СТАВ

Богоевски: Преспанскиот договор е најзначајниот напредок кој нашата држава го има направено од своето осамостојување до ден денес

Денес навршуваат две години од потпишувањето на Преспанскиот договор. Со исклучок на ВМРО ДПМНЕ, десните левичари и уште грст други бојкотирачи, за сите останати во државата, регионот и светот, овој договор и политичките процеси кои беа поврзани со него се најзначајниот напредок кој нашата држава го има направено од своето осамостојување до ден денес.

Дури и денес, како и тогаш, опонентите на македонскиот прогрес на овие процеси гледаат како на најголемото предавство на сопствениот народ и нација и се’ уште не’ убедуваат во глобалниот антимакедонски заговор кој ете, само што не се реализирал и од кој може да не’ спаси само ВМРО ДПМНЕ на чело со Христијан Мисцкоски. Бидејќи таква Македончина нели, се раѓа само еднаш. Исто како и груевски пред него.

Затоа, ајде да видиме како овие две години, напредува тој, „антимакедонски заговор“.

Фактот на крајот на денот е дека Преспанскиот договор не резултираше со бришење на македонскиот народ, нација и јазик, туку напротив. Овие две години – за прв пат од нашето осамостојување, во меѓународниот сообраќај ние сме Македонци, кои зборуваат македонски јазик. На оние кои ќе замерат за задолжителната додавка дека сме граѓани на Северна Македонија, ќе им кажам дека сега барем сме Македонци граѓани на Северна Македонија, а не генерички „граѓани на ФИРОМ“.

За прв пат, нашиот јазик е впишан во светскиот регистар како македонски, без никаква придавка или додавка. Тоа дека навистина е потребна сеопфатна државна стратегија за заштита, зачувување и унапредување на македонскиот јазик е сосема друга работа и нема врска со Преспанскиот договор.

За оние пак, кои се плашат дека Македонија ќе отиде во заборав – овие две години зборот Македонија, во светски рамки е споменуван повеќе пати од кога било претходно во историјата на нашата се’ уште, релативно малда Република. И тоа, во позитивен контекст. Што се однесува до забелешките дека овие две години, зборот Македонија секогаш се користи заедно со зборот „Северна“ – барем не се спомнува заедно со „заробена држава“ или „меѓуетнички конфликт“.

Да бидеме реални, друштво. Работата е далеку од завршена. Гледаме дека имплементацијата на Договорот со Бугарија веќе наиде на првите пречки. Можеме и да претпоставиме дека имплементацијата на договорот со Грција нема воопшто да оди лесно – посебно кога ќе започнат процесите на евроинтеграција.

Но, дали тоа значи дека комплицираната имплементација го понишутва огромниот бенефит на овие процеси? Никако. Тоа што денес се очигледни разликите со нашите соседи, не значи дека претходно не постоеја. Само што, не се разговараше за нив. Сите Влади, која како ќе дојдеше, само долеваа масло во огнот бркајќи ефтини политички поени и експоненцијално влошувајќи ја работата. Сега тие разлики се на отворено, а ограничувањата врз нашата држава се отстранети и ние, сакале опонентите да признаат или не, цврсто чекориме напред.

Исто така, мораме да бидеме реални и за цената на политичките процеси поврзани со Преспанскиот договор. Да, цената беше висока. Но, не по македонскиот идентитет, народ или нација. Високата цена дојде со политичките компромиси кои мораше да се направат за да се обезбедат 80-те гласа во Собранието. Со ударот врз борбата за некомпромисна правда без влијание на политички интереси. Без разлика што амнестиите за сите кои на 27-ми април не беа вклучени во насилството и неговата организација се разликуваат квалитативно (законит, транспарентен и јавен процес), но и квантитативно (број на лица ослободени од прогон) од сите претходни политички компромиси – гласот ЗА амнестијата е најтешката одлука која ја имам донесено во животот.

Но, знаете што? Без разлика на цената, повторно би го сторил истото. Продолжуваме напред, другари и другарки!

ФБ статус на Павле Богоевски

*Ставовите изразени во рубриката Став се лични ставови на авторите, истите се јавни и преземени од социјалните мрежи и тие воопшто не ја одразуваат уредувачката политика на Стандард

Поврзани вести

Димитров: Не’ чека Европа да и’ покажеме што можеме

Влатко Зорба

Бошкова – Мицевска: Диктатура не се сопира со војна, само со едукација

Влатко Зорба

Мехмети: Чулев треба да одговара за злоупотреба на службената положба и непостапување

Јовановиќ: Кој е тој Зибери, зошто е толку важен за граѓаните на оваа земја за токму тој да биде мандатар?

Влатко Зорба

Тричковски: Гарантирана војна

Влатко Зорба

Алексовска: Не може само со Корона да сe знимава цел здравствен систем

Влатко Зорба