Молк по вчерашниот Совет на министри на бугарската влада каде беа презентирани условите кои нашата земја треба да ги исполни за да добие безусловна поддршка од Бугарија за евроинтегративниот процес.
Ниту од владејачката, ниту од опозициската партија, ниту некој друг од државниот врв не се огласи за „црвените линии“ на Рамковниот документ усвоен вчера во Софија. Јавноста е поделена, дел сметаат дека станува збор за чист политички акт за кој инволвираните ќе се договорат, додека други сметаат дека условите се усенувачки и се опасни за нашата идина во ЕУ бидејќи задираат во историјата и идентитетот на државата и граѓаните и дека решението ќе оди бавно.
Бугарија е конзистентна во својата поддршка за европската перспектива на земјите од Западен Балкан, бидејќи процесот на пристапување е клучен двигател за реформите и стабилноста во регионот, но децидни се не смее да се споменуваат македонскиот јазик и „бугарскиот фашистички окупатор“, дека не постои македонско малцинство во Бугарија и бараат да се реши прашањето за Гоце Делчев и останатите револуционери од илинденскиот период во најкраток рок.
Бугарија против македонскиот јазик
Делот кој се чини дека ќе биде сложен за решавање „да се користи изразот „службен јазик на Република Северна Македонија“ само кога е апсолутно неопходно да се користи терминот „македонски јазик“ во документите и позициите на ЕУ, треба да се објаснува со ѕвездичка секој пат – „според уставот на Република Северна Македонија “ предизвика реакции во јавноста.
Освен за ограничената употреба на јазикот Бугарија од нашата земја бара да се воздржи од водење политика, без разлика каква форма, на поддршка и промовирање на побарувања за признавање на т.н. „Македонско малцинство“ во Бугарија.
„Република Северна Македонија безрезервно и навремено ги усогласува своите позиции и активности во меѓународните организации и форуми со член 11 од Договорот за соседство, јасно кажувајќи дека нема историска или демографска причина да се бара малцински статус за која било група граѓани територијата на Република Бугарија.“ – стои во делот на документот кој се однесува на ова прашање.
,,Во исто време, Бугарија не треба да дозволи интеграцијата на Република Северна Македонија во ЕУ да биде придружена со европско легитимирање на анти-бугарска идеологија спонзорирана од државата. Препишувањето на историјата на дел од бугарскиот народ по 1944 година е еден од столбовите на антибугарската идеолошка конструкција на југословенскиот тоталитаризам.“ – се наведува во делот за Македонија затоа бугарските функционери препорачуваат преземање на систематски мерки за отстранување на знаци и натписи на споменици, спомен плочи и згради на текстови што отворено ја мразат Бугарија, како оние што содржат квалификации како „бугарски фашистички окупатор“. – се наведува во документот.
Како особено се наведува и условот за што е можно поскоро постигнување договор за Гоце Делчев, ВМРО-ВОМРО и Илинденското востание.
Да се затворат отворените историски прашања
Во однос на земјава, Вицепремиерката и министерка за надворешни работи Захариева рече дека Бугарија отсекогаш како услов за поддршка ги поставувала добрососедските односи.
„Софија е за старт на преговорите со Северна Македонија и Албанија во пакет, бидејќи смета оти нивното раздвојување би било грешка и може да доведе до нестабилност во регионот.“
И министерот за одбрана Красимир Каракачанов по владината седница вчера изјави дека Бугарија го поддржува членството на С. Македонија во ЕУ, но не безусловно. Според него, од Скопје зависи колку време ќе трае пристапувањето во Унијата.
– Историјата не може да биде компромис, рече Каракачанов, додавајќи оти решавањето на отворените историски прашања е еден од бугарските услови.
Детчев: Барањата се проблематични
Бугарскиот универзитетски професор и историчар Стефан Детчев смета дека целосниот тон на т.н. Рамковен договор кон Република Северна Македонија е недопустлив.
„Документот содржи низа пристрасни и проблематични барања. Во исто време тешко е од научна гледна точка да се одвои и недискутабилно фундаментално е поимањето на „заедничката историја до 1944 година“. Всушност денешна Бугарија и денешна Северна Македонија се рамноправни наследници на вековната култура и цивилизација. “ – смета Детчев.
Наместо да поставуваат ултиматуми потребна е поактивна политика на Бугарија конкретно во Македонија, додава Детчев.
Детчев во ФБ објавата на која се потпишуваат и низа други се обраќаат кон раководните кругови на двете земји, како и кон учесниците на заедничката комисија со порака да се издигнат на висина за да не ја испуштат шансата двата братски народи да бидат поблиски и во големото европско семејство.