СТАВ

Петров: Во каква земја сакаме да живееме?

Не поминува ден а да не се запрашам дали минатиот август ја донесов вистинската одлука кога прифатив да бидам потпретседател на СДСМ.
Си имав супер живот. Компанија која организира настани насекаде низ светот, патувања во некои од најубавите светски градови, колеги со кои секоја визија стануваше реалност, соработка со луѓе кои го менуваат глобалниот свет. Имав сè што би посакал еден човек. Го живеев животот од соништата, и можеби за првпат во мојот живот, чувствував дека конечно сум таму каде што треба да бидам.

Кога во јуни, за првпат добив покана да бидам потпретседател на СДСМ, веднаш реков не. Ни на крај памет не ми беше да го менувам животот за кој толку макотрпно сум работел за некаква си позиција во политичка партија. „Не сум создаден јас за политички игри и за таков свет“, си велев. Плус, не сум ни тип на човек на кој му значи да има некаква политичка функција, особено имајќи го предвид фактот дека никогаш не сум бил член во политичка партија.

Три месеци подоцна, само неколку часови пред Централниот одбор на СДСМ каде што се бираа новите потпретседатели на партијата, ја променив мојата првична одлука. Со невиден страв во мене, решив да го ставам мојот личен комфорт и сето она на што сум работел последните години на страна, и наместо лут набљудувач да се обидам да станам креатор на политиките во нашата земја.

Следните три дена беа вистински пекол. Од една страна честитки и браво за храбриот чекор, од друга страна погрдни зборови, навреди, исмејувања. Истите тие што пред неколку години ме промовираа како светол пример во македонскиот бизнис-свет, ме направија шарлатан, пропаднат пејач, шпион, предавник, плагијатор. И да, имаше многу темни моменти во тие неколку дена кога бев убеден дека ја направив најголемата грешка во мојот живот. Бар така ми изгледаа работите во тој момент.

И во самата партија, реакциите на некои луѓе не беа нешто поразлични. Што бара овој во нашата партија? Што направил тој за партијата? Како заслужил тој да биде потпретседател? Каде беше тој кога ни беше најтешко?

За краток период, животот од соништата се претвори во најголемиот кошмар.

Денес, неколку месеци подоцна, повторно се прашувам: „Дали во август ја донесов вистинската одлука? Дали јас навистина можам нешто да променам? Дали навистина можам мојата визија, а верувам и на повеќето луѓе во Македонија, да ја направам нашата реалност?“
Одговорот, без тронка сомнеж, е ДА.

Ако во овие неколку месеци научив една работа тоа е дека промената неминовно доаѓа, можеби бавно и полека, но сепак доаѓа и никој, апсолутно никој, не може да ја сопре.

СДСМ е отворена партија, свесна за новите предизвици и најважно, прифаќа различни мислења.

Денес, мојот глас е еднаков на гласот на сите што ја креираат политиката во Македонија. Да, можеби за некои идеи и промени, такви какви што јас сакам, такви какви што јас сметам дека треба имаме, ќе биде потребно многу време, но јас знам дека мојот глас а со тоа и гласот на илјадници ќе биде слушнат.

Денес, можам да седнам на маса и да кажам дека треба да правиме многу повеќе за животната средина и дека треба целокупниот фокус да ни биде насочен кон креирање на долгорочна и квалитетна политика на оваа тема. Можам да кажам дека на граѓаните им здосадено од неизвеснот и дека ни треба долгорочна визија за нашата земја, визија која ќе биде независна од секојдневните политички препукувања. Можам да седнам и да кажам дека на луѓето им е здосадено од коруптивни политичари кои мислат само за себе.

Денес, многу од идеите за кои само се зборувало претходно, полека стануваат реалност. Денес, со десетици млади визионери, луѓе кои сами создале брендови и фирми, луѓе кои покажале дека може да се успее и од Македонија, седнуваме на иста маса и креираме стратегија со која Македонија ќе биде стартап хаб, технолошка дестинација и земја во која луѓето ќе ги остваруваат своите соништа.

Влезот во светот на политиката можеби е тежок но со вистински луѓе, можеме да го направиме свет во кој се слуша гласот на народот и во кое заеднички се креира патот по кој сите ние ќе чекориме.

Оваа земја нема да се промени со статуси на „Фејсбук“, со дебати на „Твитер“, со навредување и користење погрдни зборови. Оваа земја ќе се промени со вистинските луѓе на вистинско место. И да, ова ќе биде долг и макотрпен процес, но она што е важно е дека процесот е веќе започнат и нема враќање.

За многумина ова ќе биде многу болен процес. Многумина ќе бидат принудени да се поклонат и најмалку што ќе треба да направат е да ни се заблагодарат, нам граѓаните, што сме им дале толку многу шанси без никакви резултати. Многумина очајно ќе се трудат да ги задржат своите позиции. Но веќе е касно за било какво покајание. Ние немаме време за нови грешки.

Како ќе продолжиме понатаму?

Едноставно е! Со нови, докажани луѓе, со професионалци. Со луѓе кои имаат визија. Луѓе кои знаат во кој правец треба да се движи земјава и макотрпно ќе работат на тоа. Луѓе кои не ги интересираат тендери, себични желби за моќ и сопствен комфорт. Луѓе кои нема да работат само за да ја зголемат својата банкарска сметка, туку ќе креираат и имплементираат вистински политики за сите граѓани.

Ова ќе биде тешка битка но победничка. Ниедена голема промена се нема случено преку ноќ и знам дека многумина, со право, немаат трпение, но ние сите заеднички мораме да работиме на промената која толку многу сакаме да ни се случи.

Времето на нови луѓе со долгорочна визија доаѓа.

Сега нема враќање!

И токму поради ова, ве повикувам, сите визионери, сите сонувачи, сите професионалци кои сте спремни да ја промениме нашата политичка сцена и нашата земја, веќе од 7 февруари да ја доставите вашата кандидатура во СДСМ за пратеник или пратеничка.

Немој да се плашите од тоа што ќе кажат другите. И тие сакаат промена. Соберете храброст и ајде сите заеднички да покажеме дека и ние можеме.

Ајде сите да седнеме на иста маса. Ајде заеднички да ја направиме Македонија подобро место за живеење. Ајде да си ја дадеме шансата која и тоа како ја заслужуваме.

Немаме веќе време за седење на страна!

Од сите нас зависи во каква земја ќе живееме!

Колумна од Коста Петров, потпретседател на СДСМ

*Ставовите изразени во рубриката Став се лични ставови на авторите, истите се јавни и преземени од социјалните мрежи и тие воопшто не ја одразуваат уредувачката политика на Стандард

Поврзани вести

Дац: Да се протестира и против глупавоста, која за жал не се лечи

Тричковски: Одиме во Европа

Влатко Зорба

Груби: Политичката непредвидливост од било која страна е несериозна и неоддржлива за нашата земја

Влатко Зорба

Јовановиќ: Очигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ спремаат повторно некое страшно глупаво сценарио

Влатко Зорба

Мицковски: 5 вести далеку поважни од коронавирусот

Влатко Зорба

Лазаревска: На кои убавини во Македонија се воодушевувате?

Влатко Зорба