Справувањето со се поголемиот број лажни вести и дезинформации што се појавуваат во Интернет просторот, потребата од лиценцирање на новинари и медиуми, потребата од саморегулација на медиумите, беа теми на дебатата „Професионална поставеност на новинарската професија – предизвици и компаративни искуства“.
Министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски рече дека Владата има обврска да ја почитува слободата на говорот и слободата на изразување и да ја почитува новинарската професија и професионалните стандарди.
– Саморегулацијата ја има нашата целосна поддршка и секогаш ќе стоиме позади она што еснафот смета дека е најдобро како решение за кое било од овие прашања, рече Поповски.
Истакна дека земјава се наоѓаме под една изразена агресија на неточни, лажни вести, дезинформации и полуинформации што се креираат и од овде, но доаѓаат и од надвор.
– Оваа состојба ја дефинирам како специјална војна што и се случува на државата. Без дилема, лажните вести се новото оружје за масовно уништување и граѓаните тешко ги препознаваат ваквите дезинформации, истакна Поповски.
Според него, до последниот момент на финализирање на евроатлантските интеграции земјава ќе биде на удар на лажни вести.
Вели дека Владата ќе ги почитува новинарските стандарди, онака како што самите новинарски здруженија ќе ги дефинираат и оти до денес нема никакво ограничување на никого да присуствува на прес-конференции. Додаде дека секој чекор што се прави во заштита на слободата на говорот, да не предизвика ограничување на слободата на говорот.
Во врска со лиценцирањето на медиуми, вели дека тоа веќе го имаат радијата и телевизиите.
– Лиценцирање на медуми има. Телевизиите и радијата дозволите ги добиваат од АВМУ. Но издавање лиценци на новинари е многу опасна работа. Тешко е да се дефинира кој може, а кој не може да биде новинар. Дебати треба да има, но ризично е некому да кажете дали смее или не смее да биде новинар, бидејќи тоа може да се сфати како многу сериозно ограничување, оцени Поповски.