МАКЕДОНИЈА

Отворање на училиштата, одлука со која не смее да се експериментира или калкулира

Иако беше најавено дека до 10 август ќе биде познато кој модел ќе се употреби во училиштата за старт на школската година од 1 септември, но во изминатите два дена и на помалку од три недели до почетокот на 2020/2021 се уште нема одлука.

Сите ученици, освен првооделенците, од 1 септември наместо на училиште ќе ја следат наставата од дома онлајн. Тоа го предлага Комисијата за заразни болести поради страв од натамошно ширење на заразата со коронавирус во земјата. Министерот за здравство Венко Филипче денеска го соопшти планот на Комисијата кој треба да се разгледува и од Владата. Конечната одлука треба да се донесе за неколку дена откако ќе се дискутира и со Министерството за образование.

„Во оваа ситуација стравуваме дека транспортот од и до училиште, комуникацијата на децата на одморите, за време на влез во училиштето, во заедничките простории, во ходниците, во оваа ситуација, во есен во која едноставно не знаеме со што се соочуваме, што може да не чека, не само ние, ниту една земја во Европа, ќе биде многу ризично да дозволиме децата да се вратат без никакво ограничување во затворена просторија“, изјави денеска Филипче.

Владата го разгледа Планот за одржување на наставата во училиштата во учебната 2020/2021 година на Министерството за образование и донесе заклучок тој да биде споделен со Комисијата за заразни болести, по што врз основа на мислењето на Комисијата да биде донесена одлука за моделот за организирање и спроведување на наставата.

Петицијата што деновиве почна кај нас на интернет за поддршка на наставата од дома, ја потпишаа веќе две илјади граѓани и ја пратиле до надлежните институции. Далечинското учење, според нив, треба особено да ги опфати учениците од прво до петто одделение поради нивната возраст и неможноста самостојно да ги почитуваат здравствените протоколи.

Паралелно со утврдувањето модели и усогласувањето протоколи како да почне новата учебна 2020/2021 година, Министерството за образование и наука почна да работи на креирање унифицирана национална платформа за далечинско образование затоа што искуствата од трите месеци онлајн-настава покажале недоволни дигитални компетенции кај најголем број од субјектите (ученици, наставници, родители), лоша ИКТ-опременост (немање или несоодветни ИТ-уреди, пристап до интернет).

Пред месец и пол МОН објави нацрт-концепт за националната платформа, отворен за сугестии и предлози, со укажување дека целта е да се создаде системско решавање на учењето од далечина – не само во услови на пандемија, туку како нов, дополнителен, алтернативен или паралелен систем на образование.

Денеска ќе се одлучува за почеток на работа на градинките.

Во согласност со епидемиолошката состојба, веројатно, се и различните одлуки на земјите во Европа – во некои ќе се одржува настава со присуство во училиштата, а други, меѓу кои и некои околни земји, како Србија, веќе решија учениците од пониските одделенија да бидат во клупите со сите мерки за заштита, а останатите да следат настава од далечина.

Наставата во Србија во основните и средните училишта ќе почне на 1 септември. Ученици од прво до четврто одделение ќе имаат настава во училница и тоа во прва смена. Тие ќе можат да имаат предавања најмногу по четири часа на ден, а часовите ќе бидат скратени на 30 минути, одлучи Кризниот штаб.

Максималниот број на ученици во училница ќе биде 15. Одделенијата со повозрасни ученици ќе комбинираат одење на училиште и онлајн настава.

Епидемиологот Дарија Кисиќ Тепавчевиќ за РТС изјави дека најмалите ученици во најголем дел ќе посетуваат настава во училилишна средина, затоа што било проценето, како што кажа, дека тоа е најдобро за нив.

Таа додаде дека наставата ќе се одвива со почитување на сите мерки, за максимално да се намали можниот ризикот од ширење респираторни инфекции. Најмладите ученици треба да се навикнат да носат маски.

– Максимален број ученици во едно оделение ќе биде 15, а оддалеченоста меѓу клупите треба да е најмалку еден и пол метар – објаснила д-р Кисиќ Тепвачевиќ.

 

Поврзани вести

Набавени девет повратни вендинг машини за пластични и стаклени шишиња во Општина Центар

Ќе нема независни листи на пратеници на парламентарните избори

Берта Китинска

СДСМ е избран да стане дел од Бордот на Прогресивна Алијанса (ВИДЕО)

ВМРО-ДПМНЕ: Менувањето на изборниот модел набрзина пред избори е преседан

Ивана Рамаданова

Бошковска Јанковски: За вработениот Јакимовски има дисциплинска постапка поради закани кон други вработени и кон мене

Никола Поповски

Петров: Во последните 30 години, странските амбасади грубо се мешаа во нашите внатрешни проблеми

Никола Поповски