МАКЕДОНИЈА

ОБСЕ/ОДИХР: Изборите беа добро организирани, но правната сигурност остава простор за загриженост

Предвремените парламентарни избори во Северна Македонија беа добро организирани и покрај пандемијата, но правната сигурност остава простор за загриженост. Денот на гласање помина мирно и покрај одредени технички предизвици поврзани со известувањето за резултатите, се наведува во прелиминарната оценка за изборите на меѓународниот набљудувачки тим на ОБСЕ/ОДИХР.

Во прелиминарниот извештај се наведува дека изборите беа генерално добро спроведени и кандидатите можеа слободно да водат изборна кампања, но правната сигурност беше поткопана поради значајни промени на законската рамка и последователните владини уредби со законска сила.

-Ова се многу предизвикувачки времиња за одржување избори и ги препознаваме напорите на властите да се прилагодат на новите околности. Сепак, постојат неразјаснети прашања околу Изборниот законик, и процеси кои често доведуваа до политички договори во последен миг. Властите треба да посветат сериозно внимание на овие прашања пред одржување на следите избори, рече шефот на ОДИХР специјалната мисија за проценка на изборите Лаима Андрикиене.

На новинарско прашање таа појасни дека прифатлива временска рамка за вакви промени во изборната легислатива би била најмалку една година пред одржување на изборите.

-Изборната администација ја заврши својата работа во рамки на законските рокови и покрај компликациите предизвикани од суспендирањето на изборниот процес. Денот на гласање помина мирно и покрај одредени технички предизвици поврзани со известувањето за резултатите. Сепак, долгогодишните структурни прашања поврзани со составувањето на избирачкиот список останаа неадресирани, посочи таа.

Како што подвлече, законската рамка беше суштински изменета непосредно пред распишување на изборите, што, истакна, е спротивно на меѓунаодните добри практики. Додаде дека континуираните неконзистентности и двосмислени формулации ја поткопуваат правната сигурност и се уште им е потребна суштинска ревизија.

На прашањето да го искоментира вчерашниот пад на системот на Државната изборна комисија (ДИК), Андрикиене рече дека тоа е многу важно прашање, тие ги следат настаните, свесни за техничките потешкотии и ќе продолжат да ја следат ситуацијата.

Во однос на медиумската покриеност, шефот на Мисијата истакна дека кандидатите имаа можност вистински да се натпреваруваат и да ги пренесат пораките иако кампањата се карактеризираше со негативна реторика на сметка на суштински дискусии за политики.

-На медумското извесување за изборите генерално му недостасуваше критичка анализа на платформите, а правилата за политичко рекламирање ги фаворизираа трите најголеми политички партии, истакна таа.

Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР ќе остане да го следи развојот на настаните по денот на изборите по однос на поплаките и жалбите од страна на политиките партии и ќе остане во земјава согласно мандатот што истекува на 23 јули.

Поврзани вести

Шилегов: Галијата од Вардар ќе биде отстранета веднаш по изборите

Viktor Jovanov

МНР: Неоснована е загриженоста за конкурсите за испразнетите места во ДКП

Ивана Рамаданова

Директорот на Службен весник Костовски во самоизолација, бил во контакт со Лукаревска

Тешка кражба во општинската зграда во Арачиново

Спасовски: Никогаш да не се повтори невремето што пред четири години го зафати Скопје

Берта Китинска

Живковиќ: Стекнатите права на граѓаните не може никој да ги одземе