Анализи

Доаѓа ли крајот на традиционалното IPO?

GitLab, развивач на софтвер за споделување на кодови, презеде необичен чекор, објавувајќи специфичен датум на кој планира да стане јавна компанија – 18 ноември 2020 година. Денот е извонреден, бидејќи означува „пет години откако првите луѓе добија опции врз акции со зрелост од 4 години“, велат од компанијата.

За да стигне до јавните пазари, GitLab се потпира на нетрадиционален пристап: директно котирање (Direct Listing), пренесува CNBC.

Главниот извршен директор на GitLab, Сид Сиџбрандив, им споделил на членовите на одборот дека претпочитаат директно котирање пред примарна јавна понуда (IPO), а одделот за финансии направил презентација пред инвеститорите истакнувајќи ги нејзините придобивки, според извори запознаени со темата, кој сакал да остане анонимен, затоа што немаат право да зборуваат во име на компанијата.

GitLab е во преговори со најголемите банки за својата идна понуда, но не избра ниту една од водечките банки, ниту, пак, конечно одлучи по која патека да тргне, велат изворите. Компанијата собра 268 милиони американски долари во приватна рунда за финансирање во септември, што и даде многу средства, за да продолжи без IPO.

„Во овој момент, ги разгледуваме сите наши опции, IPO или директно котирање во 2020 година“, рече портпаролот на GitLab.

За разлика од IPO, каде компаниите собираат средства преку продажба на нови акции на инвеститори на јавниот пазар, за директно котирање е потребна само регистрација на јавни компании, а потоа им овозможува на инвеститорите да ги продаваат своите акции.

Експертите го посочуваат директното котирање како подобар начин да станат јавно претпријатие затоа што компаниите можат да го добијат истиот резултат без да продаваат многу нови акции. ИПО се поврзува со големи намалувања за новите инвеститори, кои обично профитираат од какво било непосредно зголемување на цените на акциите, додека оние со директно котирање го прават своето деби на пазарот. Тоа ги прави како и сите други акции и „скоро секое финансиско средство“, рече во октомври инвеститорот Бил Гарли, еден од најголемите критичари на традиционалната примарна јавна понуда.

Современата историја на директно котирање е кратка, откако се имаат предвид точно два примери. Spotify презеде по овој пат во 2018 година, додека Slack ги следеше во 2019 година. И двете компании имаат доволно капитал и не треба да собираат средства преку ИПО. Ниту една од двете не беше голема победа за инвеститорите на јавниот пазар. Акциите на Spotify се тргуваат малку под цената кога затвори првиот ден на тргување во април 2018 година, а акциите на Slack се намалени за околу 40% од јунскиот настан.

И покрај не толку брилијантната изведба, адвокатите, банкарите и инвеститорите што се запознати со технолошките компании тврдат дека засегнатите организации се наоѓаат во пресвртен момент и се очекуваат многу повеќе директни котирања.

Грег Роџерс, партнер во Latham & Watkins, кој работел на понудите на Slack и Spotify, предвидува на еден настан во Goldman Sachs во октомври дека ќе има најмалку пет директни котирања во 2020 година.

Во исто време, повеќе директори на приватни технолошки компании го искористуваат обновениот фокус кон процесот на примарна јавна понуда, за да се консултираат со банките за работи што им се допаѓаат или не им се допаѓаат при традиционалната продажба на акции. Врвните банкари кои сакаат да ја задржат својата улога како советници на најжешките компании стануваат се пофлексибилни со IPO, покажувајќи ја нивната желба да отстапат од патот на традиционалната понуда.

Најголемата пречка за директно котирање е тоа што во моментов не им нудат на компаниите начин да соберат свеж капитал, елиминирајќи ја главната причина зошто многу организации стануваат јавни. Во ноември, Њујоршката берза се обрати до Комисијата за хартии од вредност (SEC) за промена на правилата за компаниите да можат истовремено да спроведуваат директни котирања и да собираат средства. Минатата недела, сепак, SEC го отфрли предлогот.

Но, за компаниите на кои не им требаат пари, без оглед дали тие генерираат профит или имаат собрано нов капитал, директната котација е особено привлечна.

Airbnb тврди дека планира деби на берзата во 2020 година и се верува дека е насочена кон директно котирање. Во ноември, „Блумберг“ напиша дека DoorDash размислува за таков чекор, а минатата недела „Фајненшл тајмс“ напиша дека развивачот на деловен софтвер Asana, исто така, се очекува да направи директно котирање.

Другите имиња што се дискутираат за потенцијалните кандидати за ваков потег во 2020 година вклучуваат компанијата за облачна инфраструктура Snowflake, снабдувачот на решенија за бекап на податоци Rubrik и платформата за инвестиции Robinhood..

Поврзани вести

Заврши ли ерата на глобалната енергетска доминација на САД?

Влатко Зорба

За нееднаквоста не е виновен капитализмот, туку економистите

Влатко Зорба

Одлуката на Твитер да забрани политичко рекламирање ги подели политичките табори

Влатко Зорба

Како Кина може да го порази САД во трговската војна?

Завршувањето на трговската војна меѓу САД и Кина нема да биде лесно

Влатко Зорба

Протекционизмот на Трамп го забави растот до нивото од времето на Обама

user4