МАКЕДОНИЈА Политика

Жерновски: ЕУ мора да направи внатрешните реформи и проширувањето да продолжат паралелно

ЕУ нема луксуз да избира помеѓу продлабочувањето и проширувањето, помеѓу внатрешните реформи и проширувањето и мора да направи се двата процеси да продолжат паралелно, изјави денеска заменик-министерот за надворешни работи Андреј Жерновски во обраќањето на седницата на Мешовитиот парламентарен комитет Република Северна Македонија – ЕУ, што започна денеска во седиштето на Европскиот парламент во Стразбур.

Жерновски нагласи дека Резолуцијата на Европскиот парламент донесена на 24 октомври, веднаш по октомврискиот Самит на ЕУ и посетата на претседателот на Европарламентот, Давид Сасоли на Северна Македонија, и даде силно охрабрување на земјава дека европските врати не и се затворени и испрати силен сигнал до Европскиот совет да ги одржи ветувањата и прашањето за започнување на пристапните преговори да го врати на својот дневен ред.

Жерновски оцени дека неможноста на Советот на ЕУ да донесе одлука во октомври за започнување преговори беше очигледно разочарување и создава атмосфера на неизвесност и непредвидливост на перспективата на ЕУ и поттикна потрага по алтернативи за членството во ЕУ, со што „се испрати лош сигнал до Регионот со поттикнување на регресивните и националистичките политички сили“.

Најважно, според него, е што за во моментот сите земји членки заедно со Франција потврдија дека крајната цел е целосно членство на сите земји од нашиот регион во ЕУ, но процесот на проширување треба да обезбеди еднакво ниво на игра за сите земји кандидати со примена на исти принципи, со што ќе се овозможи продуктивна конкурентска реформа.

Заменик министерот за надворешни работи изрази надеж дека Еврокомисијата во јануари ќе излезе со својот предлог како да се одржи и забрза процесот на пристапување и може да подготви краток преглед на состојбата со реформите, со верување дека овие два процеса може да одат паралелно и „да кулминираат во Европскиот совет во март“.

Само во тој случај, според Жерновски, Самитот во Загреб во мај може да послужи како обединувачки стратешки настан и место за обнова на европската пристапна перспектива за целиот регион на Западен Балкан.

– Не е лесно да се продолжи, но нема алтернатива. Убедени сме дека нашите достигнувања и фокусот на идните испораки покажуваат зрелост, потенцира тој.
Откако накусо ја претстави состојбата во земјата и клучните реформи на кои се работи, Жерновски како заклучок потенцира дека била потребна огромна политичка енергија за да се одговори на гладот на општеството за правда и да се врати кредибилитетот на земјата кај нејзините партнери.

Одлучувачки фактор, според него, не треба да биде дали земјите од Западен Балкан успеваат да ги исполнат сите услови совршено, туку е поважно тие да станат подемократски во наредните години и да преземат борба против популизмот и национализмот.

– Ова е она што е важно е дека ги научивме лекциите од нашето минато и напредуваме во процесот на ЕУ посилно од кога било. Ние сакаме да создадеме демократска земја на можности, фер општество, заедница на просперитет, каде што правилата на законот гарантираат правда и каде ќе бидеме безбедни. Приклучувањето во семејството ќе значи поголема стабилност за сите нас и поголем просперитет дома. Знаеме, дека има уште многу долг пат, потенцира Жерновски.

Покрај Жерновски пред членовите на Мешовитиот парламентарен комитет за време на дводневното заседание ќе се обратат и првиот човек на Одделот во Директоратот за европска соседска политика и преговори за проширување Дејвид Кулен, шефицата на Одделот за Западен Балкан при Европската служба за надворешни работи Елза Фенет и постојаниот известувач на Европарламентот за земјава Илхан Ќучук.

Инаку, Жерновски во рамки на престојот во Стразбур, оствари средби европратеници Илхан Ќучук (Бугарија), Тонино Пицула (Хрватска), Ирена Јовева (Словенија), Стелиос Коулоглу (Грција) и Жељана Зовко (Хрватска).

Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во Мешовитиот парламентарен комитет ја сочинуваат нејзината претседателка Соња Мираковска и пратениците Бетиане Китев, Жаклина Лазаревска, Никола Попоски, Шпреса Хадри, Ивана Туфегџиќ, Иван Стоиљковиќ и Мерал Узеири Ферати.

На крајот на состанокот утре се очекува да бидат усвоени Завршни препораки, кои ќе бидат упатени до институциите на земјава и на Европската унија. Во Препораките се нотира значителниот напредок на државата во однос на реформскиот процес и со жалење се констатира неможноста на земјите членки да донесат едногласна одлука за започнување на преговори со Република Северна Македонија и ги повикува да покажат одговорност кон нашата земја со донесување на позитивна одлука не подоцна од март наредната година.

Поврзани вести

Власта и опозицијата ја продолжуваат јавната дебата за терминот за одржување на изборите

Макрон: Може да почнат преговорите, но С. Македонија и Албанија да ги завршат клучните реформи

Одложено судењето за хеликоптерската несреќа во близина на Струмица

user3

„Ле Матан“: Заев кој ја вложи сета своја политичка тежина во унапредување на европскиот пат на неговата земја поднесе оставка

Винил хлоридот од ОХИС ќе се транспортира веднаш штом ќе дозволат временските услови, велат од МЖСПП

Берта Китинска

АХВ: Откриена болест кај 12 грла овци во Македонски Брод и Кичево