СТАНДАРД life
АНАЛИЗИ

Одлуката на Твитер да забрани политичко рекламирање ги подели политичките табори

Одлуката на Твитер да забрани политичко огласување на глобално ниво ги подели американските политички табори кои се подготвуваат за претседателските избори 2020 година, но и укажува на разликите на таа социјална мрежа во однос на Фејсбук, кој се противи на забранувањето за објавување на политички огласи.

Фејсбук очекува приходи над 1 милијарда американски долари само во следната година, пишува „РСЕ“.

Најавата на извршниот директор на Твитер, Џек Дорски, дека социјалната мрежа ќе забрани политичко рекламирање овој месец, наиде на пофалби од демократите и критики од изборниот штаб на претседателот Доналд Трамп во САД, пренесува „Ројтерс“.

Фејсбук нема да го „задуши“ политичкиот говор

Социјалните мрежи, вклучително и Фејсбук како ривал на Твитер, се под зголемен притисок да престанат да објавуваат реклами кои шират лажни информации што можат да влијаат на изборите.

Шефот на Фејсбук, Марк Зукерберг во средата, на денот кога Твитер ја објави одлуката за забрана, ја бранеше својата политика на компанијата за да овозможи политичарите да прават лажни или погрешни тврдења, наведувајќи дека социјалната мрежа што ја води не сака да го задуши политичкиот говор.

Фејсбук потврди за „Ројтерс“ дека некои вработени ја критикувале политиката на компанијата во внатрешнен допис. Фејсбук вети дека ќе вложи напори за борба против дезинформациите по тврдењата дека руската пропаганда на таа платформа влијаела на исходот на претседателските избори во САД во 2016 година, кога победи Трамп.

Таа социјална мрежа, сепак, избра да не ги проверува фактите од рекламите на политичарите, што предизвика критики од демократските кандидати за изборите во 2020 година.

Бајден ја поздрави одлуката на Твитер

Додека штабот на кандидатот за претседател на Демократите, Џо Бајден, ја поздрави одлуката на Твитер, Бред Парскал, кој ја води реизборната кампања на Трамп, смета дека одлуката е „обид за замолчување на конзервативците“, но и „многу глупава одлука“ на акционерите на компанијата.

Одлуката на Твитер за забрана за политичко рекламирање ја илустрира острата симболична разлика помеѓу Дорси и Зукерберг, бидејќи шефот на Фејсбук ја брани контроверзната политика на неговата компанија, што во основа им дозволува на политичарите да лажат во реклами, посочува „Вашингтон пост“.

Директорите на Твитер се обидоа да ја објаснат својата одлука како принцип, потврдувајќи дека политичките трошоци за реклами бил помалку од 3 милиони американски долари за време на изборите во Конгресот во 2018 година.

Трамп за огласи повеќе го користи Фејсбук

На пример, истакнува весникот, Трамп – чии твитови достигнуваат повеќе од 66 милиони корисници секој ден – во последните седум дена нема објавено никакви реклами на Твитер, трошејќи скоро четвртина милион долари на Фејсбук во истиот период.

Политичкото рекламирање одамна е „трн во око“ на Силиконската долина, особено од изборите во САД во 2016 година. Притисокот резултираше во големи промени, според „Вашингтон пост“, така што Твитер и другите социјални мрежи мораa појасно да ги етикетираат политичките реклами и да ги проверуваат клиентите кои ги купуваат.

Одлуката на Џек Дорси е поважна за моментот и принципите што ги истакнува отколку за практичниот ефект што ќе го има врз модерната демократија, пренесува „Би-Би-Си“.

Твитер има значително помалку корисници

Не може да биде обична случајност што најавата на Дорси се случи само две недели по говорот на Зукерберг за истата тема. Поделбата помеѓу компаниите е корисна за Твитер, затоа што става товар на Фејсбук, кој повторно треба да го брани својот став, проценува „Би-Би-Си“.

Јавниот сервис на Велика Британија, исто така, проценува дека претседателските кампањи во САД ќе потрошат најмалку 6 милијарди американски долари за рекламирање, но повеќето ќе одат на телевизиски реклами и само 20 проценти на дигитални.

Покрај тоа, Твитер има многу помалку корисници од Фејсбук – во февруари тврдеше дека има 126 милиони дневно активни, додека Фејсбук се пофали со 1,63 милијарди во септември.

Поврзани вести

Анализа за искористеност на финансиската поддршка за месеците февруари и март 2021 година

Влатко Зорба

Економски неразвиените земји и пред пандемијата беа во проблеми со долгови

Влатко Зорба

Шокантни прогнози на „Саксо банка“ за 2020 година

msp-admin