Денеска со објавувањето на добитникот на Нобеловата награда за медицина почнува познатата недела на Нобелови награди.
Името на добитникот на оваа награда ќе биде соопштено на пладне во Стокхолм. Утре ќе биде соопштено името на добитникот на наградата за физика, во среда за хемија, во четврток за литература, добитникот на Нобелова награда за економија ќе биде соопштен во понеделник, додека пак во Осло во петок ќе биде објавено името на добитникот на Нобеловата награда за мир.
За оваа награда најголем фаворит е 16-годишната активистка против климатските промени Грета Тунберг.
Еден од најверојатните добитници на Нобеловата награда за мир е премиерот на Етиопија Аби Ахмед, кој склучи мировен договор со Еритреја. Можно е наградата да ја добие и невладината организација „Репортери без граница“.
Паричната вредност на секоја награда е еден милион шведски круни (833.000 евра).