СТАВ

Ристевски: Тест за човештвото

Одамна немам напишано нешто посодржајно, нешто искрено од срце што сметам дека би можело да допре до луѓето во форма на порака која можеби ќе служи како предупредување, можеби ќе даде некому утеха, ќе крене свест, ќе даде друга перспектива на онаа/оној што ја чита.

Во овие тешки времиња сѐ што се случува го гледам како тест за човештвото. Не, не е ова само тест за тоа дали знаеме да се справиме само со пандемија. Ова е многу поголем тест од тоа.

Не е ни само тест за тоа дали знаеме да го зачуваме јавниот ред и мир. Ниту пак е само тест за тоа дали имаме начини и алатки за да ја зачуваме економијата.

Не.

Ова драги мои е глобален тест. Тест за човечност во име на човештвото.

Ова во реалност е тест за комуникација и тест за емпатија.

Ова е тест за откривање дали знаеме да го искомуницираме тоа што навистина нѐ мачи и дали воопшто ги имаме алатките за да ја/го ислушаме другата/другиот.

Ова е тест за зачувување на нашето физичко здравје и многу поважно, за нашето ментално здравје.

Ако предвидувањата за економските реперкусии за ефектите од пандемијата со коронавирусот се поразителни, тогаш време е да почнеме да зборуваме какви ќе бидат истите врз човечката психа.

Во овие тешки времиња, првото нешто што треба да го направите е да почнете да развивате свест за емпатија во комуникацијата со другите.

Без разлика дали е деловна комуникација со клиенти, партнери, добавувачи, колешки и колеги, надредени, подредени или други засегнати страни, сега е моментот да се кренете над проблемите и да се обидете човечно да искомуницирате што ви треба, што ќе се потрудите да направите и како можете сите заедно да помогнете.

Сега е моментот да имате разбирање за да можете со тие сознанија да постигнете подобри резултати за сите. Резултати кои ќе спасат работни места, кои ќе спасат деловни соработки, кои ќе спасат луѓе од страв и ќе влеат надеж во состојба кога само црни мисли нѐ демнат.

Сега е моментот да бидете искрени со вашите стравови, да ги искомуницирате со вашите најблиски и да ставите крај на фрази од типот на „Ај бе не драми, доста зборуваш глупости!“ и да им објасните на најблиските дека тоа што интерно ви се случува, не е заебанција, не е каприц и не е желба за внимание, туку крик за помош.

Сега е моментот и да почнете да слушате. Не да слушате со намера да дадете одговор, туку да слушате за да разберете, да сфатите, да се ставите себе си на туѓо место. Дури и по цена да немате одговор. Моќта на тоа некој да те ислуша со внимание е многу поголема од моќта некој да ти даде празен совет.

Да, драги пријатели, сега е моментот да почнеме искрено да комуницираме едни со други, бидејќи да, светот се менува и не би требало повеќе да остане ист. Поуките кои треба да произлезат од сево ова е дека многу малку треба за да можеш да бидеш среќен, само треба да си самосвесен за тоа.

Поука треба да биде и дека, да, во вакви времиња битно човек да има пари и покрив над глава, ама дека ништо не менува ако имаш еден куп пари и недвижнини (не можеш да јадеш банкноти, картички и малтер), ама и те како менува да земјата има заеднички ресурси, резерви, стратегија и солидарност.

Поука е дека треба да си помагаме, а не да се двоиме и да правиме раздор, како што за жал, тоа го прават моментално партиите и нивните трупи на поддржувачи и членови. Сите го дишиме истиот воздух од загадувањето, сите сме подлежни на инфекција од коронавирусот, сите нема да имаме каде да бегаме ако удри земјотрес или нѐ снајде поплава.

Што правиме по трагични настани и како се подготвуваме за истите е тоа што ќе го трасира нашиот пат во иднина.

Затоа, останете човечни и запаметете – не можете да им помогнете на другите додека не си помогнете себеси. Почнете од себе, побарајте вие први помош и потоа продолжете натаму. Зборувајте отворено за проблемите, зачувајте го вашето ментално здравје, за да можете полесно и физичкото да го зачувате.

Останете силни и останете дома!

ФБ статус на Владимир Ристевски

*Ставовите изразени во рубриката Став се лични ставови на авторите, истите се јавни и преземени од социјалните мрежи и тие воопшто не ја одразуваат уредувачката политика на Стандард

Поврзани вести

Ангеловска: Одговорноста кон самите себе, тргнува од одговорноста кон животната средина

Влатко Зорба

Димитриевски: Жалам за сето ова низ што поминуваме сите заедно

Влатко Зорба

Најчевска: Сега да се донесе уредба со законска сила за испитување на потеклото на имотот

Влатко Зорба

Забрчанец: Наеднаш „Северна” мила им се виде

Влатко Зорба

Спасов: Милошоски отворен како „пупка“

Влатко Зорба

Божиновски: „Ми е гајле, не е на татко ми ова” е симптом на ова сиромашно и материјално и духовно општество

Влатко Зорба