Интервју МАКЕДОНИЈА

Димковски: Во јуни 2017-та година, затекнавме напластени проблеми во секој дел од земјоделството

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски во интервју за Стандард вели дека, како надлежни, се свесни дека во претстојниот предизборен период протестите на земјоделците ќе зачестат, но мерките и се она што тие како ресорно министерство го превземат ќе покаже кој вистински се грижи за земјоделците.

Сеуште во фокусот на вниманието на јавноста е протестот кој неодамна го организраа земјоделците, а за кој тврдите дека е исцениран од опозициската ВМРО ДПМНЕ. На кој начин планирате да се справувате со ваквите незадоволства на земјоделците во претстојниот период на предизборието?

– Во изминатиот две и пол годишен период ние воспоставивме еден отворен пристап и комуникација со земјоделците и со сите чинители во секторот земјоделство, со единствена цел – заеднички да ги креираме мерките за развој и да ги решаваме проблемите. Во јуни 2017-та година, затекнавме напластени проблеми во секој дел од земјоделството, од задоцнета исплата на субвенции до закочени проекти од витално значење за секторот. Со тогашниот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, бевме свесни дека не можат сите проблеми да се решат преку ноќ, затоа заеднички со тимот од кабинетот, со земјоделците, подготвивме стратегија како еден по еден да се решаваат проблемите.

Земјоделството е комплексен сектор и како таков заслужува сериозен пристап и мерки во насока на негово унапредување. Јавноста виде и свати дека последниот протест на земјоделците беше партиски исцениран и организиран од страна на ВМРО ДПМНЕ. Свесни сме дека во претстојниот предизборен период ваквите протести ќе зачестат, но мерките и се она што ние како Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство го правиме, ќе покаже кој вистински се грижи за земјоделците.

Како ќе се справиме? Така како и во овие изминати две и пол години, со отворена комуникација со земјоделците, со навремена исплата на субвенциите, доделување земјоделско земјиште, обезбедување на современи системи за наводнување, сигурен пласман и се друго што е во интерес на земјоделците. Заедно со Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, воспоставивме систем на навремена и неселктивна исплата на субвенциите за земјоделците.  Од 1-ви јуни 2017 година до денеска, исплатени се вкупно 319,3 милиони евра. Освен тековни ипслати, дел од средствата кои се исплатени се и за стари наследени долгови за неисплатени субвенции од 2012, 2013, 2014, 2015 и 2016- та година, што токму опозициската ВМРО ДПМНЕ не им ги исплатила на земјоделците.

Сега откако стана оперативен и ребалансот на Буџетот се исплаќаат и субвенциите за дополнителните мерки како за оризова арпа, за предадени градинарски култури, за домати, за предадено млеко, откупена пченица, за предадено индустриско јаболко, за заклани свињи, за обработлива земјоделска површина. Со ребалансот обезбедивме нови 915 милиони денари, со што финансиската поддршка за земјоделството оваа година достигна 7 милијарди денари. Паралелно во комуникација со земјоделците онаму кадешто има проблем со откупните цени носиме дополнителни мерки со кои ќе се покријат загубите на земјоделците. Тука ќе ја споменам дополнителната мерка што ја донесувме за предадено јагне во регистрирани кланици во висикна од 400 денари по грло. А веќе во следниот период ќе се донесе и дополнителна мерка за лозарите во висина од 2 денари за предадено грозје во регистрирани винарници, којашто годинава ќе биде проширена за уште неколку вински сорти.

Колкава е искористеноста на понудите од ИПАРД Програмата?  

-ИПАРД 2 Програмата станува успешна приказна и во Република Северна Македонија. Ефикасната искористеност на мерките од ИПАРД 2 е важна за модернизирање на земјоделското производство и за производство на финални производи со поголема додадена вредност коишто ќе бидат конкурентни на странските пазари.

Интензивно работевме на олеснување на сите административни процедури, со цел да ги доближиме европските фондови до македонските земјоделци и слободно можам да кажам дека сме успешни во тоа. Признание добивме и лично од шефот на одделението за претпристапна помош во земјоделството и руралниот развој на Европската комисија, Лиам Бреслин којшто потенцираше дека Република Северна Македонија, во споредба со земјите од регионот е најдобриот корисник на ИПАРД.

Конкретно според неговата анализа, Република Северна Македонија досега има склучени 1.008 договори, во вредност од 19,1 милиони евра само европски пари, што е речиси колку вкупната сума што преку ИПАРД  ја имаат искористено Србија, Албанија и Црна Гора, која изнесува 20,6 милиони евра. До денеска, до Платежната Агенција се доставени 874 барања за исплата, а вкупно 736 договори се веќе исплатени и на сметките на апликантите се вратени 11 милиони евра.

Мерките од ИПАРД 2 овозможуваат подобрување на конкурентноста на македонското земјоделство преку инвестиции во после-бербени и маркетингшки активности,  инвестиции во преработувачки капацитети и опрема, развој на нови рурални бизниси, како рурален туризам, креирање на нови работни места, подобрување на физичката инфраструктура и достапните услуги. Во моментов во тек е јавен оглас за Мерката 7 од ИПАРД 2  „Диверзификација на фарми и развој на мали бизниси“, од ИПАРД 2, којашто пред се е наменета за развој на руралните средини. Оваа мерка нуди можност за кофинансирање на трошоците за инвестиции во алтернативно земјоделско производство, во изградба или реконструкција на мали преработувачки капацитети, производство на сточна храна и ѓубриво, отворање на градинки, старечки домови, кина во селата, капацитети за сместување со традиционална градба, спротско-рекреативни центри и се друго што е потребно за подобри услови за живот во руралните средини.

На барање на заинтересираните лица, рокот за поднесување на барања за оваа мерка ќе се продолжи за 15 дена со што значи апликациите ќе може да се доставуваат до 3- ти декември.

Колку сте задоволни вие како министер од една страна, и какви се рeакциите на земјоделците од друга страна, за мерката „зелена нафта“?

-Мерката за кофинансирање на 30 отсто од трошоците за обезбедување на гориво за  земјоделска механизација, за прв пат ја воведува Владата предводена од СДСМ. Оваа мерка е едно нашите клучни ветувања за првите две години од мандатот и го исполнуваме. Со оглед на тоа дека се работи за нова мерка, за почеток државата ќе покрива 30 отсто од трошоците што земјоделците ги имаат за набавка на гориво за механизацијата, со можност овој процент во следните години да расте и до 50 отсто. За реализација на мерката преку Програмата за директни плаќања обезбедивме 200 милиони денари,пари кои директно ги враќање кај земјоделците.

Зелените картици се доставени до Подрачните единици на МЗШВ во цела држава, кадешто најголем дел од земјоделците веќе ги имаат подигнато. Би апелирал оние земјоделци коишто сеуште не ги подигнале зелените картици, да го сторат тоа затоа што оваа мерка е во нивна корист. Со мерката се опфатени околу 55.000 земјоделци што имаат поледелски и градинарски култури, овошни и лозови насади. Досега со помош на зелените картици земјоделците имаат наточено гориво за земјоделската механизација во вредност од близу 79 милиони денари. Би напоменал дека мерката се донесе после повеќе опсежни анализи и процедури, коишто беа спроведени од тимови од МЗШВ и од Факултетот за земјоделски науки и храна, врз основа на кои се изработи метологијата за пресметка на процентот и трошоците што земјоделците ги имаат за набавка на гориво.

Висината на поддршката по корисник е утврдена во зависност од големината на површината и типот на земјоделски култури што земјоделците ги произведуваат. Со оваа мерка значително ќе се намалат производствените трошоци, што за земјоделците ќе значи порентабилно производство и поголеми приходи.  Јас искрено сум горд кога носиме мерки како што е мерката за „зелена нафта“, кои се од корист за земјоделците и коишто значат развој на земјоделството, и секако задоволен сум од реализацијата.

Како МЗШВ придонесува кон родова еднаквост во секторот земјоделство?

– Во овој период на подготвка за пристап на Република Северна Македонија за интеграција во Европската Унија, како министерството интензивно работиме на прилагодување на националната политика  кон политиките на ЕУ. Во таа насока, МЗШВ презема низа активности, со што покажува јасно дека ја препознава важноста на родовата еднаквост. Наша задача и обврска е да создадеме услови за зголемено учество на жените во агросекторот и да им помогнеме на жените земјоделки да го реализираат својот потенцијал и да придонесат кон вкупниот развој на земјоделството.

Заедно со министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и со Националната федерација на фармери ја потпишавме Декларацијата за подобрување на социјалната и економската положба на жените од руралните средини. Со оваа декларација потписниците се заложивме за подобрување на економската и социјалната положба на жените во руралните средини преку зајакнување на ефективноста и влијанието на националните програми за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, креирање и промовирање на мерки за зголемување на можностите за вработување од руралните средини, креирање на мерки за признавање на неплатениот труд на жените за грижа на семејството и друго.

Паралелно со Телото на обединтети нации за родова еднаквост и зајакнување на жените при UN Women потпишавме Меморандум за разбирање, чијашто цел е унапредување на родовата еднаквост во Република Северна Македонија преку институционализација на родово одговорно буџетирање во стратешкото планирање на развојот на земјоделството и руралниот развој, креирањето на политиките и буџетските процеси, во согласност со меѓународните и националните обврски, вклучувајќи ја конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација на жените (CEDAW), и други договори на ОН за човековите права, целите за одржлив развој (SDGs) и Пекиншката платформа за акција (BPfA).Во координација со Националната федерација на фармери на РСМ направивме измена на мерката 115 Поддршка за активен женски член во земјоделското домаќинство во Националната програма за развој на земјоделството и рурален развој за период од 2018-2022 година.

Со оваа мерка ќе се овозможи поддршка во вид на неповратна финансиска поддршка за започнување на дополнителна дејност на женски член на земјоделско стопанство. Поддршката ќе биде во висина од 180.000 денари во вид на грантпро а ќе биде наменета за проекти за преработка на земјоделски производи и маркетинг активности. Исто така, преку проектите од Националната и од ИПАРД програмата за жените кои предлагаат проекти имаат поголемо бодување, а со тоа и поголема предност. И во следниот период министерството ќе направи напори да ја унапреди родовата еднаквост преку создавање на соодветна законска рамка, стратешки и програмски документи и воспоставување на институционални механизми на централно и локално ниво.

Се градат повеќенаменски хидро-системи на повеќе локации во земјава, кои се очекува да допринесат за помодернизирано наводнување на земјоделските површини, а со тоа и поголемо производство, квалитетен род и поголема конкурентност. Дали сметате дека ќе бидат изградени навремено и ќе се користат функционално овие капитални проекти?

– Управувањето, користењето и планирањето на водните ресурси, се дел од приоритетните политики на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, на коишто во изминатиот двеиполгодишен период посветуваме сериозно внимание. Земјоделското производство е зависно од наводнувањето, особено во период кога се соочуваме со се поизразени негативните влијанија на климатските промени.

Како министерство, во изминатите две и пол години започнавме крупни капитални инвестиции во делот на водостопанската инфраструктура, со единствена цел – преку одржување и реконструкција да ја подобриме положбата на објектите, да ги зголемиме на наводнувани површини и да создадеме услови за рентабилно земјоделско производство. Една од поголемите инвестиции на којашто интензивно се работи е изградбата  на Браната Конско, со којашто ќе се овозможи наводнување на 4.200 хектари земјоделски површини во гевгелиско-валандовско-богданскиот регион, производство на електрична енергија и обезбедување на дополнителни количини на вода за хидро системот “Спас на Дојранско езеро“. Околу 56 отсто е изградбата е веќе завршена. Во полн ек е изградбата на современиот систем за наводнување на јужната долина на реката Вардар втора фаза, со којшто ќе се овозможи наводнување на 2.050 хектари во валандовскиот регион. Над 80 отсто е реализацијата на хидросистемот Равен-Речица, со кој ќе се наводнуваат нови 6.000 хектари во полошкиот регион.

Во тек е проектот финансиран од Европска унија за „Мали, еколошки системи за наводнување“ во износ од 1,8 милиони евра. Паралелно се работи и на проектите за рехабилитација на Пумпна станица Дебарско Поле, ХС “Злетовица” прва фаза за водоснабдување, браните на Оризарска и Слупчанска река и други проекти. Сите проекти во делот на водостопанската инфраструктура се реализираат според предвидената динамика. Со ова темпо на капитални инвестиции продолжуваме и во следниот период. Преку Програмата за наводнување која ќе биде финансирана од германската развојна банка KFW, ќе се започне со изградба на четири системи за наводнување во сливот на Река Вардар. Реализацијата на сите овие проекти на коишто работиме, ќе овозможи намалување на загубите од вода, трајно решавање на проблемите со наводнување и крајно зголемување на приносите од земјоделските стопанства.

Дали со новиот Закон за фитофармација може да се очекува поздраво земјоделско производство во земјава?

-Со новиот Закон за фитофармација се изврши усогласување со одредбите од регулативата на ЕУ 1107 од 2009 година и директивата на ЕУ 128 од 2009 година. Новото законско решение е во собраниска процедура. Со предлог законот се воспоставува целосен ред во употребата на пестицидите и другите хемикалии кои се користат во земјоделството, особено унапреден систем на регистрирање на пестицидите и систен за нивно мониторирање и контролирање, систем на следење и контролирање на опремата за апликација, систем на сертификација на вработените во земјоделските аптеки, интегрирано управување со земјоделско производство како и систем на одржлива употреба на производи за заштита на растенијата.

Сето ова е важно од аспект на безбедни и квалитетени земјоделски производи за потрошувачите. Во моментов на сила сеуште е Законот за производи за заштита на растенијата кој е усогласен со директивата на ЕУ 414 од 1991 година со кој Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство преку Фитосанитарна управа, Државниот инспекторат за земјоделство и Државната фитосанитарна лабораторија спроведва мониторинг во областа на производство, преработка, складирање, дистрибуција, употреба и сообразност на производите за заштита на растенијата и резидуи од производи за заштита на растенијата во производи од примарно земјоделско производство.

Што предвидуваат измените и дополнувањата на Законот за вино и колку е важен за винарниците и лозарите?

Измените и дополнувањата на Законот за вино, деновиве ги усвои Собранието на Република Северна Македонија и истите предвидуваат низа поволности се олеснуваат условите за производство на вино на малите винарии и на физичките лица производители на вино што е тековен тренд во светски рамки, особено во сегментот на продажба на вино од фарма во насока на диверзификација на понудата на пазарот и развој на винскиот и руралниот туризам. На малите винарии, кои произведуваат до 100.000 литри вино годишно, им се дава можност да работат со ангажирање на енолог, со договор а не како досега да мораат да имаат вработено дипломиран енолог, додека физичките лица ќе можат да произведуваат вино со завршено средно образование. Постапката за добивање на решение за пуштање во промет на виното останува иста без разлика во каква винарија е произведено виното. Со дел од измените.

Во насока на зголемен и побрз пласман на виното се менуваат и условите кои треба да ги исполнуваат лабораториите кои се овластени за вршење на физичко-хемиска анализа на виното, односно се доуредува и уверението од физичко-хемиската анализа на виното кое истите го издаваат. Се подобруваат процесите и процедурите за анализа на виното и истите ќе се прилагодат на условите за анализа на вино кои се на сила во Меѓународната организација за лозарство и вино (ОИВ) и ЕУ. Се врши и усогласување со новиот закон за прекршоци, со што казните и глобите за прекршоците значително се намалуваат и истите се применуваат пропорционално во зависност од големината на правниот субјект, помалите винарии и физичките лица плаќаат помали казни.

Измените предвидуваат и олеснување на условите за производство на вино во исклучително неповолни години односно кога имаме екстремно ниски температури во текот на годината и вегетативниот период на виновата лоза, нешто што досега не беше регулирано во законот. Така што, сите измени во законот се во насока на зголемување и олеснување на производството и пласманот на виното, диверзификација на понудата на пазарот и развој на руралниот и вински туризам, што крајно ќе придонесе за поголеми приходи за винарските визби и за лозарите, поголем извоз на вино и девизен прилив. Новите законски измени се правени во соработка со Здружението на мали винарии, Здружението на винарски визби и лабораториите кои прават анализи за грозје и вино.

Како го оценувате пристапот до државнo земјоделско земјиште и што како министерство преземате за правилна и транспарентна распределба на државното земјоделско земјиште под закуп?

-Изминатиов период интензивно работевме на расчистување на земјоделското земјиште, спроведовме сериозни реформи во земјишната политика, со цел да го вративме земјоделското земјиште кај вистинските земјоделци и да го ставиме во функција целокупното обработливо земјоделско земјиште. Со спроведените мерки досега се ослободија 10.000 хектари државно земјоделско земјиште кое сега повторно преку огласи и повици се враќа кај земјоделците. За две години се склучија 700 договори за доделување државно земјоделско земјиште. Во склоп на овие огласи се објави наменски оглас за добиточна храна, што е важно за поттикнување на производство на домашна и поевтина добиточна храна. Го ставивме во владение земјиштето од поранешниот агрокомбинат Џумајлија, односно за објавениот оглас се склучија 8 договори за површина од 617 хектари.

Еден од клучните огласи за доделување на државно земјоделско земјиште под закуп е инвестицискиот оглас, за којшто се потпишаа 17 договори со вкупна површина од 1.240 хектари. Вкупната инвестиција на сите овие договори е 11 милиони евра кои ќе се вложуваат во следните пет години во изградба на винарии, кланици, млинови, оранжерии и откупни центри. Преку овие инвестиции во земјоделската преработувачка индустрија ќе се создадат услови за обезбедување на сигурен пласман на земјоделските производи, решавање на проблемите со вишоците, како и отворање на нови работни места. Поради зголемениот интерес, неодамна објавивме втор инвестициски оглас, за којшто роковите за поднесување на барања се во тек. Со овој оглас ќе се доделат 1.453 хектари земја во Свети Николе, Велес, Струмица, Куманово, Неготино, Битола, Кочани, Кисела Вода, Пробиштип, Берово, Штип, Тетово, Кавадарци, Гевгелија и Крива Паланка. Во насока на транспарентна поделба на државното земјиште и ставање во функција на целокупното расположливо обработливо земјиште, се донесе нов Закон за државно земјоделско земјиште, којшто претставува сериозна реформа на целокупниот сектор и начин за отстранување на сите проблеми во доделувањето на државно земјоделско земјиште под закуп. Акцент во новото законско решение ставаме на младите земјоделци кои во првите 3 години од склучување на договорот ќе бидат ослободени од плаќање закуп.

Со новите измени, се проширува и намената на земјоделско земјиште кое може да се додели во закуп со можност и за поставување на пчелни семејства. Досегашниот закон не дозволуваше доделување на земјоделско земјиште на земјоделци кои веќе имаат склучено договор за закуп, иако тој договор може да е само за 1, 2 или 3 хектари. Со сегашните измени им овозможуваме на овие земјоделски стопанства да аплицираат  на огласи за закуп се до обезбедување на површини од 10 хектари. На тој начин се создаваат услови за окрупнување на површините и за зголемување на производството.

Под закуп ќе се доделува и земјиште со насад подигнат од непознат сопственик а за кој нема други правни товари. Законските измени предвидуваат и нов рок за легализација на бесправно подигнати оранжерии, помошни објекти и објекти за примарна обработка на земјоделски производи до 31.07.2020 година, со што се создаваат услови земјоделците тие објекти да ги адаптираат за современо земјоделско производство со помош на искористување на европските фондови. Со измените се овозможува на земјоделско земјиште да се градат објекти за промоција на земјоделски производи, односно угостителски објекти и изградба на објекти за спортско рекреативни активности. Тоа ќе придонесе за зголемување на инвестициите во ваков тип на објекти од страна на земјоделските стопанства, ќе се зголеми искористеноста на ИПАРД програмата, и ќе се придонесе за развој на рурални средини преку рурален туризам. Законот предвидува и низа други измени, а се во насока на правилна распределба на државното земјоделско земјиште под закуп.

Знаеме дека климатските промени кои се очигледни се погубни за земјоделскиот род. Кои се конкретнките мерки кои ги превзема МЗШВ?

– Климатските промени се се позачестено и предизвикуваат сериозни штети особено врз земјоделското производство, што крајно влијае и врз севкупната економија. Погодени се скоро земјоделски култури, како  и добитокот. Изминативе години најмногу на удар од климатските промени се пелагонискиот, вардарскиот, гевгелиско-валандовскиот регион. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, посветува сериозно внимание во делот на преземање на мерки за справување со климатските промени. За околу десетина дена УХМР ќе го објави меѓународниот тендер за избор на компанија за услуги за авионско засејување на облаците. Станува збор за нов систем за заштита од временски непогоди којшто предвидува контрола на климатските услови преку таканаречено засејување на облаците со сребрен јодид којшто влијае за спречување на формирање на мраз во облаците.

Со овој вид на заштита од природни климатски непогоди како што е градот се постигнува најефикасен систем за превенција и неколку кратно поекономичен систем од старите ракетни системи. Изминативе две години УХМР спрoведе реновирање на повеќе клучни метеоролошки станици, меѓу кои и на радарскиот систем Ѓуриште кој не беше реновиран пет години, со единствена цел за добивање на навремени и прецизни податоци за временски непогоди. Зелениот Климатски Фонд претставува нов партнер за Република Северна Македонија, чија цел е ефективно спроведување на инвестиции за справување со климатските промени.Во насока на ублажување на загубите што ги претрпуваат земјоделците поради временските непогоди предизвикани од климатските промени преку ИПАРД 2  програмата се кофинансира поставување на  заштитни мрежи и други технологии за прилагодување на земјоделството кон климатските промени.

А преку Програмата за директни плаќања на земјоделците на располагање им стои за кофинансирање на трошоците за премијата за осигурување за надоместок на штета врз земјоделското производство во висина од 60 отсто. Со последната функционална анализа финансирана од ЕУ преку Светска банка, донесен е заклучок дека министерството  има потреба од формирање на посебен сектор за климатски промени, којшто ќе работи токму на оваа проблематика.

За кои сегменти од вашата работа ќе се залагате повеќе во следната година?

– Земјоделството е еден од носечките столбови на македонската економија. Затоа како Влада посветуваме посебно внимание на политиките кои ги спроведуваме за овој сектор, со посебен акцент на развојните мерки и проекти, како и нови инвестиции кои ќе придонесат кон забрзан раст на оваа стратешка економска гранка. Има многу работи на коишто и досега сме фокусирани и со уште позасилено темпо ќе работиме и во следниот период. Ќе набројам неколку, сигурен откуп и пласман, повисоки откупни цени, зголемен извоз на земјоделско-прехранбените производи, модернизирање на македонското земјоделството и доближување до европските регулативи, ефикасно искористување на европските фондови, нови системи за наводнување и најважно од се да имаме добра комункација со земјоделците и агрозбисмените заеднички да носиме развојни мерки кои ќе дадат позитивни резултати во агросекторот.

Х.С.

Поврзани вести

Илчо Ѓорѓиоски: Измамен сум и искористен од лица во кои имав доверба

Зибери бара телевизиски дуел со Заев и Мицкоски

Пендаровски: Макрон потврди дека реформите во судството не се причина што не добивме датум за преговори

Viktor Jovanov

Заев: Лошо се изразив во разговорот од 2016, секој ден градам пријателски односи со коалициските партнери

Пендаровски се сретна со делегација на вооружените сили Италија

Берта Китинска

Спасовски: Координацијата оди одлично, навремено бевме подготвени за коронавирусот