Интервју

Јанкуловски: Не е проблем недоволниот број на тестирања, туку несоработката на здравствените власти со лицата кои треба да се тестираат

Бројката на заболени мислам дека не ја покажува реалната слика, но не заради недоволниот број на тестирања, туку заради огромната несоработка која здравствените власти ја имаат со лицата кои треба да се тестираат. Епидемиолозите наидуваат на секакви бариери од типот на криење на потребни податоци, давање на лажни информации, понекогаш и самите луѓе се кријат па потребно е неколку пати да се реагира за да се направи тестирањето, вели во интервју за Стандард медицинскиот техничар од Центарот за јавно здравје, Денис Јанкуловски.

Тој смета дека мерките се прерано олабавени, а за тоа докажуваат и зголемениот број на новозаразени за кои деновиве соопштуваат здравствените власти.

– Од една страна мене ми е јасно дека олабавувањето на мерките е заради економијата, односно неможноста на државата да ги помогне сите оние кои најмногу настрадаа и веројатно уште ќе страдаат, па токму затоа дојде до олабавувањето. Но реалната ситуација, онаа теренската, никако не оди во прилог на тоа, некако ми се чини дека се косеа едно со друго, смета Јанкуловски.

Во однос на вториот бран, медицинскиот техничар вели дека гледајќи како се одвива деновиве ситуацијата кај нас, него искрено го плаши дали првиот бран ќе заврши навреме, за да започне вториот.

– Она што јас го мислам и го кажувам како моја претпоставка е дека ова ќе трае, можеби и повеќе од една година, ќе мора да се научиме да живееме со вирусов кој мислам дека ќе се одомаќини, посочи тој.

Сметате ли дека мерките се олабавени прерано со оглед на тоа дека вчера имавме драстично зголемување на бројот на новозаразени?

– Лично сметам дека е прерано, впрочем овие бројки што ги слушаме деновиве го докажуваат токму тоа. Од една страна мене ми е јасно дека олабавувањето на мерките е заради економијата, односно неможноста на државата да ги помогне сите оние кои најмногу настрадаа и веројатно уште ќе страдаат, па токму затоа дојде до олабавувањето. Но реалната ситуација, онаа теренската никако не оди во прилог на тоа, некако ми се чини дека се косеа едно со друго. Од друга страна, имаме премногу непочитување на мерките, но тука голема грешка има МВР, затоа што, искрено да си кажам, не знам дали воопшто има некој казнет за такво однесување. А основи имаше милион. Така да сепак на крај би рекол да, прерано или евентуално можеби да најдеа некој модус.

Дали изминатава недела е зголемен бројот на лица кои бараат да бидат тестирани и од кои одите да земете брис?

– Секако дека е зголемен бројот. Луѓето мислам дека се доста исплашени од зголемениот број заразени, па бараат тестирања. Тоа се гледа не само во бројот на налози кои ние секојдневно ги добиваме, а чиј број е зголемен, туку и во закажаните тестирања во пунктовите кои одат преку матичните лекари. Не велам дека има место за паника, туку треба само доследно да се почитуваат препораките и мерките. За жал, истите луѓе кои почитуваат и натаму ќе продолжат така, а другите…..па и тие исто како и претходно.

Во која населба најчесто одите да земете брис од лица?

– Исто е темпото. Ние одиме буквално насекаде на територијата на Скопје, може на моменти да издвојам некоја општина, како на пример деновиве Сарај, Чаир, но ниту другите не се нешто помалку застапени. Не зборувам за заболени туку за зголемен број на испитани лица. Бројот на позитивни наоди е насекаде, тоа можат и самите луѓе да го видат, сите имаме роднини, пријатели и познаници и информациите брзо стигнуваат.

Се согласувате ли со министерот Филипче дека ако не се почитуваат мерките, одредени населби треба да бидат ставени под карантин?

– Да се согласувам. Можеби би рекол дека имаше простор и за порано да се направи тоа ама ајде, поминало тоа, треба да реагираме сега. Министерот кажа дека се надева до тоа да не дојде, но за да не дојде мора да има почитување. А почитување нема. Значи што би следело? Јасно како ден.

Дебата се води за бројот на тестови кои што се прават на државно ниво – дали бројот на дневни тестирања ја покажува вистинската слика за тоа колку е раширен вирусот во Македонија?

– Според мене бројката мислам дека не ја покажува реалната слика, но не заради недоволниот број на тестирања туку заради огромната несоработка која здравствените власти ја имаат со лицата кои треба да се тестираат. Епидемиолозите наидуваат на секакви бариери од типот на криење на потребни податоци, давање на лажни информации, понекогаш и самите луѓе се кријат па потребно е неколку пати да се реагира за да се направи тестирањето. Сите тие па и други избегнувања да се споделат премногу потребните информации ја ускратуваат можноста за навремено откривање на вирусот. А секако дека е потребно да се направат и многу повеќе тестирања, претпоставувам дека толкав е капацитетот.

Очекувате ли втор бран наесен? Дел од експертите кај нас, па и во регионот велат дека вирусот ќе исчезне во текот на летните месеци. Дали имаме доволно знаење и сила да се справиме со него?

– Гледајќи како се одвива деновиве ситуацијава кај нас, мене искрено ме плаши дали првиов бран ќе заврши навреме за да започне вториот. Не знам што да кажам, слушам експерти, што кај нас што од насекаде по светов. Информациите ми се малку измешани, од „ќе заврши се во октомври“ до „во септември втор бран“. Она што јас го мислам и го кажувам како моја претпоставка е дека ова ќе трае, можеби и повеќе од една година, ќе мора да се научиме да живееме со вирусов кој мислам дека ќе се одомаќини. Знаење сигурно имаме, сила еве тргам од себе, сите совесни без разлика дали се здравствени работници или друг профил максимално се вложуваме за да го победиме вирусов. Но што од сето тоа ако од другата страна имаме крајно несовесни, себични, нечовечни сограѓани кои не размислуваат за никого? И уште пострашно – вмешана е политиката. И кој страда? Народот, обичниот човек. Но јас сум оптимист и верувам дека сепак ќе проработи совеста кај сите.

Што би им препорачале на граѓаните со оглед на тоа дека повторно имаме зголемување на бројот на заразени?

– Препораките кои отпочеток ги кажувам се оние кои и Министерството за здравство ги кажува. Одржување на личната хигиена, честа дезинфекција, носење на заштитна маска или марама со кои ќе се покриено устата и носот како влезни места за вирусот, држење на оддалеченост која е доволна за вирусот да нема ефект, почитување на обележаните растојанија во маркети, продавници и било кои други места а не дишење во врат, значи се она што требаше и досега ама сепак малку појачано. Тука би додал апел до сите оние кои независно од кои причини не веруваат во вирусов да разберат дека КОВИД 19 е тука, присутен е, голем е бројот на заболени, за жал огромен е бројот на починати. Значи таа е реалноста и затоа ги замолувам сите нив (никако не се мешам во нивните верувања и убедувања, ниту пак сакам да забранам такво нешто) да ги почитуваат сите мерки прво заради себе, потоа за своите најблиски, па за комшиите, пријателите, роднините и на крај за сите нас. Да разберат дека нивното здравје и тоа како е битно. Односно, индивидуалното здравје во оваа ситуација е колективно.

С.К.

Поврзани вести

Сугарески: Хаосот кој владееше во градежниот сектор мораше да се стопира

Влатко Зорба

Алексов: Не мора да се наоѓаш во „силиконската долина“ за да направиш успешна стартап компанија

Христина Николовска

Зекири: Се случило ли во овие три години во медиумите да доминираат теми за меѓуетнички тензии?

Влатко Зорба

Манчевски: Реорганизацијата на јавната администрација значи ред во хаосот создаден изминнатите години

Ивана Рамаданова

Интервју со Шекеринска: ВМРО-ДПМНЕ активно работи да го одложи, спречи или комплицира членството во НАТО

Александар Тодески

Дечев: Политиката на Заев и Димитров има освоено многу пријатели

Христина Николовска