МАКЕДОНИЈА

Сопствениците на медиуми дури на 22 отсто од вработените не им обезбедиле заштитна опрема

Во време на пандемијата новинарството како професија, заедно со медицинскиот персонал и полицијата, е една од најризичните професии во однос на изложеноста на коронавирусот. Досега во нашата земја починаа двајца медиумски работници.За тоа колку новинарите се заштитени кога известуваат од терен и дали имаат здравствена заштита оние кои работат хонорарно поразговаравме со Зружението на новинари (ЗНМ) и со Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).

„ Пандемијата со коронавирусот докажа дека борбата со овој невидлив непријател ќе биде мошне тешка, долга и исцрпувачка. Во таква ситуација еден од главните предуслови за сеопфатна борба со Ковид-19 е добро информирана јавност, за што неопходно е да имаме здрави и добро заштитени новинари и медиумски работници“, велат од Зружението на новинари (ЗНМ).

Оттаму велат дека новинарството како професија, заедно со медицинскиот персонал и полицијата, е една од најризичните професии во однос на изложеноста на коронавирусот.

„Работата на терен, бројните прес-конференции, па дури и работата во поголеми редакции секако претставува голем ризик и опасност од инфицирање со Ковид-19. Во таа насока, ЗНМ подготви публикација со насоки за безбедно и професионално известување за коронавирусот во која се дадени насоки и протоколи во однос на соодветна заштита при новинарското работење, но и совети за етичкото и професионално работење на новинарите при известување за коронавирусот“, велат од ЗНМ.

Од здружението велат дека во минатите неколку месеци колку што трае кризата со Ковид-19 во неколку наврати ЗНМ било контактирано од новинарите во однос на заштитата на работните места, но и за заштитата при известување од терен.

“Освен постојаната комуникација со нашите членови (новинари и медиумски работници) и со медиумите, дел од комуникацијата беше насочена и со институциите кои во изминатите два-три месеци соработуваа со новинарите и организираа разни настани. Во таа насока ЗНМ на некој начин беше медијатор меѓу новинарите, медиумите, институциите трудејќи се да дава совети кои се во рамките на здравствените протоколи за безбедно вршење на новинарските задачи“, велат од ЗНМ.

Од здружението изјавија дека кога станало јасно дека се работи за мошне сериозна закана по здравјето на новинарите и медиумските работници тие веднаш превземале иницијатива за подготвување на пакети со заштитна опрема за медиумите од целата држава.

„Овие пакети (кои содржеа заштитни ракавици, маски, наочари, одела, анти-бактериски марамчиња, сапуни итн.) беа подготвени во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје и беа доставени до над 130 медиуми. Вакви пакети добија сите видови на медиуми (радија, телевизии, онлајн медиуми и весниците). Тука не застанува ангажманот на Здружението, напротив, секојдневно сме во комуникација со новинарите на терен и со институциите со цел да излеземе во пресрет секогаш кога тоа ќе биде побарано од нас“, објаснуваат од ЗНМ.

Од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) велат дека покрај почитувањето на протоколите на здравствените власти, новинарите и медиумските работници треба да прават притисок во редакциите за да им биде доделувано постојано заштитна опрема, каде што може да им се дозволува работа од дома, да не земаат изјави доколку говорникот не носи маска (односно да одбиваат додека не стави маска), да ставаат продолжувачи на микрофоните кога земаат изјави и слично.

„Отакако трае пандемијата имаме добиено неколку поплаки околу недоволната заштита на новинарите. Исто така, според анкетата која ја спроведе ССНМ, добивме одговор дека дури на 22 проценти од испитаниците (новинари и медиумски работници) сопствениците не им обезбедиле заштитна опрема, односно го почитувале во целост препораките за заштита на работното место од заразата со коронавирусот“, велат од ССНМ.

Оттаму додаваат дека уште на почетокот на кризата соопшти дека министерот за здравство ќе обезбеди здравствена нега за сите граѓани без разлика на тоа дали имаат здравствено осигурување.

„Новинарските здруженија пружија одредена заштита во рамките на своите можности и според членството, пред се со препораки, притисок врз сопствениците, доделување пакети заштитна опрема. Заштитата на здравјето на работникот, според законските прописи е на сопственикот на претпријатието, во случајов медиумските куќи. Задачата на Синдикатот, па и на новинарските организации е да им помогнат на своите членови да вршат притисок врз сопствениците да ја обезбедат заштитата, односно да го почитуваат законот. ССНМ на почетокот на кризата објави насоки за тоа како новинарите може да се заштитат: https://ssnm.org.mk/vesti/совети-за-коронавирусот-од-мфн-за-меди“, велат од Синдикатот.

Во земјава досега починаа двајца медиумски работници

Пред два дена почина уште еден медиумски работник од Ковид-19 во земјава.Снимател и камерман од албанската редакција во Македонската радио-телевизија почина од коронавирусот.Шелон Ахмети почина на 51-годишна возраст, а работниот век го поминал во јавниот сервис.

Претходно по кратко боледување на почетокот на јуни почина и 44-годишниот Беким Бајрамовски од струшкото село Лабуништа, кој работеше во локалната телевизија „Спектра“.

Ќе се организира бесплатен скрининг за новинари и медиумски работници за КОВИД – 19

Министерството за здравство денови ќе организира бесплатен скрининг за новинари и медиумски работници за КОВИД – 19. Скринингот ќе биде спроведен во два круга. Во првиот круг, во период од три дена, ќе бидат опфатени најмалку 500 новинари и медиумски работници од информативните програми од поголемите медиуми. За останатите помали редакции, дополнително ќе следат информации за скринингот по завршување на првиот круг.

Како што посочуваат од Министерството, во последниот период новинарите и медиумските работници кои известуваат на терен за активностите на учесниците во предвремените парламентарни избори, поради зголемениот обем на работа, се дополнително изложени на вирусот КОВИД – 19. Освен тоа, во ЗНМ било пријавено дека во дел од националните медиуми има нови позитивни случаи на заразени новинари и медиумски работници, но и колеги кои се сомневаат дека се заразени.

-Поаѓајќи од тоа, но и од потребата да се даде приоритет на новинарите и медиумските работници ќе се спроведе скрининг во два круга. Во првиот круг ќе бидат опфатени новинари и медиумски работници од информативните програми од поголемите медиуми, со цел да се утврди дали и колку од вработените се заразени. Ова ќе придонесе да се спречи ширење на болеста во овие редакции каде има поголем број на лица кои работат во исто време во ограничен простор. Според првичната проценка целта е да се опфатат најмалку 500 новинари и медиумски работници во првиот круг во период од три дена, а во зависност од исходот на ова соодветно ќе се планира временската рамка и начинот на спроведување на скринингот и во вториот круг, појаснуваат од Министерството за здравство.

Б.М

Поврзани вести

Почнува процесот на формализирање на собирачите на отпад

Влатко Зорба

Весна заедно со мајка и Убавка по 20 дена хоспитализација и лекување од ковид-19 си заминаа дома

Берта Китинска

Бишевац: Не е случајно што Уставниот суд ја разгледува иницијативата после три години

Александар Тодески

Обезбеден огрев за семејството Јованови од Велес

Stefanija Kuzmanovska

Се зголемува бројот на заразени политичари со ковид 19. Дали предизборните партиските прослави го земаат данокот?

Берта Китинска

МНР бара решенија како македонските патници од странство да се вратат во државата

Ивана Рамаданова