СТАВ

Мојсовска Манојлова: Вирусот ќе си го земе својот данок, здравствено кревките ќе го платат со живот, малите бизниси со колапс

Јас сум позитивна на Ковид-19. Припаѓам на заразените од „втора генерација“.

На неколку наврати решавав да напишам збор – два за ситуацијава во која се наоѓам, но искрено се предомислував од повеќе причини. Од една страна, едноставно тешко наоѓам зборови за да опишам, не знам од каде да почнам а каде да завршам. Од друга страна, има толку многу да се каже и сподели како лично искуство, за што ФБ објава не е соодветен формат.

Но, денес, размислувајќи на темава, сфатив дека носам и одговорност да споделам искуство од прва рака, бидејќи се надевам дека нечие лично сведоштво повеќе допира до свеста на луѓето отколку општа препорака или апел чуен во медиумите.

Дома сум од 03.06., а официјално со писмено Решение за домашна изолација од 05.06. Освен мене, во изолација беа ставени уште 4 члена од моето семејство. Меѓу нив е моето 7-месечно бебе.

Среќна сум што вирусот го поминав на нога, што имав лесна симптоматологија, што не сум во болница, што не развив респираторни проблеми. Гледајќи ги илустрациите и читајќи што практично значи да се биде хоспитализиран и ставен на вентилатор, чувствувам благодарност (кон Бог, кон космосот, кон мојот имунитет….) што боледувам дома.

Со самото тоа што јас и моето семејство добивме забрана за излегување од домот (членовите на семејството 14 дена, а јас до добивање на два последователни негативни резултати) бевме исправени пред еден за нас непознат и недоживеан предизвик. Ефектите на домашната изолација врз физичкото и психичкото здравје се тема на посебна дискусија во која сега за жал немам простор да навлегувам.

Логистички (се’ до звршувањето на изолацијата за мојот сопруг) бевме опслужувани од армија луѓе. Освен прехранбени продукти, често се потребни и лекарства и суплементи од аптека. Со мало бебе, потребите од ова или она се уште почести. Освен тоа, некој треба да фрла и ѓубре. Секојдневно, освен што бев среќна што нашите семејства, соседи и пријатели безрезервно ни „стоеја на една нога“ за да не ни’ недостига ништо, си помислував што ли прават луѓето што се сами, што немаат никој свој, или пак и да имаат некого, немаат пари за да порачаат да им го купи неопходното.

Истото го помислував и гледајќи ги износите на сметките за суплементи велејќи си дека Ковид-19 е вирус за елита. Во деновите затворени дома, на два наврати ни беше потребна и лекарска помош за акутни состојби кои не се поврзани со Ковид а не можевме да ја добиеме поради забраната за движење. Консултација со специјалисти остварував телефонски, преку познати.

Да се биде Ковид – позитивен во нашава земја претставува ангажман со полно работно време, кој не само што не е платен, туку „вработениот“ го плаќа со преживеан стрес, нервоза и напнатост а истото може да се каже и за останатите домашни кои се во изолација. Си велев, добро е што сум во форма за да можам да ги туркам работите со институциите со кои имав интензивна интеракција првите 4-5 дена. Што ли прават некои луѓе кои се во полоша здравствена состојба од мене?

Првите неколку дена беа исклучително тензични, бидејќи требаше да го преработиме шокот дека сум позитивна но истовремено и да сме свесни дека секој момент може било кој од домашните да манифестира симптоми.

Два дена телефонирање ми беа потребни додека да добијам јасни инструкции што треба да правиме. Епидемиолог ме исконтактира дури третиот ден.Во налетот на вториот бран има нагло ширење на вирусот и пораст на новозаразени и системот не може да ме опслужи.

Неизвесноста и грижата за моите најблиски беше голема и неиздржлива. По 48 часа од мојата дијагноза, од епидемиологот побарав да дојде екипа да ги тестира сопругот и бебето. Нивните симптоми не беа доволно интензивни за да дојде екипа. Во вториов бран, преоптоварените служби веќе престанале да ги тестираат семејствата на заболениот, туку тие се ставени во домашна изолација и се тестираат само доколку развијат посериозни симптоми. Системот не може да ги опслужи како што ги опслужувал на почетокот, во првиот бран.

Молев за разбирање дека сме во изолација со бебе и молбите ми беа послушани. Молев во сабота вечер а екипата стигна во понеделник на пладне. Зошто? Системот е преоптоварен со наплив на новозаразени и не може да ги опслужи сите.

Дојде лаборант кој меѓу другото ни кажа дека работи 90 дена во континуитет без ниту еден слободен ден и дека кај нас доаѓа токму на 90-тиот ден. Не можев да му го видам ликот и изразот на лицето од маската, визирот, но во главата се’ уште го слушам заморот во неговиот глас. Зошто работи 3 месеци без ден одмор? Затоа што има голем наплив на новозаразени кои системот не може да ги опслужи.

По 72 часа од изолацијата, побарав тестирање и за моите родители, но бев категорично одбиена. Во вториот бран, поради наглиот раст на новозаразени, системот веќе не може да ги опслужи со тестирање членовите на семејството на заболениот. На моето прашање што да правиме ми беше кажано дека доколку се појават симптоми и дојде до влошување ќе ни пуштат амбулантно возило за до болница. По оваа шокантна информација, а со цел да избегнеме такво сценарио, немавме друг избор и почнавме да бараме домашна посета во приватното здравство што ќе дојде да тестира дома. Комуникацијата траеше два дена. Резултираше со износ од 14.000,00 денари (со зборови: четиринаесетилјадиденари) за два бриса на иста адреса. По 3.500,00 ден за брис по лице и по 3.500,00 по лице за доаѓањето. На крајот ни беше даден попуст и услугата ја добивме за багателни 11.400,00 денари. Зошто бевме уценети од приватната здравствена услуга? Бидејќи државниот систем не можеше да не’ опслужи.

Од 5-те Решенија за домашна изолација што ни беа издадени, 4 беа со грешки: погрешни презимиња, сменет пол, погрешна адреса…..Да не споменувам дека не ни беа доставени скенирани, туку фотографирани со мобилен телефон. На комуникација со службите на оваа проблематика по телефон, Вибер и e-mail работев 3 дена. Зошто? Затоа што здравствените инспектори се преоптоварени со огромен број на новозаразени лица на кои им треба решение, а кои системот не може да ги опслужи.

Кога првпат дојде полицијата на увид дали сме дома, се испостави дека мене ме нема во евиденцијата на МВР и дури бев прашана што барам на адресава. Зошто? Затоа што системот не може да опслужи.

Денес е 23.06., мојот 20-ти ден во изолација. Требаше да бидам тестирана на 18.06. но тоа се случи на 21.06. после два дена поминати во телефонирање и благодарение на помош и поддршка. Резултат немам. Откако ќе го добијам, ќе треба да бидам тестирана и вторпат. Зошто ќе си поседам месец дена дома (а можеби сум си оздравена и негативна)? Веќе го знаете одговорот – затоа што системот не може да ме опслужи.

На почетокот бев лута и револтирана.

Но, се запрашав:

– Зошто сум гневна на здравствениот систем? Родена сум и израсната овде, а не во Норвешка и знам дека системов е на стаклени нозе и во редовни, а не па во вонредни услови. И, да бидеме искрени: секојдневно со месеци ни се упатуваат апели да ги почитуваме мерките за да не се рашири нагло вирусот, не поради нешто друго туку од ПРОСТА ПРИЧИНА бидејки КРЕВКИОТ СИСТЕМ НЕ ЌЕ МОЖЕ ДА НЕ’ ОПСЛУЖИ!

– Зошто да им се лутам на сограѓаните што немаат колективна свест и не ги почитуваат мерките? Да имаше колективна свест во општествово, на пример немаше да има ѓубре насекаде. Свеста е таа истата, ниска и никаква, независно дали во вообичаена или во вонредна состојба.

– Зошто се вознемирувам дека и во времево на пандемија се’ се гледа низ призма на партија, политика, етничка тензија итн? Па дали постоело случување во земјава што не било гледано низ тие призми? Зошто во време на коронава да биде поинаку?

– Зошто се разочарувам што власта и опозицијата во овие исклучително тешки услови за сите, не забораваат на својот интерес и не се издигаат над ниските страсти за заедно и здружено да делуваат за доброто на сите? За нив никогаш немало доволно силен повод за синергија, па нема ни сега во пандемијава.

Како и да е, вирусот ќе си го земе својот данок. Здравствено кревките ќе го платат со живот, малите бизниси ќе го платат со колапс, веќе нема назад.

Вирусот кај нас го гледам како динамит фрлен во мочуриште кој ги извади на површина сите застојани слоеви жабокречина во нашево општество.
Искрено се надевам дека оваа траума ќе остави печат во индивидуалната и колективната меморија и во ДНК на нашиот ген и дека во иднина, за 100 – 200 години, кога нас веќе одамна ќе не’ нема, во некоја идна кризна ситуација, нашите потомци ќе реагираат позрело, посвесно, посовесно и поодговорно кон себеси и кон другите.

Стојам на располагање со моево искуство да помогнам на новозаразени на кои им треба совет од паталец, контакти, за да не лутаат по пат што веќе го имам поминато. Нека ми пишат во инбокс. Поздрав и чувајте се себеси и луѓето околу Вас!

ФБ статус на Билјана Мојсовска Манојлова

*Ставовите изразени во рубриката Став се лични ставови на авторите, истите се јавни и преземени од социјалните мрежи и тие воопшто не ја одразуваат уредувачката политика на Стандард

Поврзани вести

Жерновски: Битно е КОЈ си, а не ШТО си

Влатко Зорба

Спасов: Украдената „Бела палата“

Влатко Зорба

Сарачини: Голема победа за граѓаните и европската иднина, тажен ден за криминалците

Влатко Зорба

Забрчанец: Еве за што молеа бога…

Влатко Зорба

Мехмети: Пробаа да ги убијат претениците само за да си ја зачуваат власта

Влатко Зорба

Ангеловска: Се надевам дека свеста ќе се разбуди кај сите кои го третираат вирусот како прашање

Влатко Зорба