Интервју

Интервју со Темелковски: Има 100 градежни парцели во Расадник, но нема сите да бидат згради и објекти

Како парцели се 100 градежни парцели, но не се како згради и објекти 100, бидејќи одредени објекти сме ги поделиле на две или три градежни парцели, така што, доколку го земеме и минатиот ДУП, намалено е и за 20 градежни парцели на целата територија, вели во интервју за Стандард градоначалникот на општина Кисела Вода, Филип Темелковски.

Според него, земјиштето кое е во државна сопственост е определено за јавно добро, односно паркови и зеленило, поликлиника, градинка, пешачка зона и два објекти за образование.

За урбанистичкиот хаос во општината, Темелковски вели дека се должи на фактот што Кисела Вода е на трето место во државата по однос на нелегални објекти.

Стандард: Две години Кисела Вода со Филип Темелковски. Што е разликата која може да ја видат граѓаните помеѓу минатите градоначалници и Вие како градоначалник?

Темелковски: Ја покажавме најголемата работа што ја ветивме, тоа е отвореност на општината. Во изминативе две години лично јас преку отворените денови имам примено преку 1000 граѓани на кои им се решени дел од проблемите и дел нормално има со други институции. Креираме буџет секогаш заедно со граѓаните, посета на месни и урбани заедници, при креирањето, така беше и минатата, така и оваа година, дополнително убрзување на решавањето на проблемите. Имаме огромен број на нелегализации решено во овие две години и докажавме дека со домаќинска работа, прво може да ги вратиме долговите, второ да се покаже на терен дека инфраструктурата може да ја подобриме, или дополнително преку 20 километри патна инфраструктура имаме направено во изминативе две години. Некои од трошоците кои до сега беа трошок на родителите, општината ги презема како свој. Плаќање на обезбедувањето на учениците не е повеќе трошок на родителите, туку на нашата општина. Секое дете кое во тековната учебна година има остварено награда или учествувано на натпревар и покажано успех, добива паричен надоместок, така да, полека покажуваме дека со домаќинска работа може и општина Кисела Вода да си го врати својот сјај.

Стандард: Што се случува со 100-те згради во Расадник и конкретно, што ќе се случува со Расадник?

Темелковски: Во четвртокот заврши јавната расправа во однос на Расадник. Тоа е една од работите кои сме ги ветиле, дека ќе правиме транспарентно носење на Деталните урбанистички планови. Расадник беше најавуван две недели пред да излезе и во медиумите и лично со граѓаните го изложивме на јавна анкета го презентиравме. Ќе ги собереме и потребите на граѓаните и ќе излеземе во пресрет. Ова е еден предлог Детален урбанистички план кој сметаме дека ги задоволува сите параметри за урбано и хумано живеење, за разлика од многу претходни ДУП-ови, во овој коефициентот на зеленило е многу поголем отколку во минатото. Имаме зголемено зеленило за разлика од претходниот предлог за 20% и вкупната површина на зеленилото во моментов изнесува 4,7 хектари, тоа се 47 илјади метри квадратни зеленило на територијата на Расадник. Да, како градежни парцели се 100 градежни парцели, но не се како згради и објекти 100, бидејќи одредени објекти сме ги поделиле на две или три градежни парцели, така што, доколку го земеме и минатиот ДУП, намалено е и за 20 градежни парцели на целата територија. Тоа што го ветивме во предизборието исто така го исполнуваме, се што беше во државна сопственост е од јавно добро. Тоа се паркови и зеленило, поликлиника, градинка, пешачка зона во должина од 500 метри и широчина од 20 метри и два објекти за образование. Како бројка можеби изгледа големо, но како габарит, број на жители и бруто изградена површина е во рамки на законот и во рамки на ДУП-от на Град Скопје.

Стандард: Тоа е едно од најголемите простори за зеленило, меѓутоа во поголемиот дел од општината има урбанистички хаос. Како се справува општината со тоа, бидејќи можеме да видиме згради кои што се буквално на улица?

Темелковски: Во моментов во Расадник има нискостеблести шуми кои сами по себе израснале. Потенцијал има, но сепак тоа е приватна сопственост. Државната сопственост ќе биде зеленило. Тоа ќе го презентираме, го презентираме и го правиме. Дури и поголем дел од приватната сопственост е зеленило. Дополнително, во посебните одредби стои дека за добивање одобрение за градба, во секоја парцела мора да се обезбеди 20% зеленило. Тоа значи коефициентот на зеленило и тоа како ќе се зголеми. По однос на урбанистичкиот хаос, за жал ние како општина сме мислам дека на трето место во Репбуликата по однос на нелегални објекти. Околу 16.000 барања за легализација има, така да ненавременото интервенирање во минатото го прави тој хаос. Дополнително, се успеало преку законот за денационализација да се вратат и земјишта кои своевремено биле зелени површини, со што се стеснува коефициентот на зеленило во нашата општина и се направи тој урбанистички хаос. Многу е тешко да се оправат некои работи на веќе изградени локации. Онаму каде што не се изградило, со менување на ДУП, колку толку ќе се санира штетата, дека можеме целосно да ја санираме, не можеме. Најголем проблем ни е немањето на доволно средства за експропријација за да можеме да откупиме некои од приватните и да се направи јавно добро. Паркингот е дополнителен проблем, со тоа што се нарачани неколку студии, што за сообраќајни решенија, што за изградба на монтажни гаражи, бидејќи катни гаражи нема каде да изградиме, немаме локација во ураниот дел на општината, така да полека нашата цел е да се ревидираат ДУП-овите и да се интервенира час поскоро за да може колку толку да ја санираме штетата.

Стандард: Имавте предвидено зонско паркирање на неколку улици.

Темелковски:  Тоа се сообраќајните студии, нема да биде зонско паркирање, туку бесплатно паркирање со тоа што со промената на сообраќајниот режим ќе се дозволи на една од коловозните ленти да се паркира. Сепак, за тоа ни се потребни тие студии, за да видиме колку ќе се добие паркинг места. Доколку ја затворите цела коловозна лента, а не добиете 20 или 30 паркинг места, не сте го решиле проблемот, туку сте направиле поголем проблем. По презентацијата на студијата ќе решиме дали може или не може.

Стандард:  Што се случува со објектот на некогашната поликлина која се наоѓа спроти општината?

Темелковски: За жал, тој објект веќе неколку години има нерешени имотно-правни работи и не е во надженост на општината, туку според нашите информации се уште е заглавен во судските лавиринти. Кога ќе се решат споровите ќе знаеме чија сопственост е бидејќи ние имаме ветено полклиника во нашата општина. За жал, ние сме единствената голема општина во Град Скопје која што нема поликлиника на својот терен, затоа ја предвидовме во Расадник, бидејќи една од опциите беше таа поликлиника, по преземањето се распрашав, се заинтересирав за случајот, за жал додека нема судска разврска, не можеме да го користиме или доколку е приватен, да знаеме што ќе се случува таму.

Стандард: Што се случува со Центарот за зависници, дали граѓаните јавуваат за некакви проблеми?

Темелковски: Се до целосна дислокација ќе има проблеми, но не се онакви какви што беа во минатото. Со намалување на корисници, се намалуваат и проблемите. Јас како градоначалник реков нека заврши целосната дислокација, нека останат само корисниците од Кисела Вода и општините кои немаат услови да направат таков центар, ќе бараме објект кој е надвор од градското јадро, но по сите стандарди, да има автобуси, да не биде далеку, но да не биде пренсаелено и да го дислоцираме таму, тоа ни е конечната цел за наредната година. Мене ме радува што на крај најдовме разбирање и од колегите кои се нафатија да помогнат, пред се благодарност на Министерството за здравство кое е носител на целата програма.

Александар Тодески

Фото: Борче Поповски

Поврзани вести

Мицевски: Начелно сме подготвени за гасификација на Крива Паланка

Влатко Зорба

Лукаревска: Уцените, заканите, заплашувањата се минато и секоја реформа во УЈП е доказ дека градиме партнерски однос со даночните обврзници

Влатко Зорба

Тодоровски: Сите инволвирани во „Империја“ ја финансираат оваа траги-комична драма наречена „Рекет“

Влатко Зорба

Манчевски: Реорганизацијата на јавната администрација значи ред во хаосот создаден изминнатите години

Ивана Рамаданова

Сугарески: Хаосот кој владееше во градежниот сектор мораше да се стопира

Влатко Зорба

Сања Богдановска вози градски автобус: Жените не се полоши возачи од мажите, тие само се повнимателни и покултурни

Берта Китинска