МАКЕДОНИЈА

ДКСК усвојува Годишен план за следење на имотна состојба и судир на интереси

ДКСК согласно Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси усвојува Годишен план за наредна година, за следење на имотна состојба и судир на интереси, врз основа на извршена анализа и проценка на ризици од корупција во одредени области, што е и основа за изготување на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси, изјави претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана  Ивановска.

Според неа согласно утврдените ризици во анализата, правосудството е оценето како столб со висок ризик од коруптивни и други влијанија, па оттаму носителите на функции од овој столб (судиите и јавните обвинители) ќе бидат  дел од Годишниот план за следење на имотната состојба и судирот на интереси за 2020 година.

Годишниот план ќе се утврди и ќе се спроведе  врз основа на законските надлежности, а согласно расположливите човечки и  материјално – технички капацитети на Државната комисија.

Законските надлежности на Државната комисија во делот на  следењето на имотната состојба се спроведуваат преку проверка на вистинитоста на податоците внесени во анкетните листови, како и испитување на имотната состојба доколку има основано сомневање дека имотот на лицето е несразмерно зголемен во споредба со неговите редовни примања и примањата на членовите на неговото семејство.

Во делот на следењето на состојбата на судирот на интереси, Државната комисија ги проверува податоците од изјавите за интереси кои се однесуваат на работни места, членство во управни и надзорни одбори, здруженија на граѓани и фондации и други податоци кои се однесуваат на  избраните и именуваните лица и членовите на нивните семејства.

„Испитувањето на имотната состојба, е нова надлежност на Државната комисија, за чие спроведување  потребно е зајакнување на постојните човечки и  материјално – технички услови и  вклучување на други истражни органи“, појаснуваат од ДКСК.

Имајќи ја предвид искажаната подготвеност на премиерот за ставање на располагање на сите капацитети на извршната власт за ефикасно спроведување на постапките за испитување на имотната состојба, Државната комисија смета дека е неопходна  координација на сите надлежни институции, но врз основа на конкретни задолжувања од страна на Владата на Република Северна Македонија.

Поврзани вести

Бугарски експерт: Русија е вмешана во тоа што се случува меѓу Бугарија и С. Македонија

Никола Поповски

Се набавуваат нови резервоари за пречистителната станица во „Југохром“

Влатко Зорба

Груби: Нема простор за паника и јазична гимнастика – Дали ќе гласате за Зоран, Христијан или за Албанец?

Во Скопје 43 нови случаи на Ковид-19

Влатко Зорба

Бугарски новинар: Сметам дека Заев е многу добра варијанта за премиер нa нашиот западен сосед

Дебар: Гласале 38 отсто од избирачите до 19 часот