусот тој периодот е подолг, па според тоа термалните камери не се најдобриот начин за детекција на заразените затоа што лицето може да биде носител на вирусот без да развие симптоми поради подолгиот период на инкубација. Најголем број смртни случаи се регистрирани кај лица над 80 години (14,8 отсто).

Митови за коронавирусот

СЗО даде стручно мислење за најчестите митови и дезинформации кои се шират во врска со коронавирусот.

Коронавирусот не е „избеган од лабораторија“ и не може да стигне до вас преку пратка од Кина, бидејќи коронавирусите не можат да преживеат на предмети како што се пакети или писма.

Во моментов не постојат докази дека вашето домашно милениче може да ви го пренесе вирусот, но препорачливо е да ги миете рацете со сапун и вода по контактот со животното, бидејќи тоа ќе ве заштити од вообичаени микроорганизми што можат да се пренесат меѓу животните и луѓето.

Сè уште нема вакцина за овој вид вирус, така што вакцината против воспаление на плуќа не штити од коронавирусот.

Конзумирањето на лук и алкохол не е мерка на заштита и не може да ве заштити од евентуална инфекција.

Антибиотиците влијаат на бактериите, но не и на вирусите, па затоа не треба да се користат за превенција на инфекцијата Ковид-19.

Засега е неопходно да се следат упатствата на Институтот за јавно здравје, бидејќи тоа е единствениот начин да се ограничи евентуалното ширење на вирусот.

Како да се заштитите?

Со оглед на тоа дека инфекцијата Ковид-19 се шири преку кивање и кашлање, потребно е да се следат мерки на заштита кои вклучуваат често миење на рацете со употреба на вода и сапун или средства за дезинфекција на база на алкохол, а исто така треба да се избегнува контакт со очите, устата и носот со нечисти раце.

Кога кашлате или кивате покријте ги устата и носот со марамче за една употреба или внатрешноста на лактот и потоа фрлете го марамчето и измијте ги рацете. Потребно е да се избегне близок контакт или да се одржува барем еден метар оддалеченост од лица кои имаат повисока температура, кашлица или имаат потешкотии во дишењето.

Што треба да направите доколку препознаете симптоми?

За ефикасно реагирање на епидемијата, институтите за јавно здравје низ целиот регион им препорачуваат на лицата кои престојувале во Кина или Италија (провинциите Ломбардија и Венето) 14 дена а за кратко време развиле симптоми како што се кашлање, отежнато дишење и температура, треба да се јават на дежурниот епидемиолог, да ги опишат знаците на болеста и периодот во кој престојувале во гореспоменатите области. Епидемиологот потоа ќе го информира мобилниот тим на итната медицинска помош, кој ќе дојде на адресата и ќе изврши преглед. До доаѓањето на тимот, препорачливо е да останете дома, а по можност и да се изолирате од останатите членови во домот за да се ограничи ширењето на вирусот колку што е можно повеќе.

Поврзани вести

Германски медиуми: Трамп, Гренел, Тачи, Вучиќ – на никој не му одговараше Курти

Stefanija Kuzmanovska

Дали ЕУ ќе го преживее коронавирусот?

Stefanija Kuzmanovska

Искендеров за ИФЕМЕС: Дали Балканот ја дели ЕУ?

Влатко Зорба

Справување со коронавирусот: Дали навистина функционира социјалната изолација?

Борба за тронот на Меркел: Кои се кандидатите?

Stefanija Kuzmanovska

Како Европа имаше „сè под контрола“?

Stefanija Kuzmanovska