Компании и пазар

Во Еуроникел Индустри стартуваше втората печка

Кавадаречкиот комбинат Еуроникел Индустри бележи една година успешно работење и реализација на инвестицискиот план. По тој повод компанијата синоќа во Скопје имаше свечен прием, а денеска свеченост во кругот на фабриката каде присуствуваа највисоките владини претставници, премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Кочо Анѓушев, претставници на деловниот и финансискиот сектор, локалната заедница, вработени. Инвестицискиот циклус Еуроникел Индустри го заокружи со стартување на втората печка за топење никелова руда.

Во изминатава година во комбинатот се инвестирани над 80 милиони евра, а направена е дополнителна инвестицијата само во втората печка во износ од 15 милиони евра.

„Денеска сме навистина среќни и горди што ги гледаме резултатите од нашата работа и што спроведовме една од најобемните странски инвестиции во земјава. Сведоци сме на рекордно брза реализација на инвестицијата и за само една година Еуроникел стана еден од најголемите извозници во државата. Комбинатот веќе е на пат и со крупни чекори се движиме кон подобро позиционирање на светските пазари од металуршката индустрија. Со тоа ја зголемуваме вредноста на компанијата и придонесот што го дава за заедницата, за градот Кавадарци како и воопшто за државата во целост”, изјави Маркос Камхис, директор на матичната компанија на Еуроникел, ГСОЛ.

Откако се спроведува планот за реорганизација, Еуроникел само со една линија постигна производни рекорди од речиси 1500 тони никел месечно. Со активирање на втората печка оперативниот капацитет на Еуроникел дополнително се зголемува со што планираното производство за следната година е 20.000 тони никел годишно.

„Една година откако Еуроникел Индустри влезе во најобемниот инвестициски процес и денес со стартувањето на втората печка ја започнуваме следната фаза од работата на комбинатот. Со проектираните планови се движиме кон рекордни резултати и тоа ќе го доведе Еуроникел Индустри на врвот на фероникел производители во Европа. Со работата во изминатава година постигнавме многу, го зголемивме производството, кое во целост се извезува, бројот на вработени и со тоа директно влијаеме врз растот на БДП на земјата, а сето ова го постигнавме поддржани од поволната деловна клима, подршка од институциите и позитивните политики за привлекување на странските инвеститори, а благодарение на нашиот инвеститор, инвестицискиот фонд ГСОЛ, како и на нашите вработени. Отсега, со подобрената работа, со зголемени капацитети и поддршката од сите наши стејкхолдери, очекуваме понатамошен позитивен тренд и резултати од активностите на Еуроникел”, изјави Герасим Кујунџиев, директор на Еуроникел Индустри.

„Овој комбинат е клучен за овој регион затоа што вработува 1000 наши сограѓани кои егзистираат токму од работата во Еуроникел Индустри, но и затоа што е столб во креирањето на бруто домашниот производ и е, на еден начин, мотор на економскиот развој. Денес Еуроникел Индустри е производител на висококвалитетен никел, којшто успешно ги освојува пазарите во Европа, Азија и Америка. Тоа се пазарите на кои се извезува целокупното производство, со што компанијата се вбројува меѓу најголемите извозници од Северна Македонија. Од 624 милиони евра вкупната вредноста на странските директни инвестиции, 80 милиони се тука во Еуроникел Индустри”, истакна премиерот Зоран Заев.

Вицепремиерот Кочо Анѓушев истакна „Би сакал да кажам повеќе за иднината, а иднината е дека овој комбинат во моментот произведува 5% од извозот во нашата држава, учествува во БДП на државата, а со новата инвестиција од 15 милиона евра во втора печка, ќе учествува уште повеќе и во БДП и во извозот и нормално ќе помогне и на државата во делот на подобрување на економските перформанси и параметри генерално на економијата и во општеството и во регионот. Не е значајна само за вработените и сопствениците. Значајна е за сите партнери коишто соработуваат, сите добавувачи, а тие се бројни и од земјата, за среќа, но и од странство. Ви посакувам на сите вас, многу убави години во иднина, многу успешна работа, посакувам да гледам среќни лица и посакувам многу успех, не само на компанијата, туку и на целиот регион којшто исклучително зависи од оваа компанија. Се најдобро и многу среќа во иднина.”

Со своите производи никел и згура, комбинатот е препознатлив по висококвалитетниот производ кој го пласира на пазарите во Америка, Европа и Азија. Ги поседува сите најсовремени сертификати, производни, квалитативни, безбедносни и еколошки со што може да пласира производ на сите пазари. Еуроникел во моментов вработува околу 1000 луѓе, а дополнително ангажира повеќе од 200 локални транспортни компании и има база на снабдувачи составена од повеќе од 1000 домашни компании.

Поврзани вести

Brainster ја доби Националната награда за најинвентивна општествено одговорна практика за 2019

Влатко Зорба

Безос: Ако технолошките компании му го свртат грбот на Пентагон, САД ќе имаат големи проблеми

Влатко Зорба

Winemaker dinner series во Дистрикт, со Château de Gourdon вината на Тиквеш

Влатко Зорба

На Безос му порачале да го продаде бизнисот: Нема да успееш!

Влатко Зорба

Орка Холдинг и Аџибадем Систина издвоија 325.000 евра за справување со коронавирусот

Влатко Зорба

Honda ќе ги електрифицира своите возила во Европа до 2022 година

Влатко Зорба