Купувањето на контроверзниот руски систем за оружје отвори невиден јаз во американско-турските односи и ја предизвика најголемата криза во НАТО со децении.
Односите меѓу двете земји-членки на НАТО се влошија откако администрацијата на Трамп официјално го сопре купувањето од страна на Турција на американскиот воен авион со најновата технологија стелт технологија, објави британскиот весник „Тајмс“.
Овој потег беше одговор на одлуката на претседателот Ердоган да го купи рускиот систем за противвоздушна одбрана С-400, кој е некомпатибилен со системите на НАТО за воздушна одбрана. C-400, еден од најдобрите од ваков вид во светот, истовремено може да следи повеќе цели и да ги погоди.
Претставниците на Пентагон рекоа дека сопирањето на учеството на Турција во заедничката програма „F-35 Lightning II“ вредна милијарди долари е неизбежно. Според нив, руските технички советници кои ќе помагаат за функционирањето на противракетниот систем С-400 во Турција во текот на пет години, би можеле да соберат информации за најсовремената стелт технологија на Ф-35.
Овие две соодветни решенија на Анкара и Вашингтон ќе значат дека еднаш штом С-400 почнат да функционираат – првите делови веќе пристигнаа – Турција веќе нема да биде комплетен дел од мрежите на НАТО за противвоздушна одбрана, кои играат клучна улога во одвраќањето на руската воена агресија против западната унија.
„САД имаат право да ја сопрат продажбата на Ф-35 на Турција, но тоа претставува реален проблем за НАТО“, рече генерал Џек Кин, поранешен заменик-началник на штабот на американската армија и независен советник на претседателот Трамп.
„Купувањето на C-400 е буквално шлаканица за политиката на НАТО против купувањето на руски воени системи и е неприфатливо. Ние не сме имале такви тензии меѓу земјите на НАТО со децении“, рече тој.
Тој, сепак, ја нагласува важноста и вредноста, која продолжува да ја има Турција во НАТО – единствената муслиманска земја членка на Унијата – како „пат кон Блискиот Исток и Азија и земја со најважна стратешка местоположба во Унијата“.
Ерик Еделман, поранешен висок официјален претставник на Пентагон и амбасадор во Турција, рече: „Американско-турските односи влегуваат во сериозна криза и се сомневам дека ќе биде длабока и пролонгирана. Веќе некое време, Турција не е сигурен сојузник на НАТО, но не постои механизам за исклучување на лошите сојузници. Турција е важна земја и целосно демократска Турција може и треба да биде силен сојузник на САД и на НАТО“.
Договорот на Ердоган со претседателот Путин одигра улога во планот на рускиот водач за поткопување на НАТО, рече висок дипломатски извор.
Купувањето на C-400 од Турција и отфрлањето на системот за воздушна одбрана на САД „Патриот“ предизвика сериозни сомневања за продолжување на воената соработка со Турците.
Претставниците на Пентагон инсистираа дека формалната одлука за забрана на Турција од добивање на Ф-35 нема да ја промени виталната стратешка врска. Сепак, веќе постојат прашања во врска со идните воени вежби во кои употребата на турски воздушен простор ќе игра важна улога. Исто така, постојат прашања во врска со користењето на турската воздухопловна база „Инџирлик“ во јужниот дел на земјата.
Пентагон ја предупредува Турција со месеци дека купување на системот С-400 ќе го загрози нејзиното учество во програмата на Ф-35, но двосмислените сигнали од Белата куќа изгледа дадоа доверба на Ердоган дека неговата земја се уште ќе може да ги купи.
Четирите Ф-35 кои Турција ги купи досега се уште се во САД и ќе останат таму. Остатокот од порачката, која е за 100 борбени авиони, е откажана. На сите турски пилоти и екипи, обучени за Ф-35 во воздухопловната база Лук во Аризона им беше наредено да ги напуштат САД до 31 јули.
Одлуката ќе има и економски последици. Турските производители произведуваат повеќе од 900 делови за повеќенаменски борбени авиони. САД сега ќе се свртат кон други партнери за Ф-35 за да ги произведат овие делови. Оваа промена ќе ја чини Турција загуба од околу 600 милиони долари.
Зошто Турција е во конфликт со САД и НАТО?
Претседателот Ердоган му се обрати на претседателот Путин и го купи рускиот против-воздушен одбранбен систем С-400. НАТО рече дека членовите на НАТО-алијансата не можат да имаат модерно руско вооружување и најнова технологија и оружје на НАТО.
Зошто Ердоган ја претпочита Русија пред своите традиционални сојузници?
Турција и Русија беа на спротивставени страни за време на граѓанската војна во Сирија. Меѓутоа, кога претседателот Обама одби да интервенира решително, Турција остана со повеќе од три милиони бегалци. Турција сакаше да го запре протокот на бегалците и да се спротивстави на курдските воени сили за да ги заштити луѓето од источна Сирија. Русија изгледаше подобар залог од Америка.
Дали Турција сега ќе го напушти НАТО?
Ова прашање не е на дневен ред. Сепак, се наведува дека Русија, исто така, има намера да понуди модерни воени авиони на Турција. Ако ова се случи, тогаш процесот ќе изгледа неповратен.
Дали тоа е важно?
Односите на Турција со Европа се лоши во секој поглед.
Турција сé уште ја смета НАТО за вреден член и е историски прозападно присуство во чувствителен регион. Турција и Русија се стари ривали, па западните стратези се надеваат дека зближувањето со Москва ќе биде краткорочно и тактично, а не фундаментално.