Белградскиот весник „Неделник“ објави дел од „непристојните изјави“ на Ивица Дачиќ кон соседите.
Публикацијата е по повод „кажаното од бугарскиот премиер Бојко Борисов во однос на новиот еврокомесар за надворешна политика, Жозеп Борел и европската политика кон Косово и последните коментари на Дачиќ, кој го нарече Борисов „лицемер и безобразен“.
Во материјалот насловен како „Останува да удрам само по Унгарците и Романците“, изданието ги потсетува најистакнатите манифестации на српскиот вицепремиер и министер за надворешни работи кон следните соседни земји, цитирани од БГНЕС.
Северна Македонија
Бегството на поранешниот премиер Никола Груевски преку Србија се смета за главна точка на раздорот меѓу Скопје и Белград. Летото 2017 година, Србија ја затвори амбасадата во Скопје за десет дена. Властите во Белград постојано ја обвинуваат државава дека се претворила во „нова Казабланка за дејствија против Србија“.
Хрватска
По повикот на хрватскиот претседател Колинда Грабар Китаровиќ, дека Србија треба да стане „нормална држава“, Дачиќ рече: „Ова е наивна провокација од страна на Хрватска“. Сепак, многу брзо, Дачиќ „ја симна топката“ и изрази радост поради хрватското претседателство со ЕУ, „бидејќи сите живееме на едно место“.
Црна Гора
Дачиќ изјави дека со години Црна Гора се обидува со антисрпски политика да гради сопствена положба во светот и меѓународен идентитет.
Босна и Херцеговина
Членот на босанското претседателство, Жељко Комшиќ, го предупреди Ивица Дачиќ да не си игра со суверенитетот на Босна и Херцеговина. „Србија не може да ја координира својата надворешна политика дури и со самата себе“, рече Комшиќ неодамна по повод вербални настапи на Дачиќ.
Албанија
„Голема Албанија е едно големо л … о“, рече Дачиќ по адреса на албанскиот премиер Еди Рама по потпишувањето на договорот меѓу Тирана и Приштина за заедничка надворешна политика.