Политика

Маричиќ: Бугарскиот документ не значи автоматска блокада и прекин на преговорите уште пред нивниот почеток

Советот за општи работи на ЕУ на 24 март едногласно, а тоа ја вклучува и Бугарија, безусловно одлучи да ги отвори преговорите со Северна Македонија. Ваквиот заклучок на 26 март едногласно беше потврден и од шефовите на влади и држави во Европскиот совет. Текстот на заклучокот на Советот во делот на Северна Македонија не содржи ниту еден услов и тоа е јавно достапен документ.

Ова во изјава за МИА го потенцира техничкиот преговарач на земјава со Европската Унија, Бојан Маричиќ во врска со тоа дали бугарскиот документ кој во медиумите стана актуелен деновиве е препрека за почеток на преговорите со ЕУ или можеби да претставува евентуална препрека во натамошниот процес на итегрирањето на земјава во Унијата.

Маричиќ за МИА нагласи дека изјавата на Бугарија е доставена отпосле по усвојувањето на заклучоците, таа е унилатерална и нема правен ефект врз одлуката за почеток на преговорите.

-Изјавата на Бугарија вложена отпосле во записникот од усвојувањето на заклучоците на Советот за општи работи претставува строго еднострана интерпретативна изјава, која не може да го исклучи или измени правниот ефект на одлуката за почеток на преговорите, ниту значењето и опфатот на заклучоците. Притоа, Бугарија во изјавата јасно се повикува на „свое разбирање“ на имплементацијата на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и рефлектирајќи ја позицијата на нивниот парламент од октомври 2019 година, појаснува техничкиот преговарач со Унијата.

Документот, нагласува Маричиќ, не значи автоматска блокада и прекин на преговорите уште пред нивниот почеток.

-Тоа не значи дека ние ќе можеме да го игнорираме прашањето на градење на трајно пријателство со Бугарија и со сите други соседи, но не значи автоматска блокада и прекин на преговорите уште пред тие да започнат. Самиот бугарски европратеник Андреј Ковачев вчера изјави дека овие прашање ќе треба да се разговараат и решат до нашето членство во ЕУ, а тоа е процес што ќе трае и ќе овозможи преку механизмите утврдени во Договорот за пријателство и добрососедство да се постигне разбирање за овие прашања, вели Маричиќ во изјавата за МИА.

Нагласува дека принципот на добрососедски односи е еден од клучните принципи на ЕУ и очекувањата на македонската страна се тој да биде еден аспект на преговарачкиот процес, а блокадите не одат заедно со градење на пријателство и добрососедство.

-Затоа очекуваме активна соработка, взаемно уважување и многу добра волја и од наша страна и од страна на Бугарија во текот на преговорите. Бугарија е една од државите членки на ЕУ која најскоро се придружи на Унијата, па затоа како блиска соседна држава од неа очекуваме размена на искуства и помош. Секако ние ќе бидеме подготвени за отворен дијалог по сите отворени прашања во текот на преговорите за членство во ЕУ, истакна Маричиќ.

Поврзани вести

ВМРО-ДПМНЕ: По пропаѓањето на Еуростандард Банка само 10 проценти од лицата успеале да отворат сметки во други банки

Никола Поповски

Датумот за избори се уште неизвесен, вонредната состојба завршува в сабота

Мицкоски: СДСМ да се извини на Мизрахи и ВМРО-ДПМНЕ

Влатко Зорба

ВМРО-ДПМНЕ: Во извештајот на СДСМ недостасуваат стотици илјади евра за рекламирање

Влатко Зорба

Левица: Меѓуетничката омраза не дојде од народот, туку одозгора ја посејаа партиите

user3

Преговорите за новата влада по Илинден

Влатко Зорба