МАКЕДОНИЈА Политика

Заев: Со ДУИ решивме крупни прашања, првпат очекувам предизборна коалиција со партии од албанскиот блок

Учесниците на предвремените парламентарни избори ги прават подготовките за настап пред граѓаните, кои треба да гласаат на 12 април. Деновиве тие ги подготвуваат изборните листи и разговараат за меѓусебните изборни и постизборни коалиции, ги подготвуваат кампањите, а се среќаваат и со граѓани. Први изборната коалиција вчера ја официјализираа Алијанса за Албанците и Алтернатива, а најави за коалицирања пристигнаа и од најголемите политички партии СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

Претседателот на СДСМ Зоран Заев најави предност на својата партија во однос на коалициското договарање за претстојните избори со сите партии, а особено со оние од албанскиот политички блок.

– Со ДУИ ги решивме крупните прашања во Владата, а ние сме единствена партија која има лепеза на избор за соработка со албанските партии, така што очекувам дека ќе најдеме сили првпат да направиме предизборна коалиција со партии од албанскиот блок. Коалициите ќе бидат задржани и малку проширени, а тоа нема да биде подоцна од 9 март, кога е закажан конгресот на СДСМ. Тоа ни дава за право да бидеме фаворити на овие избори. Ги завршивме разговорите со досегашните коалициски партнери, а веќе разговараме и со нови. Ќе продолжиме до крајот на следната недела, кога ќе го објавиме заокружувањето на процесот на коалициското договарање, а имаме околу 27 политички субјекти. Лично сум задоволен од преговорите, затоа што зборуваме за вредности, за програми, за давање збор, нешто што мора да нè спои, како и за преземање одговорност и во парламентарната и во извршната власт, истакна Заев, кој беше во посета на Виница.

Во врска со подготовката на листите за пратеници, претседателот на СДСМ истакна дека завршило предлагањето на можни кандидати во месните одбори и општинските организации на партијата.

– Извршните одбори ги прават конкретните одлуки согласно критериумите, за потоа да поминат во следната фаза, кога имињата на сите кандидати ќе бидат доставени до Централниот одбор. Таму ќе ги пречека сериозна комисија за селекција составена од меѓународни и домашни експерти, а на крајот преку анкети ќе ги слушнеме граѓаните за тоа кој е оној кој најдобро би ги претставувал. Морам да споменам дека имаме нов квалитет, овојпат ќе имаме машко-женски листи како еден патент модел, односно 50 отсто мажи и 50 отсто жени. Ова е сериозен и храбар чекор што го правиме и е вреден затоа што ќе го вклучиме недоволно искористениот женски потенцијал во државата, рече Заев.

Во врска со најавите од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за преземање на досегашни коалициски партнери на власта, Заев рече дека оваа партија треба да се реформира во однос на градењето на политики, ставови и стратегии, зошто во спротивно уште долго ќе остане во опозиција. 

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски порача дека по изборите се можни разговори за коалицирање со сите политички партии, но според принципот програма со програма, којшто, како што рече, не планираат да го менуваат.

– Животот не е игра, во животот има принципи кои ако еднаш се прекршат тогаш веќе не се принципи. И во име на тоа можам да ви кажам дека политиките што ги води ВМРО-ДПМНЕ се темелат на принципи и бидејќи овој принцип еднаш е прекршен во едно ТВ интервју веќе кажавме дека идната коалиција ќе биде на база на програма со програма и тој принцип не го менуваме, рече Мицкоски, коментирајќи ја можноста за коалицирање со Демократската унија за интеграција (ДУИ) од каде што пак најавуваат коалицирање на  партиите што ќе бидат победници во македонскиот и во албанскиот политички блок.

За коалицирање, истакнува Мицкоски, доаѓа во предвид секој оној чијашто политичка програма ќе биде компатибилна со програмата на ВМРО-ДПМНЕ за којашто ќе се согласат на принципиелна основа и така  ќе функционираат следните четири години.

– Ако во еден оркестар свирите на различни ноти, тогаш логично е дека оркестарот нема да биде допадлив за ушите на слушателите. Затоа велам, ако тие програми без оглед на која политичка партија се, допрат со програмите на ВМРО и обратно, не треба тоа да биде еднонасочна улица, сите политички партии доаѓаат во предвид, вклучително и ДУИ, прецизираше Мицкоски.

Размислуваат, наведе, да освојат 61 пратеник на 12 април, според нивните анализи се многу блиску до таа бројка. А веднаш по завршување на изборите, вели, се возможни разговори со сите политички чинители во државата вклучително и со новата коалиција меѓу Алијансата на Албанците и Алтернатива.

Онаа политичка партија што на парламентарните избори ќе победи во албанскиот блок треба да ја претставува волјата на Албанците, доколку победат партиите кои ќе направат предизборна коалиција и тие треба да влезат во власта, изјави вицпремиерот за европски прашања Бујар Османи, одговорајќи на новинарско прашање во врска со можни предизборни коалициина партии од албанскиот блок со СДСМ.

-Една грешка е направена во 2006-2008 година кога во влада влезе партија која не ја претставува волјата на Албанците и тоа предизвика длабока политичка криза, брзи предвремени избори, блокирање на Собранието затоа што системот по Рамковниот договор не препознава поинакво претставување освен на тој што ја претставува волјата на Албанците. Доколку победат овие партии се разбира дека тие ќе влезат во власта, меѓутоа тој што ќе победи кај Албанците тој ќе ги претставува Албанците во владата, истакна Османи по денешното сведочење во судот за случајот „Монструм“.

Поврзани вести

Центрите за поддршка на лицата со попречености добија зголемување на финансиската поддршка, вели Шилегов

Манчевски: Потребни беа законски измени за да ја објавиме алатката „Отворени финансии“

Се зголемува бројот на македонски функционери ќе земат минималната плата, а останатиот дел ќе го донираат

Берта Китинска

Филипче: Честит празник, задолжително почитувајте ги мерките за заштита

Во земјава се активни 2.735 случаи на заболени со Ковид-19, во Скопје 1.593

Stefanija Kuzmanovska

Трајанов: ДУИ по секоја цена инсистира за премиер Албанец, што за мене не е прифатливо

Никола Поповски