Македонските граѓани ќе добијат одговорна влада, која ќе гарантира континуитет во остварување на стратешките приоритети, најави мандатарот Заев.
Дел од приоритетите на новата Влада, како што соопшти мандатарот се, трансформација на економијата за забрзан раст и повисок стандард, вложување во јавното здравство…
Во економскиот дел се наведува дека ќе продолжи со своите заложби – раст на минимална плата до крајот на мандатот во висина од 20 до 40 отсто и раст на просечната плата до крајот на мандатот од 20 до 30 отсто, во зависност од должината и влијанието на епидемијата врз светската и домашната економија.
Владата се заложува дека стапката на невработеност за време на кризата ќе ја држи стабилна, а по завршувањето на кризата и до крајот на мандатот ќе продолжи да ја намалуваме невработеноста на ниво од три отсто годишно, при што целта е по крајот на кризата, невработеноста да биде едноцифрена.
Владата предвидува реконфигурација на ДДВ преку воведување нов Закон за данок на додадена вредност преку кој ќе се овозможат даночни бенефиции за претпријатијата што се извозно ориентирани на тој начин што при увозот нема да плаќаат ДДВ за суровините и машините што се наменети за извоз. Единствена стапка од 10 отсто ДДВ за сите ресторантски услуги; ревидирање на стапките на данок на додадена вредност за суровините за домашните производители и намалување на стапката на ДДВ за земјоделските производители и намалување на стапката на ДДВ за суровините за извозно ориентираните компании, намалување од 18 на пет отсто ДДВ за занаетчиски услуги, подигнување на прагот за плаќање ДДВ од 2 милиони на 3 милиони годишен промет од 01.01.2022 и изедначување со прагот на ослободување на данок на добивка до 3 милиони денари годишен промет.
Владата ќе го продолжи проектот „Мoj ДДВ“ и ќе го зголеми лимитот по поединец на 2.300 денари за тромесечие и 9.200 денари годишно, односно на 36.800 денари за просечно четиричлено семејство.
Во економскиот дел од програмата има планови кои ќе придонесат за подобрување на бизнис климата пред сè во делот на микро и малите претпријатија. Во програмата стои дека ќе се овозможи фирма да се основа со само едно евро и во првите две години од работењето да не се плаќа фирмарина. Најавено е и драстично намалување на цените за издавање документи од Централен регистар, царина и други институции. Со оваа мерка граѓаните имаат можност да основаат фирма со минимални трошоци.
Во ИТ индустријата до 2023 година нема да се плаќа персонален данок, со тоа што укинувањето ќе биде постепено и тоа од наредната пет отсто, потоа три проценти, за во 2023 да достоигне нула, односно да се укине. Данокот на личен доход останува на 10 отсто со можност за повторно воведување на прогресивниот данок, а ќе се воведе и данок на луксуз, како и данок нов данок на промет при уплата на игрите на среќа од четири отсто од бруто уплатената вредност, кој ќе го плаќаат организаторите.
Владата планира и воведување закон за личен стечај, закон за забрана за отворање казина и игри на среќа во близина на училишта, градинки и верски објекти.