АНАЛИЗИ

„Златните пасоши“ на Малта: Зошто богаташите ги сакаат?

Делегацијата на Европската Унија во посета на Малта го истражува владеењето на правото бидејќи излегуваат сè повеќе детали за истрагата за убиството на новинарката Дафне Каруана Галиција.

Нејзиното убиство во 2017 година го разниша државниот политички врв и фрли светлина на присуството на корупцијата и лошиот правосуден систем.

Засилена е и истрагата на таканаречениот модел на „златни пасоши“ што делегацијата на Европскиот парламент го опиша како ризик од „доведување криминалци и перење пари во цела ЕУ“.

Продажбата на државјанството стана дел од глобалниот пазар за богаташите кои бараат пониски даноци, елитно образование или имаат некаква политичка заднина.

Но, колку чини пасошот во Малта и што знаеме за оние што ги купуваат овие пасоши?

Владата го претстави овој модел во 2014 година за да привлече богати луѓе и инвестиции. За да добијат пасош, оние што аплицираат мора да исплатат:

– 650.000 евра на Националниот фонд за развој;
– 150.000 евра во малтешката берза или акции;
– Купување недвижности во вредност од барем 350.000 евра.

Исто така, оние што аплицираат мора да имаат виза за престој подолга од 12 месеци, иако не можат физички да живеат во Малта. Откако почнал да се применува моделот, државјанство добиле 833 инвеститори и
2.109 членови на семејствата.

Малтешкиот пасош му овозможува на сопственикот безвизен режим за патување во земјите од ЕУ, со оглед на тоа што Малта е член на шенгенскиот договор.

Бројот на малтешки златни пасоши

Од средината на 2017 година до половината на 2018 година со овој модел се собрале 162.375.000 евра, што претставувало 1,38 отсто од бруто-домашниот производ на Малта во тој период, иако во текот на 2018 година опаднало купувањето пасоши.

Малите држави како Малта имаат јасен поттик за вакви шеми за да привлечат значителни инвестиции.
– Многу микродржави станаа зависни од приходот генериран преку вакви програми – изјави Лук ван дер Барен, истражувач за миграција во Европскиот универзитетски институт во Фиренца.

Кој купува малтешки пасоши?

Малтешката влада не објавува информации за земјите од каде што потекнуваат луѓето кои аплицираат за „златен пасош“, но дава информации за регионот.

Регионот со најголем број апликанти е Европа, а веднаш по неа се Блискиот Исток, Персискиот Залив и Азија.

Сепак, земјите-членки на ЕУ се должни да објавуваат бројки за годишното стекнување на државјанство – кој добил државјанство таа година.

По воведувањето на оваа политика во 2014 година, Малта доживеала зголемување на бројот на натурализирани граѓани од Саудиска Арабија, Русија и Кина. На пример, Саудиска Арабија не придонесувала натурализирани граѓани пред 2015 година, но по оваа година бројката се искачила на повеќе од 400.

Постојат легитимни причини за барање друг пасош, но постојат наводи дека малтешкиот систем се злоупотребува.

Европската комисија во јануари 2019 година објави извештај во кој се вели дека постои загриженост во врска со шемата на Малта, која беше „помалку строга“ од другите земји на ЕУ.

На пример, апликантите не се должни да имаат физички престој и не е потребно да имаат претходни врски со земјата.

Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) објави извештај во 2018 година според кој Малта ја стави на црна листа како земја со висок ризик од затајување данок заради нејзината шема за „златен пасош“.
Малтешката влада соопшти дека ги разгледува сите кандидати и политички изложени лица.

Ван дер Баарен вели дека многу семејства може да ја искористат шемата за да ги едуцираат своите деца во странство или во случај да треба да се преселат од матичната земја. Но, тој додава: – Програмите исто така можат да ги влошат нееднаквостите во земјите на потекло бидејќи им овозможуваат на елитните
неколкумина да купат второ државјанство.

Во ЕУ, Кипар и Бугарија имаат слични шеми.

Помеѓу 2008 и 2018 година Кипар им додели државјанство на 1.685 инвеститори и 1.665 членови на нивните семејства. Но, во ноември земјата на 26 инвеститори им ги одзеде нивните „златни пасоши“ наведувајќи ги „грешките“ направени при нивна обработка.

Поврзани вести

Тврд Brexit, мек Brexit, без Brexit

Влатко Зорба

Коронавирус и Италија: „Како и во секоја војна, избираме кои пациенти ќе ги лекуваме“

Stefanija Kuzmanovska

ДВ: Ердоган во Србија – Малку економија, многу маркетинг

Влатко Зорба

Коронавирус: Тедрос Аданом Гебрејесус – човекот во центарот на борбата против заразата

Stefanija Kuzmanovska

Годишнина од независноста на Косово: Каде беа денешните лидери пред 12 години

Stefanija Kuzmanovska

Научниците го следеа вирусот од влегувањето во организмот и еве што таа болест точно му прави на телото