Ултра модерен звук со диско ритам, заразна мелодија која тешко ќе ви излезе од глава. Песната „Очи Вселена” доби современ, динамичен и автентичен видео запис. И овој пат креативноста и единствениот музички стил на Сара Мејс испливаа на површина, песната и спотот се во чекор со светските музички критериуми. Сара Мејс со „Очи Вселена” одново ѝ подари на домашната сцена комплетно ремек-дело, а во нејзиното срце има посебно место.
„Песнава ја напишав и ја посветив на мојот син Кирил. Не знам што би можела повеќе да кажам за оваа песна, многу е посебна за мене, верувам дека таква и ќе остане засекогаш во моето срце…Премногу емоции, премногу среќа, премногу светлина донесе тоа дете во нашите животи. Како да ја збогати цела домашна атмосфера од кога се роди, со еден уште попозитивен flow. Морав да го овековечам со песна. Не би било реално и правилно во мојов свет ако не се случеше. Кирил е делчето од слагалицата што ме направи целосна и комплетна. И не само мене, туку цело семејство. И Илина си доби братче и Димитар си доби син. Песна за Илина имам напишано, “Бакар боја”, му должев една и на Кирил. Не може за едното мајка, за другото маќеа” – вели Сара.
Автор на музиката и текстот е Сара Мејс, зад аранжманот за песната се потпишува Иван Петровски.
Вчеравечер премиерно беше објавен и спотот за „Очи Вселена”, Сара Мејс блесна во уникатно и атрактивно издание, а за домашната музичка сцена остави свој оригинален печат. Видео записот го снимаше Томислав Живковиќ, а збогатен е со улогите на девојките Ева Јовановска, Бисера Гоговска, Сара Дојчиновска, Ивона Ристеска. Долгогодишната соработка со ФРАН и овој пат беше полн погодок за стајлинг и шминка, Hair House за фризура, а од Магнетик се погрижија за гардеробата.
Песната и видео записот се објавени на YouTube каналот на Сара Мејс.