МАКЕДОНИЈА

Екслицитни клипови и фотографии со девојки од Гевгелиско препраќани на Вибер, Месинџер

Порнографски видеа и фотографии со експлицитна содржина со девојки и жени од Гевгелија и околината се споделуваат на пораки преку Вибер и Месинџер. Случајот е пријавен во Министерството за внатрешни работи, каде се постапува по него.

Екслицитните клипови и фотографии пристигнале до редакцијата на „Слободен печат“, кој случајот го пријавил во МВР.

„Слободен печат“ објави дека до нивната редакција пристигнале десетина порнографски клипови и фотографии со експлицитна содржина на кои се гледаат ликовите на девојки и жени од Гевгелија и од Богданци. Овие видеа масовно се споделувале по приватни канали од еден на друг корисник во Гевгелија овие денови, а жените и девојките што се на нив, се мета на јавен линч на своите сограѓани, кои не само што ги споделувале клиповите по пат на системи за пораки, како Вибер и Месенџер, туку и создавале адаптации на логоа од порнографски сајтови насловени како „ГевгелијаХаб“.

Од МВР за МИА потврдија дека случајот е пријавен и дека се постапува по него, но напоменуваат дека според досегашните сознанија не станува збор за случај оној налик на „Јавна соба“, кој одекна во јавноста на почетокот на годината. Во тој случај фотографии и видеа со девојки, од кои некои малолетни, се споделувале подолг временски период во групата „Јавна соба“ на социјалната мрежа Телеграм. Некои од фотографиите биле преземени од профили на социјалните медиуми, некои, пак, биле дел од приватна комуникација со поранешен партнер, за потоа да бидат злоупотребени и пуштени во отпег во „Јавна соба“.

Од МВР за МИА посочуваат дека во овој случај станува збор пред се за приватно снимени фотографии и видеа, кои биле за лична употреба, а потоа се злоупотребени. Тие, додаваат од полицијата, не се објавуваат во некоја група или на некоја платформа, туку се препраќаат од еден на друг корисник преку пораки на Вибер и Месинџер. Сепак, случајот ќе се испитува и допрва ќе се утврдува за што станува збор.

МИА побара одговор и од гевгелиската полиција, од каде ни посочија дека тие се информирани, дека ги детектираат информациите и се уште утврдуваат за што станува збор.

Едно од видеата било претходно споделуввано и во „Јавна соба“

За случајот е информиран и Хелсиншкиот комитет за човекови права, кој нагласи дека собира информации и најавува соодветни дејствија.

-После Јавна соба и масовното сексуално вознемирување на текстилните работнички на ФБ група следи нов скандал ГевгелијаХаб. Ги ѕирнав тие материјали и одговорно тврдам дека барем едно видео од овие беше споделено и на Јавна соба. Замислете тие жени се трет пат (еднаш кога биле споделени од оној кому му ги пратиле или ги снимал/сликал, вторпат на Јавна соба и сега најтешко во локалната средина во која живеат) жртви на сексуално вознемирување кое може сериозно да го наруши нивното ментално и физичко здравје, напиша на својот Фејсбук профил, Ирена Цветковиќ од Коалицијата Маргини.

Таа забележа дека истрагата за „Јавна соба“ завршила со кревање рамена на МВР со изговор – „Телеграм не ни дава податоци“.

-Стварно ли? Па едно кафе џандар да испие у Гевгелија за 30 мин ќе ја дознае цела багра која го прави ова. Чудно како за секунда се фаќаат лица кои преку интернет се закануваат на политичари и нафатирани бизнисмени, а целиот систем и држава колабира во немоќ кога жртви се обични жени и девојки, нагласи Цветковиќ на Фејсбук.

„Јавна соба“ на почетокот на февруари беше затворена. Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика во координација со СВР Скопје тогаш изврши идентификација на сопственикот на „Јавна соба“ со иницијали Д. К. од Скопје и еден од администраторите на групата со иницијали М.П. исто така од главниот град. Групата броела над седум илјади членови, а откако МВР покрена истрага, бројот драстично се намалуваше, а како што информираше тогаш министерот за внатрешни работи Наќе Чулев станува збор за околу 800 фотографии и видеа, претежно од „Фејсбук“, „Инстаграм“ и Интернет, но има и приватни фотографии и видеа.

Целта и намерата при креирањето на „Јавна соба“ требаше да се разоткријат во текот на истрагата. Првично од нејзиниот основач беше посочено дека групата ја отворил заради забава и размена на смешни видеа, но целата работа излегла од контрола. Сепак се уште остана неутврдено дали стануваше збор за група во која само се споделувале експлицитните содржини или пак „Јавна соба“ беше параван за проституција и подведување, меѓудругото и на малолетни девојчиња.

Поврзани вести

Истрага против сметководител – го оштетил буџетот за речиси 11 милиони денари

Никола Поповски

Чулев во Тетово во увид на контролата околу полицискиот час

Влатко Зорба

Ахмети: Министерството за култура ќе оцени дали „Шверцери“ направиле материјална штета во МНТ

Караџовски: Самите ако не си помогнеме на себе, не може да ни помогнат уште 500 доктори, 500 сестри, уште 20 болници…

Влатко Зорба

Филипче: Здравствената администрација доби зголемување на платите во два наврати досега

Рекордот на заболени во земјава ќе биде многу брзо соборен – луѓето не ги кажуваат контактите

Берта Китинска