Интервју МАКЕДОНИЈА

Кекеновски: Негласањето на референдумот беше еден од најлошите потези на албанскиот политички блок

Целата ситуација беше доста тензична поради започнатиот процес на распаѓање на СФРЈ. Словенија и Хрватска во месец јуни 1991 година прогласија независност, пои што започнаа вооружени судири меѓу ЈНА и територијалната одбрана на Словенија. Поради повеќе причини ЈНА се покажа неспремна и по триесеттина дена се повлече од Република Словенија во Србија и БиХ. И во Република Македонија во тој период беше доста тензично бидејќи војската се уште беше на наша територија иако и ние усвоивме Декларација за независност на нашата држава во месец јануари 1991 година, вели професор д-р Јове Кекеновски во интервјуто за Стандард.

Тој вели дека во периодот пред осамостојувањето во Собранието се воделе многу бурни расправии и дискусии и по однос на прашањето каде и со кого треба да ,,оди” Македонија.

-И тука ВМРО ДПМНЕ за разлика од сите останати политички партии имаше јасен и недвосмислен став за самостојна, независна и суверена Република Македонија. За трансформираната СКМ-ПДП (денешен СДСМ) и Либералите тоа беше последна опција бидејќи приоритетно им беше да ги исцрпат сите можности за останување во некаков сојуз со Србија, Црна Гора и БиХ, вели Кекеновски.

На прашањето зошто референдумот на 8 Септември беше бојкотиран од поголемиот дел на албанската заедница во Македонија, професор Кекеновски вели дека негласањето на референдумот било еден од најлошите потези на македонските политичари од албанско етничко потекло.

Морам да признам дека и ден денес мене не ми е јасно зошто македонските Албанци тогаш го бојкотираа референдумот, а потоа и донесувањето на Уставот на Република Македонија. И затоа треба да се срамат од тој чин, но и да бидат доблесни и да се извинат за таа грешка на сите граѓани, објаснува Кекеновски.

Во врска со прославата на плоштадот Кекеновски, вели дека се сè случи спонтано од моментот од кога по 16 часот на денот на гласањето била забележана голема излезност и дека е сосема извесно дека резултатот ќе биде позитивен.

-Дотогаш на плоштадот немаше никакво случување. Откако почнавме да ја поставуваме бината започна спонтано да се собираа народот. Како одминуваше времето така се повеќе народ доаѓаше на плоштадот. Реки народ се слеваа од сите страни. Веќе во 22 часот плоштадот беше преполн со луѓе од чии лица бликаше радост и среќа, се сеќава Кекеновски.

Во 1991 година активно учествувате во агитирањето и спроведувањето на рефередумското прашање кое гласаше: „Дали сте за суверена и самостојна држава Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија?“.Како се одвиваше организацијата и самата реализацијата на референдумот?

Во тоа време јас бев на функцијата потпретседател на Собранието на град Скопје и како Град заедно со општините во состав на градот бевме задолжени за надгледување на спроведувањето на референдумот за независност на територија на град Скопје. На денот на референдумот заедно со Милан Талевси тогашен претседател на Собранието како и со дел од членовите на извршниот одбор на Град Скопје на секои два часа ги обиколувавме 70 – те гласачки места во петте скопски општини, Центар, Кисела Вода, Карпош, Гази Баба и Чаир се со цел да се информираме за текот, но и за евентуалните проблеми при гласањето. Сите ние бевме дел од градскиот штаб за спроведување на референдумот. Штабот од каде се координираше работата и надгледувањето на гласањето за цела територија на Град Скопје беше сместен во Општина Центар, кај тогашниот претседател на општинското собрание Владо Богдановски и претседателот на Извршниот одбор на општината Мевљан Таири.

Која беше причината поради која референдумот на 8 Септември беше бојкотиран од поголемиот дел на албанската заедница во Македонија?

Морам да признам дека и ден денес мене не ми е јасно зошто македонските Албанци тогаш го бојкотираа референдумот, а потоа и донесувањето на Уставот на Република Македонија. Иако тие велеа дека не биле задоволни од правата кои ги имале како малцинство, но логично беше да се запрашаат дали имаа поголеми права во дотогашна СФРЈ?. Јас сакам да ги потсетам дека во таа бивша држава кој беше пред распаѓање тие воопшто не смееа да помислат да имаат своја политичка партија ниту на федерално, ниту на републичко ниво, а тоа им го овозможи Република Македонија со воведување на мултипартизмот, но исто така им овозможи и рамноправно учество на изборите и активно вклучување во идните политичките процеси на ниво на една нова и самостојна држава. Јас и денес сум на став дека негласањето на референдумот беше еден од најлошите потези на македонските политичари од албанско етничко потекло и затоа треба да се срамат од тој чин, но и да бидат доблесни и да се извинат за таа грешка на сите граѓани. Ќе го искористам ова интервју јавно да ги прашам македонските политичари од албанско етничко потекло кога беа полицемерни и понеискрени?. Тогаш кога не гласаа за сопствена самостојна и независна заедничка држава или пак сега кога велат дека Република Македонија è и нивна држава????

Каква беше атмосферата во земјава пред да се случи осамостојувањето?

Генерално целата ситуација беше доста тензична поради започнатиот процес на распаѓање на СФРЈ. Словенија и Хрватска во месец јуни 1991 година прогласија независност, пои што започнаа вооружени судири меѓу ЈНА и територијалната одбрана на Словенија. Поради повеќе причини ЈНА се покажа неспремна и по триесеттина дена се повлече од Република Словенија во Србија и БиХ. И во Хрватска во тој период дојде до разгорување на конфликтот посебно по настаните во градот Сплит кога животот го загуби македонскиот војник Гешовски. Во БиХ исто така започнаа немири по прогласувањето на САО Босанска Кранина како составен дел на она што остана од тогашната Југославија. Напорите на ЕЗ за смирување на воените судири не вродија со плод и покрај потпишаната Декларација за Југославија и Мировната конференција во месец септември 1991 година. И во Република Македонија во тој период беше доста тензично бидејќи војската се уште беше на наша територија иако и ние усвоивме Декларација за независност на нашата држава во месец јануари 1991 година. Генералите на ЈНА но и дел од тогашното сојузно претседателство беа лути бидејки тогашната наша експертска влада им ја одзема воената евиденција. Се чувствуваше се поголемо незадоволство кај граѓаните бидејќи наши македонски војници гинеа во Хрватска и Словенија или пак беа заробувани од народните армии на овие две држави. Во тој период во Собранието исто така се водеа многу бурни расправии и дискусиии по однос на прашањето каде и со кого треба да ,,оди” Македонија. И тука ВМРО ДПМНЕ за разлика од сите останати политички партии имаше јасен и недвосмислен став за самостојна, независна и суверена Република Македонија. За трансформираната СКМ-ПДП (денешен СДСМ) и Либералите тоа беше последна опција бидејки приоритетно им беше да ги исцрпат сите можности за останување во некаков сојуз со Србија, Црна Гора и БиХ.

Според вас кој беше еден од најважните чекори во процесот на создавање на независна Македонија?

Споменав претходно дека тоа е Декларацијата за независност, одземањето на воената евиденција од ЈНА, како и цврстиот став за независност и сувереност на ВМРО ДПМНЕ која беше најголема и најбројна по пратеници политичка партија. Тука секако морам да оддадам признание и на поранешниот претседател Глигоров кој мошне мудро, внимателно и тактички ја водеше целата таа операција и акција околу заминувањето на ЈНА од нашата држава без испукан куршум и жртви.

Во периодот на осамостојувањето бевте заменик градоначалник на Град Скопје. Како беше организирана прославата на полштадот.Дали градот во тие моменти имаше подготвено план за забавата на плоштадот ?

Во тоа време бидејќи постоеше друг систем немаше функција градоначалник на Градот туку претседател и двајца потпретседатели на Собранието на Град Скопје. Собранието на Град Скопје во тој период беше највисокиот нормативен орган на територијата на градот. Јас во период од 1991 до 1993 година бев потпретседател на Собранието. Ние како градско раководство заедно со членовите на Извршниот одбор на градот и претседателите на петте општини во градот претходно, но и на самиот ден на гласањето воопшто не размислувавме за некаква прослава бидејќи приоритет ни беше резултатот од референдумот. Се сè случи некако спонтано кога некаде по 16 часот на денот на гласањето видовме дека има голема излезност и дека е сосема извесно дека резултатот ќе биде позитивен. Дури тогаш почнавме набрзина да се договараме и да се спремаме за прослава. Подготовките за славењето почнаа околу 17 часот и некаде пред 18 часот заедно со КПЗ (Културно просветна заедница) на градот Скопје почнавме да ја поставуваме бината и озвучувањето на плоштадот. Дотогаш на плоштадот немаше никакво случување. Откако почнавме да ја поставуваме бината започна спонтано да се собираа народот. Како одминуваше времето така се повеќе народ доаѓаше на плоштадот. Реки народ се слеваа од сите страни. Веќе во 22 часот плоштадот беше преполн со луѓе од чии лица бликаше радост и среќа. Додека јас бев на плоштадот каде заедно со одговорните од КПЗ (Мирко Стефановски како директор на КПЗ) ја средувавме бината и озвучувањето, се пуштаа македонски песни, Милан Талевски беше во штабот во Центар каде што се слеваа информациите и податоците од гласањето. Околу 22.30 часот Милан Талевски доаѓајќи накај плоштадот со добиените и сублимирани резултати, на неколку метри пред поставената бина на репортерот на Македонското радио му ги прочита првите резултатите од референдумот на ниво на Град Скопје и тогаш веќе беше јасно дека сме успеале. Нешто пред полноќ, претседателот на Републичката комисија за спроведување на референдумот Никола Коневски од бината ги соопшти резултатите, а по него претседателот на државата Киро Глигоров ја прогласи независноста, самостојноста и сувереноста на Република Македонија. По ова се случи еуфорија и скандирање Македонија, Македонија и имаше громогласен и долготраен аплауз по што и започна народната веселба. Сите кафеани работеа до утринските часови и секаде беше весело и еуфорично, но мислам дека таа ноќ се славеше и во секој дом во државата.

Инаку тука сакам и да додадам нешто интересно во врска со самиот момент на отварање на шампањското по прогласувањето на независноста. Не знам како, но на Милан Талевски доаѓајќи од општина Центар накај бината на плоштадот му текнало да понесе чаши и шампањ. Се работеше за македонски шампањ ,,Повардарски бисер” на кое имаше залепено специјална налепница на која пишуваше ’Трет Илинден’, а истата претходно ја има залепено Талевски. На бината Талевски се качи од кај страната на МЕПСО, а јас заедно со државните функционери од страната на ресторанот ’Метропол’. Јас во име на градското раководство на терасата од ресторанот ги пречекав претседателот Глигоров, премиерот и министрите од владата. Претседателот на Собранието на Република Македонија за жал не дојде таа вечер. Колку што ме држи секавањето таа вечер на прославата не присуствуваше и министерот за надворешни работи, кој подоцна се обидуваше да раскажува друга приказна за референдумот иако тој лично беше против нашето осамостојување. Но нејсе, пред да се качиме сите заедно на бината некој од министрите или поточно претседателот Кљусев од ресторанот Метропол земаа шампањ ,,Фрушкогорски бисер” бидејќи во тој момент само таков имало во ресторанот, па така на бината се отворија две шишиња шампањ. Фрушкогорскиот бисер го отвори Кљусев, а ние го отворивме Повардарскиот бисер. Шампањот беше налеан во осум чаши на послужавник кои претходно од бифето од градот ги донел нашиот возач Ристо.

Кои се најкритичните моменти кои би ги издвоиле од осамостојувањето до денес?

Секако дека најкритичен момент е војната во 2001 година кога еден дел од радикалните албански структури под параванот ,,борба за слободи и права” го започна вооружениот конфликт со нас Македонците и затоа јас целиот овој период го делам на две фази. Првата фаза е од 1990 -1991 година па се до отпочнување на вооружениот конфликт во 2000 – 2001 година, а вториот период е периодот по потпишување и имплементација на Охридскиот рамковен договор во Уставот на РМ, па се до денес. Во првиот период слободно можам да кажам дека со мали отстапки ние функциониравме како унитарна држава во која се почитуваа сите права и слободи согласно европските и меѓународните конвенции и притоа се боревме да станеме достоинствени и рамноправни членови на ЕУ и НАТО алијансата. Тоа е период кога неоправдано и нечовечки ни беше наметната и бевме принудени да ја користиме некрофилската референца ,,ФИРОМ” за да станеме членка на ОН, но и под притисок на нашите соседи да направиме уставни промени на сметка на македонското малцинство во тие наши соседни држави. За жал со потпишувањето на Охридскиот рамковен договор започна процесот на деунитаризација на државата со цел во блиска иднина да се наметне односно воспостави некое друго државно уредување по желба и замисла на најбројната етничка заедница, а на штета на сите останати етнички заедници во државава. Да не бидам разбран погрешно јас Охридскиот договор го почитувам бидејќи со него се случи крај на конфликтот, се случи мир, но не можам да се согласам со некои решенија поточно со фактот дека наместо прокламираната мултиетничка држава (и со Уставот и со Рамковниот договор) ние де факто од тогаш па се до денес да функционираме како бинационална држава. Второ, која е логиката на проширувањето на рамките на Охридскиот рамковен договор и непочитување на клучната компонента за рамноправна застапеност и по секоја цена форсирање на само една заедница. Која е поената на Законот за јазици кој се однесува на цела територија на државата дури и онаму каде што ги нема, а да не говорам за двојното бадинтерово мнозинство кое важи за сите останати, а не и онаму каде мнозинство се македонските албанци или пак за недостоинствените отстапки со потпишување на Преспанскиот договор и промената на нашето вековно име? Трето, кој им дал за право на политичарите да прават импровизации и наместо едноглава извршна власт, да имаме и практично да функционира бицефална (двојна, двоглава) извршна власт со двајца премиери. За воља на вистината тоа го воспостави овој бегалецот во Будимпешта, за да си ја сочува премиерската позиција, но за жал истото и со иста цел го прави и сегашниот премиер. И она што е најтрагично, но и комично и правно и човечки недопустливо е што македонските министри од албанско етничко потекло одговараат пред нивниот претседател на партијата, а македонските министри на првиот премиер. Капак на сето тоа е и правната институционализација на ова двовластие во извршната власт кое се случи деновиве со промена на Деловникот за работа на владата иако сум сигурен дека во блиска иднина тоа ќе се случи и со закон. Јавно прашувам дали некаде во светот има држава како Република Македонија каде имате привилегирани и заштитени како ,,мечки” политичари на кои верно им служат и судиите и обвинителите. Во која држава во светот на власт доаѓаат политичари голтари, а си заминуваат од функцијата како средно богати и многу богати бизнисмени И затоа според мое длабоко убедување по вооружениот конфликт денес мислам дека најопасно за иднината на нашата држава е суптилниот континуиран процес на деунитаризација на државата кој се одвива секојдневно и на сите полиња како и воспоставениот процес на неказнивост на арамилакот на политичарите.

Северна Македонија пред една недела доби нова Влада која ветува големи реформи во внатрешната политика. Според вас која ќе биде најтешката задача на новиот владин состав?

Одговорот на претходното прашање јасно го дава и одговорот на ова прашање и за мене приоритетно е да се зачува унитарноста на државата. Да бидам искрен јас сум голем песимист за нашата иднина бидејќи ниту едните ниту другите во власта, а најмалку сегашнава опозиција, имаат капацитет, знаење но и воља да променат нешто на подобро и поубаво. Сите тие имаат само еден приоритетен интерес а тоа е како да ја доурнисаат државата со цел да ги доопљачкаат граѓаните, како да владеат додека можат да владеат без никаква одговорност, а притоа да поминат неказнето ниту тие, ниту оние претходните. Кои се тие реформи на внатрешен план? Да ја поделите и разнебитите опозицијата за да можете со својот коалиционен партнер (порано криминиген, а сега чесен фактор) да владеете неограничено и неодговорно или пак да поддржувате и амнестирате осведочени криминалци од претходната власт, но и од колициониот партнер за кои сами сте тврделе дека се невидени криминалци и арамии, а во меѓувреме истите тие политичари криминалци да ви напредуваат во политичката кариера и влакно да не им фали.? Јас незнам некаде во светот да има такви внатрешни реформи и дека се тие добри за државата и граѓаните!. Исто така за мене е несериозно да ветувате реформи посебно економски, а претходно да имате три години апсолутна власт и да не отпочнете ниту една реформа. Или пак опозицијата да зборува за чесност и правна држава, а сеуше да ги поддржува и штити партиските функционери, да бара нивна неказнивост иако е свесна дека истите тие не разнебитија по сите основи, сторија невидент арамилак и не соголеа до гола кожа. За мене е јавна и бесрамна лага е да велите дека во иднина ке ја поправите економската ситуација кога секаде во светот дури и кај економски најсилните држави поради корона кризата сериозно е паднат БДП и ситуацијата дополнително ќе се влошува. Така што не очекувам ништо добро или пак барем нешто малку подобро, напротив мислам дека ни следи криза за која не ќе имаме сили, капацитет и знаење да ја спречиме или ублажиме и тоа секако дека ќе остави сериозни и длабоки негативности и реперкусии не само на економски, туку и на надворешен, но и на безбедносен план.

Б.М

Поврзани вести

Боки 13: Имам докази дека „Рекет“ е направен за спас на Камчев

Владата го усвои предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за градежно земјиште

Влатко Зорба

Затуроска: Изјавите на Сугарески се паушални

Stefanija Kuzmanovska

ДИК: СДСМ 46 пратеници, ВМРО-ДПМНЕ 44, ДУИ 15, АА-А 12, Левица два, ДПА еден

Битиќи: Ситуацијата е драматична и алармантна и мора да преземеме мерки

Филипче: Термалната камера е поставена на аеродромот, постапуваме согласно препораките на СЗО

Никола Поповски