МАКЕДОНИЈА

Превентивата и раниот скрининг клучни за намалување на ризикот од појава на рак на дојка

Овој ден е посветен и на превентивата, но и на тие кои се борат се уште со болеста и секако да се потсетиме на тие кои за жал ја изгубиле оваа битка, истакна Елизабета Ѓоргиевска, професор на Стоматолошкиот факултет и сопруга на претседателот Стево Пендаровски на настанот, што по повод кампањата за борба против рак на дојка „Race for the cure“, денеска го организираше Здружението „Борка – за секој нов ден“.

Овој настан, посочи Ѓоргиевска, се одржува многу години со цел да се даде акцент на превентивата и раното откривање на ракот на дојката.

– Превентивата е најважна и затоа апелирам сите да се свесни дека практично здравиот начин на живот, правилната исхрана, намалувањето на конзумирањето алкохол, пушењето, но секако и доењето, се едни од главните фактори што доведуваат до намалување на ризикот на појава на ова заболување. Од друга страна раното откривање преку самопрегледите, скринингот, мамографијата всушност претставува едно од основите на раното поставување дијагноза и одредување правилен третман на ова заболување, рече Ѓоргиевска.

Министерот за здравство Венко Филипче рече дека во изминатите три години значајно се зголеми бројот на биолошки лекови, најмодерна терапија за овие пациенти. До пред три години, потенцира, огромен број од нив се праќаа во странство да ја добијат оваа терапија, а сега нема пациент кој има некаква онколошка дијагноза, а за кој нема терапија во нашата земја.

– За пациентките со карцином на дојка има и прволиниска и второлиниска терапија. Со Фондот работевме на тоа да се зголеми и пристапот кон ортопедските помагала, така што сега има и градник и во периодот што доаѓа ќе работиме на тоа да се обезбеди и соодветната ракавица. Тие кои ја преживеале оваа малигна болест се секогаш на располагање да споделат искуство и да ги поддржат и другите пациенти и пациентки кои во овој момент имаат проблем. Работевме заедно и воведовме и психолошка поддршка на Клиниката за онкологија. Се на се еден сеопфатен пристап, олеснет пристап до терапија, дијагноза. Посебно во овој период во оваа здравствена криза, погодени од Ковидот, не застанаа здравствените услуги за пациентите кои имаат потреба од итна хируршка или било каква друга здравствена интервенција, исто така и за пациентите со малигна болест, рече Филипче.

Додаде дека со поддршка на Американската амбасада работат на проект за регионална координација и во таа смисла заеднички настап на сите земји во Западен Балкан во однос на политиката на отворањето на границите.

Американската амбасадорка Кејт Мари Брнз истакна дека вродиле со плод долгогодишните напори за рана детекција, ран скрининг, рана и добра грижа.

– Успеавме да го прекинеме молкот и јавно да зборуваме за рана детекција на ракот на дојка. Важно е така да продолжиме. Ракот на дојка и натаму се уште убива, но важно е да разговараме за ова, да ја користиме силата на преживеаните, на нивните семејства и на тие што направиле вистинска разлика во нивните животи, додаде Кејт Мари Брнз.

Поврзани вести

Адеми: Обезбедивме бесплатен интернет за 30 илјади ученици, онлајн-учењето дава добри резултати

Барања за Маршот за чист воздух

Влатко Зорба

Земјотрес почувствуван во Македонија

Макрадули за загадувањето: Ефектот од координирана акција деновиве е очигледен

Влатко Зорба

Награда за животно дело „Анче Џамбазова“ за Ѓокица Лукаревски

Влатко Зорба

Пункт за донации како дел од проектот „Да ја искорениме менструалната сиромаштија!“

Влатко Зорба