Култура

Пристигна трејлерот за „Зоки Поки“ кој е полн магија

Екранизацијата на „Зоки Поки“ со нетрпение ја очекуваат и децата и возрасните, а по новообјавениот трејлер, дефинитивно има зошто.

Првиот поглед на серијата, чија премиера е закажана за 4 мај, во 20:15 часот на првата програма на МРТ, открива магичен свет кој е визуелно спектакуларен и полн со емоции.

Почетните кадри се резервирани за запознавање со Зоки Поки (Матеј Настевски) и неговата дружина сочинета од Лидија „Лидиди“ (Анастасија Аневска), Боки „Бокимен“ (Матео Матoски) и Гоки „Горила“ (Матеј Зимбаков). Тука е и семејството на Зоки: Сашко Коцев во улога на таткото Филип, Даниела Иваноска во улога на мајката Ивана и Сабина Ајрула-Тозија, односно бабата Оле.

Следат низа сцени исполнети со многу смеа, малку страв, но и дружба, маскирање, играње, вежбање паралелно со јадење, восхит, истражување, учење, гушкање, криенка, љубов, сништа и бујна фантазија.

Откако ќе го изгледате еднаш, дефинитивно ќе сакате да го пуштите трејлерот пак и пак:

По премиерата на 4 мај, десетте епизоди од серијата ќе се емитуваат секој понеделник и четврток во 20:15 часот, со репризи наредниот ден и во сабота и недела. По емитувањето, епизодите ќе се поставуваат и на веб-страницата ZokiPoki.mk и на официјалниот YouTube канал.

Модерната екранизација на култната детска книга на писателката Оливера Николова, е во продукција на Кино Око, во копродукција со Македонската радио телевизија и со финансиска поддршка од Агенцијата за филм на Македонија..

Главен спонзор на серијата е Витаминка, а останати спонзори се вода Ладна, Пакомак, Арс Ламина, Литература.мк и Сетек.

Режисери на серијата се Александар Поповски и Марија Апчевска, а режисери на епизоди се и Даријан Пејовски и Радован Петровиќ. Сценаријата за серијата се на Сашо Кокаланов и Билјана Црвенковска, директор на фотографија е Кристијан Војдановски, сценограф Иван Бартлинг, шминка Жанета Димитриевска, дизајн на тон Ристо Алчинов, монтажери Атанас Георгиев, Благоја Неделковски, Софија Самоиловска и Драган Алексов, а костимографијата на Жаклина Крстевска. Композитор на музика е Александар Пејовски, на песни Александар Митевски, а на музиката за најавната шпица – Игор Василев-Новоградска.

 

Поврзани вести

Град Скопје ќе ги награди „Медените“ со 600 илјади денари

Влатко Зорба

Исмаили учествува на Санктпетербуршкиот меѓународен културен форум

Влатко Зорба

Серијата која требаше да биде привиден спас за Груевски: Не e снимена ниту една епизода, а потрошени се 800.000 евра

Никола Поповски

Перформанс “Made for Happiness” на Ива Свештарова и Вили Прагер во Кино Култура

Влатко Зорба

Во паркот на МКЦ бесплатни филмски проекции

Во Градски парк: Кино на отворено со Скопје ЗОО

Берта Китинска