Интервју МАКЕДОНИЈА

ИНТЕРВЈУ Ристовски: Членовите кои преминаа во ДП*НЕ  ја прекршија Заклетва и си нанесоа проклетство на себе

Историјата е идентитетска одредница. Колку подлабок е коренот на нацијата, толку стеблото, крошната и плодовите за македонскиот народ се поизобилни. Мудрите велат, раскажи ми ја твојата историја и јас ќе ти ја пророкувам твојата иднина. Македонија не смее да се откаже од своите историски корени, по ниту една цена. Гоце Делчев е апостолот на македонското револуционерно движење и е синоним на вековната борба на македонскиот народ за национална слобода и за своја татковина – татковина на македонскиот народ. Со самото тоа е нераскинлив дел од македонската национална историја, вели д-р Љупчо Ристовски претседател на ИНТЕГРА – Македонска конзервативна партија во интервјуто за Стандард.

Тој вели дека владините политики на понижување, постојано коленичење и виткање на кичма, не даваат резултати какви што би требало да добиеме.

За обвинувањата на поранешните членови кои се интегрираа во опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, дека Интегра е „трговско друштво“, а тој се претставува како пророк и месија пратен од Бога за да ја спаси Македонија, Ристовски вели дека тој чин е беден и мизерен и тоа повеќе говори за нив, отколку за него лично или за Интегра.

-Сите членови на лидерскиот тим се добро запознаени со идеолошкиот концепт на ИНТЕГРА. Притоа носителите на листа и првенците во партијата положија Заклетва со рака на Библијата, но и снимија видео обраќања во спот со Библија во рака и склучија Завет со Бога пред народот, дека со ништо свое нема да ја загрозат визијата и каузата на ИНТЕГРА, ниту пак партијата, ниту пак лидерските тимови. Тие постапија спротивно и со тоа ја прекршија Заклетвата и си нанесоа проклетство на себе. Заклетвата не ја положија пред Љупчо Ристовски, туку со рака на Библијата и пред Бога. Оттука не ме излажаа мене, ниту македонската јавност, туку го излажаа Бога, објаснува лидерот на Интегра.

Воедно Ристовски  напоменува дека доколку го добие спорот со партијата на Мицкоски за средствата од 100.000 евра, ќе ги донира за поддршка на активностите на здруженија за дечиња со посебни потреби.

По изборите вашата партија спроведе внатрешни измени. Која беше причината за ваквата промена?

-Природно е после секој изборен циклус да се погледне наназад и да се изанализираат во сите детали процесите кои довеле до соодветниот изборен резултат. Отворивме внатре партиска дебата, во која секој член во лидерскиот тим требаше да подготви СВОТ анализа за изборниот процес и нашето учество во него, како партија. Притоа беше спроведена и идеолошка диференцијација, процес кој имаше за цел да ја утврди независната позиција на ИНТЕГРА на политичката сцена во периодот пред нас и да потврдиме дека и понатаму стоиме на стојалиштето дека немаме намера да го задржиме СДС* на власт, ниту пак да го враќам ДП*НЕ на власт.

Токму на оваа точка, се појавија на површина различни гледања и се издвоија неколкумина кои притискаа да се завртиме спрема ДП*НЕ. Никогаш не биле проблем внатре во партијата различните поимања на политичката стварност, ниту поинаквото толкување на процесите или поглед на збиднувањата, а секогаш сме движеле партнерски и секој во полн лидерски капацитет, но оној момент кога ќе добиете јасни маркери кои на површина ги вадат „скриените намери“ или како што јас велам „кога змијата ќе си ги покаже нозете“ и сфаќате дека всушност некој одработува за надворешни центри на моќ, кои ние ги дефиниравме како „одметнати удбашки структури, длабоко вгнездени во раководството на ДП*НЕ“ преку нивните поданици јаничари внатре во партијата, не ви останува ништо друго туку да преземете радикален чекор и со рез да го отстраните малигното канцерогено ткиво во тимот, кое има претензии да го разори ткивото одвнатре и да го уништи партискиот организам, односно лидерството на партијата.

Природен производ на таквиот заклучок е процес на отстранување на канцерогеното ткиво од партискиот организам. Тие неколкумина или вкупно петорица од раководството на партијата, беа разрешени, двајца во текот на август, а другите тројца во септември. Но, партијата влезе во процес на генерален избор/реизбор и едногласно ми беше доверена обврската да го предложам новиот состав на Централниот комитет и на Претседателството, секако тимски преку формирана Комисија и со оформени строги критериуми за влез/останување во лидерските тимови. Новите критериуми имаат за цел да се стегне како на менгеме било каква можност за инфилтрирање на лица за кои постојат јасни маркери дека не им е при срце каузата на партијата, а таа е татковината Македонија и македонскиот народ – свој на своето во неа, а да притоа газиме цврсто и непоколебливо како партија до тронот, без разлика колку долг и тежок ќе биде процесот. ИНТЕГРА како партија е формирана со единствена цел да ја освои власта и да го востоличи – Македонскиот национален стратегиски интерес во татковината Македонија, како никогаш досега во својата историја на постоење.

Како ги коментирате обвинувањата на поранешните членови кои се интегрираа во опозициската партија, дека Интегра е трговско друштво, а вие се претставувате како пророк и месија пратен од Бога за да ја спаси Македонија?

-Бедно. Мизерно. И тоа повеќе говори за нив, отколку за мене или за ИНТЕГРА.

Но, вашава констатација е погрешна, тие не се интегрираа, туку преминаа, а тој процес не е колективен туку е индивидуален чин.

Сите членови на лидерскиот тим се добро запознаени со идеолошкиот концепт на ИНТЕГРА. Притоа носителите на листа и првенците во партијата положија Заклетва со рака на Библијата, но и снимија видео обраќања во спот со Библија во рака и склучија Завет со Бога пред народот, дека со ништо свое нема да ја загрозат визијата и каузата на ИНТЕГРА, ниту пак партијата, ниту пак лидерските тимови. Тие постапија спротивно и со тоа ја прекршија Заклетвата и си нанесоа проклетство на себе. Заклетвата не ја положија пред Љупчо Ристовски, туку со рака на Библијата и пред Бога. Оттука не ме излажаа мене, ниту македонската јавност, туку го излажаа Бога.

Во „корот“ на идеолошкиот концепт на ИНТЕГРА е Божјата правда и вистината. Ако приметивте и во секој говор на низата митинзи низ татковината јас говорев дека ИНТЕГРА излегува на овие избори и воопшто на политичката сцена со вистината и цврсто стоиме на концептот на Божјата правда, востоличена и во политиката и во општеството. Јас и сега говорам дека ваков концепт во политиката и ваквата понуда за престројување на владата и сите државни институции во „слуги на народот“ што е пак „кор“ на секое лидерство (служење), по моделот на „Христовата агапе пожртвувана љубов“ да државата е таа која ќе подметне рамо и ќе подаде рака на овој напатен народ, да го „крене“ (тоа е и логото на партијата – крената глава на поединецот), да му ја врати надежта, да му помогне да секој поединечно дојде до статус во животот и до момент кога ќе каже за себеси: „Да, јас успеав во мојот живот, среќен сум и задоволен од него, во мојата татковина Македонија“.

Притоа, 5 години наназад Љупчо Ристовски говори, жестоко жигосува и во своите јавни политички анализи предупредува на процесите кои се случуваа во континуитет во Македонија. Дали сум јас виновен што се` што сум кажал или проценувал на јавна сцена, се случило и постанало стварност?

Некој тоа го нарекоа политичко пророштво, сеедно, но тоа е факт. Сите мои јавни дебати се на јутјуб каналот и на веб и на фан страната на партијата. Се` е на увид на јавноста и морална грешка нема да најдете во ниту едно јавно излагање, а ќе најдете конзистентност и визија, непоколеблив став за „македонското во татковината Македонија“.

Ако овие факти му попречиле некому, ако нашава политичка визија и моќната реторика со која ја носиме на јавна сцена таа визија им попречила на некои одметнати удбашки центри на моќ кои се вгнездени во досега владеачките партии (СДС* и ДП*НЕ), тоа не е мој или наш проблем. Тоа е нивен проблем и со него тие ќе мора да се справуваат. А јас и ИНТЕГРА ќе продолжиме на Божјиот пат на вистината и Божјата правда и со се` свое ќе работиме ревносно посветено на враќање на татковината на вистинските патеки.

Поранешниот потпретседател на Интегра, Воислав Зафировски изјави дека неговото разрешувањето се случило на седница за која тој лично не бил информиран. Кој беше конфликтот на интереси помеѓу вас и Зафировски?

-Љупчо Ристовски никогаш немал конфликт со било кого, ниту пак сум бил причина за такво нешто. Секому сум ја чувал честа на другиот јавно, во безброј прилики, и јавно во емисија кај Миленко кога бил напаѓан, и не само нему, туку и на секој во лидерството на ИНТЕГРА. Едноставно тоа сум јас, воден од Библиската мудрост: „правете му на другиот, тоа кое очекувате другиот да ви го прави вам…“, потоа „доколку знаете да чините добро, а не го правите – тогаш правите грев“ и „кој на доброто со зло враќа, злото не излегува од неговиот дом со генерации“. И ние верните Христијани сме повикани да правиме само добро и да се клониме од зло. Сите во лидерските тимови се сведоци на ваквиот мој став, сите до еден. Оттука, причините се надвор од кругот, значи инструирани и водени од некој одметнат удбашки центар вгнезден во партијата која го отпочна и води тој процес на разорување на ИНТЕГРА одвнатре, со цел непријателско преземање, реметење и растурање, со титулар во ДП*НЕ.

Инаку, работата внатре во партијата е транспарентна и секој е информиран за се`. Изборот е на секого личен. Во случајов некој одбра да не се појавува на седници на Претседателството на ИНТЕГРА, од периодот непосредно после изборите се` до денот на разрешување. А зошто се шират лаги на јавна сцена, ќе прашате друг, тоа не е моја работа.

Велите дека Интегра беше и се уште е под специјална војна на одметнати удбашки структури. Од чија страна се вршат притисоци и што конкретно се бара од вас за да се приклоните и да одработувате за ,,туѓи бели дворови“?

-Да, одговорот е содржан во вашето прашање, наједноставно апсолвирано. Имало три сценарија. Првото било да се поткопува систематски процесот на подготовка за изборната кампања, фаза во која ги добивме првите сигнали и аргументирани маркери дека постојат и се на сцена скриени намери кон ИНТЕГРА и кон мене лично како нејзин претседател. Од тие моменти една мала група од тимот беше ставена под засилена опсервација и беа будно следени сите нивни активности и потези јавно. Прашањето беше, дали да реагираме непосредно пред изборите, кога се гледаше брегот, или да оставиме за после изборите. Проценивме дека не треба да брануваме пред изборите и во кампања, за да ја придвижиме арката што поблиску до брегот, оти ако има силни бранови, арката е во опасност да се оддалечува од целта.

Крајната цел на ваквиот нивен непријателски потфат била да се спречи добивање на пратеници, а доколку и се добијат, истите да се стават под влијание и контрола за да одработат мнозинство во прилог на една од партиите.

Второто сценарио, доколку не се добијат пратеници, било да се влезе во фаза на непријателско преземање на кормилото на партијата, потфат кој беше прекинат со разрешувањето на нивните главни играчи `поданици јаничари` кои и онака без веќе во т.н. егзит постапка.

И кога и тој обид не им успеа, немаа друго освен да се обидат да делуваат однадвор со методи на лаги и клевети кон мене и кон дел од лидерските тимови, со цел да го разорат партискиот организам, со мизерни обиди однадвор. Во оваа фаза за партнер го вклучија и Мицкоски и ДП*НЕ, кои беа `превеслани` повторно со лага, дека се се` уште во структурите на ИНТЕГРА, со што го прикриле фактот дека се веќе разрешени или во егзит фаза.

Побаравте од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски јавно да ви се извини и да го достави доказот поради изнесените ставови за тоа дека вашата партија е финансиски мотивирана од други политички партии, за да направите штета во опозицијата. Мицкоски не излезе на прес-конференција, дали подесовте тужба за оштетно побарување од 100.000 евра за нарушување на вашиот углед и честа и интегритетот?

-Да, поднесовме тужба до судот, минатата недела и со прес/видео обраќање ги известивме медиумите и јавноста дека е поднесена тужба кон Мицкоски и кон ДП*НЕ за изнесени лаги и клевети на јавна сцена и со тоа ми нанеле на мене лично огромна штета по мојот углед и авторитет во јавност, како и на партијата ИНТЕГРА. Недозволиво е лидер на партија, јавно кажан збор да базира на лага и да се служи со клевета. Да тврдите дека имате доказ во рака, а притоа да ја лажете јавноста е во најмала рака бедно. Ние веднаш побаравме било каков доказ кој го поседуваат, да го изнесат во јавност, а доколку немаат таков доказ да се извинат јавно на мене лично и на партијата ИНТЕГРА, во истиот формат во кој беа изнесени лагите и клеветите, и тоа во рок од 24 часа од настанот. Доколку не го сторат тоа, ние јавно предупредивме дека ќе следи тужба со отштетно побарување од 100.000 евра за нарушен углед и авторитет. И нормално, ние си стоиме на зборот како одговорен политички субјект и јас како одговорен лидер на партија, и тужбата е поднесена. И најавивме дека доколку се добие спорот, парите ќе бидат наменети за поддршка на активностите на здруженија за дечиња со посебни потреби.

Значи, да заклучам, јас лично, ниту ИНТЕГРА како партија не сме биле финансиски мотивирани од било кого, не само за овие избори туку и од почетокот на своето постоење. Јас јавно и одговорно тврдам пред Бога и пред Македонската јавност дека за ниту една сума на планетава земја нема да ја предадам или продадам каузата на партијата. Таа е мое чедо, породена од пазувите на мојот народ македонски, за негови цели и интереси, исклучиво. Значи, ниту јас, ниту ИНТЕГРА, повторувам не сме земале ниту еден долар од Соросови или од било какви други афилијации на СДС* или од било кој друг центар на моќ. Такво нешто нема, ниту некогаш ќе има.

Дали протестите против поскапувањето на струјата на ВМРО-ДПМНЕ се оправдани на само три недели откако изгубија на изборите и беше формирана нова влада?

Со најавата од ДП*НЕ за тематски протести, тие всушност го одработуваат ветувањето пред странскиот фактор во Македонија дека ќе бидат конструктивна опозиција, а всушносст ја одработуваат агендата на СДС*, на Сорос и на ‘deep state’ глобалистите според која: Прашањето за ‘северна’ и Преспанскиот договор мора да се забетонираат по моделот ‘се’ друго е поважно’ (цена на струја, пад на економија, социјални прашања…), се’ што е надвор од тоа најсуштинско горливо прашање за македонскиот национален стратегиски интерес – идентитетскиот опстој и развој на `македонското` во татковината Македонија.

Според тие ‘болни во умот’ центри на моќ, идентитетскиот момент мора да биде покриен со каква и да е ‘лавина’ од социјално незадоволство, меѓу другото и со цел да се пресретне, неутрализира и анестетизира евентуално идно незадоволство по круцијалните идентитетски основи.

Кој друг може да изведе една таква операција освен проверени ‘предавнички добавувачи’ од ДП*НЕ за да наводно добие лажен ‘патриотски шмек и да се апсорбира било какво евентуално идно незадоволство кај националистичкиот, патриотски и татковински дел на нацијата, кој созрева од ден на ден и кој веќе препознава ново и моќно лидерство во ИНТЕГРА.

Ги боли таа помисла, дека македонскиот народ се’ повеќе осознава дека веќе постои харизматско лидерство кое има моќна реторика и потенцијал да ја покрене нацијата, но и кое знае и умее како мудро да го канализира отпорот до крајната цел – слободата, да бидеме и останеме свои на своето во татковината Македонија, довека.

Американците знаат и се свесни дека проектот „Преспа“ кога – тогаш ќе падне. Добро ги познаваат сериозните намери на ИНТЕГРА и особено добро го познаваат Љупчо Ристовски, така што тие добро знаат што ќе следи наскоро, со Божја помош и по Божја промисла.

Северна Македонија доби Влада која ветува големи реформи во внатрешната политика. Која ќе биде најтешката задача на новиот владин состав?

– А зошто „северна“, кога може да биде едноставно Македонија.

Владата може да ветува што сака, но далеку е од реалноста нивниот капацитет да остварат било што кое би можело да биде додадена вредност за мојот народ Македонски, особено.

Постојниот владин состав, не смее ни да си помисли дека ќе се симне едно ниво подолу во велепредавничките процеси на детериорирање на се` што е македонско во татковината Македонија. Тие во нивната глупост, дури и сега оставаат видливи траги од маркери кои покажуваат и во оваа фаза дека `се нема усул`, ниту пак се мисли на Македонскиот национален стратегиски интерес. Едноставно, во нивната погубна аписмент политика, тие немаат лимити и упорно се стрмоглавуваат кон дното. Фронталниот агресивен напад на се` што е македонско во татковината Македонија продолжува и тоа под обландата на т.н. Европската перспектива. Тие одат по моделот на `гладна кокошка – просо сонува`. Економски ја опустошуваат татковината, го сведуваат македонскиот народ, претежно источниот дел од Македонија, на просјачки стап, а со цел истиот да е што поподложен на `месење` и прифаќање на се` и сешто. Таквиот пеколен план за нас Македонците не може и не смее да им успее. ИНТЕГРА е новиот моќен бастион на Македонскиот национален стратегиски интерес и работиме посветено на враќање на македонското национално единство во татковината, во соседството, како и насекаде низ светот. Во оваа борба очекуваме партнерство со нацијата, за да аедно и во полн лидерски капацитет ја извојуваме победата и ја сочуваме слободата да бидеме свои на своето во своја татковина – Македонија.

Според вас на кој начин може да го решиме прашањето за Гоце Делчев со Бугарија ?Дали политиката која ја води нашата Влада со соседот ветува решение?

-Прашања кои длабоко задираат во коренот на македонскиот идентитет не смее да бидат предмет на разговори и преговори, а уште помалку уцени, притисоци и закани.

Историјата е идентитетска одредница. Колку подлабок е коренот на нацијата, толку стеблото, крошната и плодовите за македонскиот народ се поизобилни. Мудрите велат, раскажи ми ја твојата историја и јас ќе ти ја пророкувам твојата иднина. Македонија не смее да се откаже од своите историски корени, по ниту една цена. Гоце Делчев е апостолот на македонското револуционерно движење и е синоним на вековната борба на македонскиот народ за национална слобода и за своја татковина – татковина на македонскиот народ. Со самото тоа е нераскинлив дел од македонската национална историја. И не само тој, туку плејада македонски дејци пред него и после него, уште од библиски времиња се исто така сврзно ткиво на македонското национално движење и борба за своја сопствена држава и татковина. Бугарската спогодба, исто како и Преспанската спогодба се` плод на затруено дрво` како што вели еден умен човек, пријател на ИНТЕГРА, и затоа мора да се поништат и да ги снема од политичката мапа.

Владини политики на понижување, постојано коленичење и виткање на кичма, не даваат резултати какви што би требало да добиеме. Напротив, водат до најниските нивоа на велепредавничкото владино дивеење, во кое темнината владее и во кое хаосот станува реалност. И за крај еден совет до сите нив од мене и од ИНТЕГРА: Престанете со сеење раздори помеѓу браќа. Тоа е една од седумте најомразени работи за Господа. Имајте страв од Бога, оти постоењето на Македонија и на Македонскиот народ е Божја работа. Само остварениот македонски национален стратегиски интерес во татковината Македонија и во соседството е силна гаранција за мир, прогрес и просперитет на државите и нациите од регионот.

САД ќе мора да го промени својот геостратегиски пристап во позиционирањето во регионот на ЈИЕвропа. Тие ќе мора да сфатат, а ние ќе им помогнеме во тоа дека постоењето на Македонија како татковина на македонскиот народ, како и на сите родени на ова парче света македонска земја не е спротивно на нивните геополитички цели и интереси. Партнерството со македонскиот народ има многу поголем потенцијал за остварен геостратегиски интерес, отколку погубните процеси на негирање и демисионирање на столбот на македонската држава – македонскиот народ. Обратно, неостварениот македонски национален стратегиски интерес или делумно остварениот ќе претставува темпирна бомба која кога тогаш ќе им експлодира во нивните раце.

И како заклучок, нам ни треба влада која ќе знае и умее да наметне своја автохтона, изворна позиција во меѓународната игра на геостратегиско позиционирање. Искрено, нека е и претенциозно, јас освен ИНТЕГРА и нејзиното лидерство и освен нашата нова политичка визија за новата македонска ренесанса, не гледам друг политички субјект и лидер кои се подготвени, цврсто и непоколебливо да ја востоличат Македонија и македонскиот народ како почитувани и кредибилни субјекти на меѓународната сцена, на одржливо ниво и долг рок.

Б.М

 

Поврзани вести

ИЈЗ: Најзастапени кај заболените од Ковид-19 се лица на возраст над 60 години

Александар Петровски

Заев: Претставници од „Марш за чист воздух“ денеска повторно одбија средба

Ивана Рамаданова

МЗ: Монтажната болница ќе прерасне во ургентен центар на Инфективната клиника

Претставници на Институтот за филозофија на посета кај Пендаровски

Берта Китинска

ГАЛЕРИЈА: Лицата со попреченост да бидат активни чинители, а не само пасивни приматели на услуги

Ивана Рамаданова

Бројот на активни случаи во земјата изнесува 3.557: Новороденче и мајка меѓу новозаразените од Ковид-19