Политика

Спасовски: Со мудро лидерство и разумни политики, сплотени и посветени успеавме да ги надминеме сите пречки и премрежја

Поминавме многу тешки моменти и премрежја во минативе 27 години. Со мудро лидерство и разумни политики, сплотени и посветени успеавме да ги надминеме сите пречки и премрежја. Сите успеси што сме ги постигнале откако станавме членка на ОН беа благодарение на нашата посветена работа, на заедничкиот труд и обединетоста на народот, напиша премиерот Оливер Спасовски на неговиот фејсбук профил по повод одбележувањето на 27 години од приемот на земјава во Организацијата на обединетите нации.

-Да останеме обединети, силни и посветени и во овие тешки моменти. И ова ќе го помине. Да веруваме во нашите капацитети и способности. Да ја направиме опасноста од корона-вирусот да биде триумф на нашето знаење, на професионалноста на нашите институции и на солидарноста на нашиот народ, порачува Спасовски.

“Денес, на 8 април се одбележуваат 27 години од приемот на нашата држава во Организацијата на Обединети Нации (ООН). Во 1993 година, бевме примени во ООН под привремената референца “Поранешна Југословенска Република Македонија”. Денес одбележуваме 27 години полноправно членство во ООН како Република Северна Македонија.

Членството во ООН помогна нашата држава да се етаблира на меѓународна сцена, како самостојна и независна држава, и како еднаков дел од меѓународното семејство на народи.

Во приемниот говор во ОН, Претседателот Глигоров ги постави темелите на нашите вредности и ги зацрта нашите најважни приоритети во надворешната политика, на кој и денес сме посветени и кои неуморно ги реализираме.

Претседателот Глигоров истакна дека со самостојноста и членството во ОН “се круниса повеќевековниот стремеж на македонскиот народ и неговата 130-годишна борба за слобода и независна држава”. Воедно, тој кажа и дека “за нас највисока цел претставува остварувањето на човековите права и особено на правата на националностите и етничките групи што живеат во Република Македонија. Таа денес е татковина на македонскиот народ, на Албанците, Турците, Србите, Ромите, Власите и на претставниците на други националности. Во тој дух ќе го јакнеме Балканот на добрососедство и на пријателство”.

Ова никогаш не било поточно од денес, кога сме обединети како едно, за да ги постигнеме заедничките успеси и да ги надминеме моменталните премрежја. Нашата посветеност на концептот “Едно општество за сите” помогна да зајакне социјалната кохезија и да потврдиме дека сите сме еднакви и имаме исти шанси дома без разлика на пол, вера и етничка припадност.

Ги затворивме сите прашања со соседите. Немаме отворени прашања и единствена земја сме на Балканот што може да го каже тоа. Воедно, поставивме пример за другите дека со дипломатија и дијалог, со разбирање и толеранција, можат да се решат најгорливите прашања и да се добијат нови пријатели и сојузници. Ние активно ја поддржуваме и развиваме регионалната соработка за да биде во функција на мирот, стабилноста и просперитетот на сите граѓани во нашиот регион.

Темелите на нашата надворешна политика се цврсти и непроменети, од како беа посочени од Претседателот Глигоров на 8 април 1993 при приемот во ООН, и се базираат “на Повелбата на Обединетите нации: јакнењето на меѓународниот мир и безбедност, развивањето на економската соработка и заштита на човековите права, како предуслови за побезбеден и праведен свет за сите”.

Како што кажа Претседателот Глигоров, во 1993 година, “Република Македонија сака и е подготвена да го даде својот придонес во решавањето на меѓународните конфликти во согласност со резолуциите на Советот за безбедност, во интерес на мирот и на безбедноста”. Денес, кога сме 30та земја членка на НАТО, рамноправно ќе го даваме нашиот придонес заедно со нашите сојузници во најмоќната политичка и воена алијанса во историјата на човештвото за одржување на безбедноста и мирот во светот.

Воедно, Глигоров ја посочи и втората цел, “Република Македонија како европска држава се стреми да стане член на Заедницата на европските народи”. Во март оваа година, ЕУ донесе позитивна одлука за Република Северна Македонија да ги започне преговорите за членство во Унијата. На добар пат сме да ја оствариме и оваа стратешка цел од интерес за добробитта на сите наши граѓани.

Поминавме многу тешки моменти и премрежја во минативе 27 години. Со мудро лидерство и разумни политики, сплотени и посветени успеавме да ги надминеме сите пречки и премрежја. Сите успеси што сме ги постигнале откако станавме членка на ОН беа благодарение на нашата посветена работа, на заедничкиот труд и обединетоста на народот.

Да останеме обединети, силни и посветени и во овие тешки моменти. И ова ќе го помине. Да веруваме во нашите капацитети и способности. Да ја направиме опасноста од корона-вирусот да биде триумф на нашето знаење, на професионалноста на нашите институции и на солидарноста на нашиот народ“, наведува премиерот Оливер Спасовски.

Поврзани вести

СДСМ: Опозицијата ги блокира предлог законските решенија за отпис камати и репрограмирање на долгови

Stefanija Kuzmanovska

Хрватска ќе посвети особено внимание на деблокирање на стартот на преговорите со Скопје и Тирана

Stefanija Kuzmanovska

Францускиот амбасадор во Белград: На С.Македонија и беа поставени одредени услови и тие не беа исполнети

Влатко Зорба

Јанчева: Градската власт со нов концепт за третман на отпадот во Скопје (ВИДЕО)

Влатко Зорба

СДСМ: Продолжуваат напорите за спасување на секое работно место и опстанување на секоја компанија

Влатко Зорба

Заев на форум за млади лидери во Нови Сад, ќе оствари билатерална средба со Брнабиќ

Влатко Зорба