СТАНДАРД life
КОМПАНИИ

Дали монополот на ЕВН е вистинската причина за протестите против поскапувањетона струјата?

Енергетските компании во земјава побараа зголемување на цената на струјата поради зголемените трошоци и намалената потрошувачка, како и поради проблемите со ликвидноста што ги предизвика пандемијата со Ковид-19.

Синдикатите и опозицијата се противат на поскапувањето, граѓаните потпишуваат онлајн петиција и најавуваат протести.

Од независниот синдикат на градежни работници, инженери и трговци во градежништвото (НСГРИТГ) најавија протест поради одлуката за зголемување на цената на струјата за 7,4 отсто, оценувајќи дека тоа е показател за недомаќинско работење.

„Најавеното поскапување на струјата од 7,4 проценти заедно со Данокот на додадена вредност од 18 проценти ќе изнесува 8,73 проценти, а во изминатите 14 години струјата поскапела 230 проценти“, изјави претседателот на НСГРИТГ Атанас Трајковски, пренесува МИА.

Тој не кажа кога ќе се одржи протестот, но повика на учество од сите работници кога ќе го организираат. Обвини за популизам и удирање по џебот на граѓаните затоа што, како што вели, со поскапувањето на струјата од работниците се одземаат парите што ги добиваат со последното зголемување на износот на минималната плата.

Активисти од Тетово исто така најавуваат протест поради зголемување на цената на електричната енергија. Организацијата на протестот оди преку социјалните мрежи, а закажан е за четврток во 19 часот на плоштадот во Тетово.

– Водени од бројните реакции на граѓаните по неодамнешното покачување на цената на електричната енергија за покривање на загубите на производителите, но и од реакцијата на граѓаните за неправилни услуги на енергетските компании кон нив и мотивирани да се обезбеди решение за стариот проблем кој досега не бил доволно решен, со цел да се спречат насилни и радикални реакции и однесување на одредени групи на лути граѓани, ги повикиваме граѓаните на Тетово и околните места да ни се придружат на протестот – соопштуваат од Иницијативниот одбор за протестот.

Аријанит Џафери од Иницијативниот одбор, вели дека протести се најавени и за во Куманово, Кичево и Дебар.

„За да реагираме против монополот на услугите на компаниите како што е ЕВН. Граѓаните веќе подолго време се жалат на некоректно однесување од овие компании, за долгото чекање на сонце за да ја платат сметката или пак за „напумпаните“ сметки. Трето – ќе бараме распуштање на Регулаторната комисија за енергетика, бидејќи оваа комисија не работи за интересот на граѓаните, туку ги штити интересите и профитот на енергетските бизниси и корпорации. Четврто -ова се прави за да се формира независно тело кое ќе биде во служба на граѓаните за да се потврди квалитетот на услугите кои им ги даваат овие компании на потрошувачите“, вели Аријанит Џафери за ТВ 21.

Според податоците на европската статистичка агенција Еуростат, поевтина струја од Македонија има во Србија, Косово и во Украина. Најскапа струја во ЕУ се плаќа во Германија од 0,3 евра за киловатчас, додека најевтина во Бугарија каде што е три пати пониска. Во Македонија киловатчас со даноци чини 0,08 евра.

Анализите сепак покажуваат дека просечната сметка кое едно домаќинство би ја плаќало за електрична енергија изнесува 1.751 денари, што е за 146 денари повеќе споредено со 2019 година кога просечната сметка за домаќинствата изнесувала 1.605 денари. Во истиот период, просечната нето плата во 2019 година изнесувала 25.215 денари, додека заклучно со мај 2020 година просечната нето плата изнесува 26.678 денари, што претставува зголемување од 1.463 денари. Ако пак го споредиме трошокот за електрична енергија како удел во просечната нето плата исплатена во мај годинава, пресметката покажува дека месечната сметка за електрична енергија учествува со 7,75 отсто.

Нервозата кај граѓаните е разбирлива, имајќи го во предвид стандарот и целата ситуација на неизвесност која произлегува од пандемијата. Од друга страна, ако се земе предвид дека зголемувањето на цената на струја се должи на поскапувањето на цената за производство и пренос што е процент кој отпаѓа на државните МЕПСО И ЕСМ, нејасни се причината за протестот и барањата на иницијативниот одбор.

Имено Иницијативниот одбор кој закажа протест против зголемувањето на цената објаснува дека причината на протестот е монополот на ЕВН и долгите редови на чекање за да се платат сметките, но не се протестира и против државните компании каде што има огромна превработеност и заради што се зголеми цената на струјата.

Протестите се случуваат пред формирањето на новата Влада, кога е неизвесно која од албанските партии ќе биде дел од неа. Со оглед на тврдењата за долгите чекања за плаќање сметки и немањето место каде да се упатат поплаките, како и барањето за формирање на независно тело наспроти РКЕ, која и сега е независно тело формирано од Собранието по теркот на ЕУ стандардите, се поставува прашањето која е целта на протестите?

Поврзани вести

Пелистерка за девет месеци прокнижи добивка од 2.949.000 денари

msp-admin

Банкарските гиганти ги „напуштаат“ производителите на фосилни горива

Влатко Зорба

Црногорската влада купи два авиона за новата авиокомпанија

Влатко Зорба