Анализи

Тајкуните на Путин переле милиони преку светските банки

Повеќе од 2.000 доверливи извештаи протекоа од Министерството за финансии на САД, од неговиот оддел за спречување на финансиски криминал (FinCEN), и тие сведочат за обемот на „валканите“ протоци на пари низ целиот свет – во изминатите осумнаесет години се регистрирани над 2 трилиони долари трансакции со пари што банките ги обележаа како сомнителни и пријавија до FinCEN. Овие пари ги испраќале разни компании вклучени во корупција, тајкуни, како и криминалци.

Протекувањето на доверливи документи открива дека неколку големи светски банки – Џеј Пи Морган, ХСБЦ, Стандард чартерд, Дојче банк и Њујорк Мелон – продолжиле да вршат трансакции со криминалци, олигарси и корумпирани политичари, иако американските власти претходно ги казнуваа за неуспехот да го запрат протокот на валкани пари.

Магнат и пријател од детството

Истрагата тврди дека еден од најблиските соработници на рускиот претседател Владимир Путин ја користел банката „Барклис“ во Лондон за да ги заобиколи санкциите што требаше да го спречат да користи финансиски услуги на Запад. Дел од парите биле искористени за купување уметнички дела.

Рускиот градежен тајкун Аркадиј Ротенберг е прилично близок со претседателот Владимир Путин и приватно; според странските медиуми, тој е еден од најдобрите лични пријатели на рускиот претседател.

Тој се најде во центарот на вниманието на јавноста кога откри дека ќе биде одговорен за изградба на мостот меѓу Русија и претходно анектираниот Крим.

Ротенберг, чие богатство „Форбс“ го проценува на 2,6 милијарди, беше еден од првите службеници на мета на американски и европски санкции по анексијата на Крим во 2014 година, токму поради неговите врски со рускиот претседател. Путин и Ротенберг се познаваат уште од детството, а како момчиња тренирале во истиот џудо клуб во Ленинград во тоа време.

Сите милијардери на Путин

Документите кои протекоа исто така покажуваат дека њујоршката банка Мелон префрлила повеќе од 1,3 милијарди долари во периодот од 1997 до 2016 година поврзани со рускиот милијардер и долгогодишен пријател на Владимир Путин, Олег Дерипаска.

Дерипаска постојано се поврзува со организиран криминал во медиумите од 2008 година, а кога САД најавија санкции против него во 2018 година, во образложението се наведува дека Дерипаска претходно бил обвинет за загрозување на животот на неговите корпоративни ривали, за давање мито на руските владини службеници и нарачка на убиство на еден бизнисмен.

Дерипаска е исто така совршен пример за практика на светските банки паралелно да прават деловни активности со ризични клиенти. Според досиејата на „FinCEN“, компаниите управувани од Дерипаска, исто така, префрлиле повеќе од 11 милијарди долари на „Дојче банк“ помеѓу 2003 и 2017 година.

„Олигарх во златен кафез“

Пет банки работеа и со Дмитриј Фирташ, украински олигарх кој се бара во Америка за кривични дела и кој исто така беше поврзан со интервенција на американскиот претседател Трамп во Украина, по што беше инициран импичмент против него во американскиот Конгрес.

Во 2014 година, американското обвинителство го обвини Фирташ за мито на службени лица во Индија, со цел да обезбеди потпишување на рударски договор. Од крајот на 2019 година, американските медиуми тврдат дека Фирташ исто така имал улога во обидите на претседателот Доналд Трамп да добие „валканици“ од Украина за неговиот ривал Бајден, со кого ќе се натпреварува на изборите во ноември.

Своето богатство Фирташ го заработи тргувајќи со украинско млеко во прав и узбекистански памук по падот на Советскиот Сојуз, а сега живее во вила во Виена, заштитен од екстрадиција. Вилата има домашно кино и базен, па затоа во 2017 година, Блумберг го нарече Фирташ „олигарх во златен кафез“.

Сите пет големи банки од досието „FinCEN“ извршија трансакции за компаниите на Фирташ, а Џеј Пи Морган пренесе вкупно скоро две милијарди долари на компаниите помеѓу 2003 и 2014 година преку неколку стотици трансакции.

„Личност од интерес“ на Трамп

Според извештаите на медиумите засновани на протечени документи, Џеј Пи Морган ослободи повеќе од 50 милиони долари плаќања за Пол Манафорт, поранешен менаџер на кампањата на американскиот претседател Доналд Трамп. Банката, исто така, му пушти најмалку 6,9 милиони долари на Манафорт во трансакции во рок од 14 месеци откако тој се повлече од функцијата менаџер на кампањата.

Тогаш Манафорт беше во виорот на обвинувања за перење пари и корупција за деловно работење со проруска политичка партија во Украина. И покрај ветувањата на Џеј Пи Морган за подобрување на контролата врз перењето пари по серија договори со Соединетите држави, трансакциите продолжија.

„BuzzFeed“ објави и серија написи за Манафорт врз основа на извештаи за сомнителни активности. Манафорт сега издржува затворска казна во куќен притвор во голем дел поради тие трансакции.

Поврзани вести

Како ќе изгледа светот по пандемијата: Пет можни сценарија

Влатко Зорба

Зошто бизнисите не можат сами да се справат со климатските промени?

Влатко Зорба

Дигитално евро: Зошто токму сега и што значи тоа за вас?

Stefanija Kuzmanovska

„Middle East Eye“: Кога ќе останат без нафтата, што ќе се случи со Саудиска Арабија?

Епл е доказ дека Ирска е најголемата даночна оаза на светот

Берлин вади „голема базука“ против коронавирусот

Stefanija Kuzmanovska