Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, во интервју за МИА дадено за време на Советот за општи работи на ЕУ во Луксембург порачува дека е срамно што ЕУ денеска нема да донесе одлука за преговори со Северна Македонија.
„За жал нема да има одлука за отворање пристапни преговори. Одлуката е да се вратиме на ова прашање на есен. Што е срамно. Требаше да донесеме одлука денеска за старт на преговори веднаш. Сѐ ни беше на располагање, нема причина, нема никаква пречка на патот. Единствената пречка е недостатокот на политичка волја. Некои земји се повикуваат на ограничено време, што е смешно. Македонија е кандидат четиринаесет години, Албанија пет. Смешно е да се зборува за ограничено време. Ако се повикувате на ограничено време помеѓу објавувањето на извештајот на Европската комисија и денеска, исто така не прифаќам, поминаа две недели. Ако сакате да свикате седница на парламент за специфично прашање можете да го направите за две недели, а немаше ништо неочекувано во извештајот на ЕК, така што ова е отсуство на политичка волја и лицемерие“, вели Сијарто.
Тој додадва дека одлуката да не започнат преговорите веднаш е штетна од перспективата на ЕУ, на Балканот и посебно на централна Европа.
„Ние сме соседен регион и знаеме колку е важно да продолжи процесот на проширување. Централноевропските земји дадоа голема, голема поддршка, сите бараа веднаш да се донесе одлука, посебно земјите од Вишеградската група. Но западноевропските земји имаа аргументи против“, вели тој за МИА.