СТАВ

Протугер: Бомбите уште поилустративно ни го претставија примитивизмот кој е на политичката сцена

Овие се први парламентарни избори на кои нема да гласам бидејќи дијаспората не гласа, а ризик ми е патување во корона услови. Ја следев кампањата секако и очајно е што ја одбележаа т.н. бомби кои уште поилустративно ни го претставија примитивизмот кој е на политичката сцена. Никаде дебата за споделени визии каде треба да се најде Македонија во параметри и услови за живот после пет или 10 години, туку само ниски удари, аудио “воајеризам”, злоба и подметнувања.

Тоа секако предизвикува апатија и очај, па читам се погласни разочарани изјави за бојкот. Секако секој има право на став да гласа за партија или да не излезе да гласа, односно да бојкотира. Но да бојкотира само ако тоа е обмислен став од позиција на возрасна единка која со правото на глас ја разбира сопствената улога и одговорност во процесот. А не инает или детска одмазда за оние кои не ги исполниле неговите/нејзините желби.

Затоа што тоа е повторно покажување немоќ нешто да се промени. Затоа што знам поединци кои никогаш не покажале отпор, ниту направиле граѓански гест кој ќе се побуни против начинот на владеење во период на цел мандат, напротив, бараат врски, ургенции, бизнис, работа, некоја лична услуга и молчат за нефункционалноста на системот, а на ден на избори викаат “тапа се сите, јас не гласам”. Тоа не е однесување на активен поединец туку пасивен актер кој е вечно во некоја улога на жртва.

Сакам повторно овде да го употребам омилениот цитат од психотерапевтот Виктор Франкл кој е соодветен на ситуацијата: “Силите кои се надвор од нашата контрола може на човек да му земат се, освен последната слобода да одбере како ќе се постави во одредена ситуација”. Или сличен цитат на Милтон Ериксон: “Не можеш да влијаеш на картите кои ти се поделени, но можеш да одбереш како ќе играш со нив.” Нема некаде идеална влада, идеален партнер, идеално место за живот, услови кои ги посакуваме. Но наша е слободата да одбереме како ќе се поставиме во дадените услови. Најважното прашање е: “што можам јас да направам во дадената ситуација?” Јас како активна единка, како автор, а не актер во сопствениот живот.

Затоа добро промислете во дадените услови кој потег е во корист на целите кои ги посакувате, наместо ситни одмазди од позиција на немоќ. Таа свест за себе како активен поединец со сета одговорност за сопственото поведение во однос на сопствените и заедничките цели ќе ја промени Македонија. Дали го фрлате ѓубрето на соодветно место и ја чувате заедничката околина? Дали придонесувате со сопственото однесување за почист воздух или за позгаден? Дали поттикнувате корупција со сопственото поведение или ја пријавувате кај соодветните органи? Системот ќе профункционира кога секој одделно ќе покаже дека е активен негов чинител и прави се за зголемување на квалитетот на живот. Така што ако не излезете да гласате, нека биде тоа ваша зрела и осмислена одлука со која сте уверени дека тој ваш потег ќе ве одведе поблиску до вашите цели и вредности за кои се залагате.

Јас да сум таму најверојатно би гласала за коалицијата Можеме не затоа што мислам дека покажале добри резултати. Напротив, многу разочараа и не го направија системот пофункционален. Но не мислам дека мојот ангажман како граѓанин завршува на денот на изборите и ќе укажувам на сите нефункционалности и ќе критикувам жестоко и понатаму. Само знам дека мојот потег на гласање би бил во насока на вредностите за либерална демократија за која се залагам затоа што мислам дека би било погубно за земјата да се врати на власт партија која се потпира на наративот на популистички патриотизам за етничка доминација, која го проблематизира Преспанскиот договор, а со тоа приближувањето кон ЕУ и која кадровски не расчистила со груевистичкото време на автократско владеење, закани, страв и заробена држава. Така што мојот глас би бил прагма, а не верба во СДСМ на пример.

П.с. Морам единствено да ја истакнам улогата на Nikola Dimitrov во целата кампања кој се издигна над валканата кампања на подметнувања, примитивизам и злоба и тераше позитивна кампања и европски вредности. Ете како може поединец да не подлегне на “вредностите” кои доминираат во политичкото миље и наместо пасивен учесник во владата и извршител, да биде активен промотор на европски вредности.

ФБ пост на Ида Протугер

*Ставовите изразени во рубриката Став се лични ставови на авторите, истите се јавни и преземени од социјалните мрежи и тие воопшто не ја одразуваат уредувачката политика на Стандард

Поврзани вести

Милошески: Владата згреши што на Реисот, г.г.Стефан и Чулев не им кажа каде им е местото

Влатко Зорба

Николовски: Ваква антидржавност и деструкција не е запаметена во македонската политичка историја

Влатко Зорба

Жерновски: Нема бегање од судот на граѓаните

Тричковски: Злосторство без казна

msp-admin

Сарачини: Лудаците ќе тропнат и на ваша врата

Јовановиќ: Може Будимпешта да се пенави до утре, нереди и насилства никој нема да им дозволи