СТАВ

Таравари: И на пандемијата ќе ѝ дојде крајот!

Луѓето се под силен притисок. И од пандемијата на коронавирусот, но и од инфодемијата или ширењето дезинформации околу оваа појава. Како последица на тоа, паниката е неизбежна.

Седењето дома знае да предизвика и дополнителна анксиозност. Луѓето помислуваат и се плашат од загуби. Наспроти нив има и такви кои што скитаат по улици безгрижно, игнорирајќи ги сите изречени мерки! Барајќи ја слободата на животот пред пандемијата, тие не разбираат дека само ја продолжуваат агонијата и состојбата што го зафати сиот свет.

Херојство е работата на многумина новинари, сниматели, фоторепортери кои во обид да им помогнат на граѓаните со вистински информации будно работат на терен и ги следат секојдневните случувања. И наспроти нив има такви кои што учествуваат во ширење неосновани стравови.

И да споменам и за оние кои што припаѓаат на мојата професија, лекарите. И за сиот медицински персонал којшто дење и ноќе работи во болниците. Може ли некој да замисли колку е голем психо-емотивниот товар за нив, гледајќи ѝ директно в очи на КОВИД-19?!?

И додека се нижат бројките на инфицирани, заболени и, што е најлошо, починати како ли се чувствуваат тие што се најдиректно погодени од тоа? Нивните семејства и најблиски.

Како лекар, најискрено, можам да кажам дека е многу тешко некому да му се соопшти дека е болен, заразен или, пак, да им се соопшти на најблиските дека некој починал. Ме боли и како лекар и како некој што се плаши од оваа лоша појава и самиот за себе, своите блиски, семејството, соработниците, колегите, пријателите.

Затоа, ве молам, да внимаваме. Верувајте и бидете сигурни дека оваа состојба ќе заврши наскоро, можеби новиот живот ќе нѐ натера да живееме многу поскромно отколку претходно, но сигурно ќе бидеме посреќни и помудри. Не е ова апокалипса и последните денови на човештвото на Земјата.

Ова е само една од низата пандемии што го погоди човештвото во време кога не бевме подготвени да се посветиме на она што најмногу ни значи, топлината на домот, семејството, најблиските, посветеноста кон нештата што нѐ одмараат и опуштаат.

И, пред сѐ, посветеноста кон себеси. Нѐ затекна нурнати во индустриската осаменост, брборливи и храбри во виртуелниот, а тивки и страшливци во реалниот свет!

Не плашете се, навистина на сево ова ќе му дојде крајот. И да се надеваме дека кога ќе излеземе на улица сите ние ќе бидеме подостоинствени, со подобра нарав и навики, возилата ќе ги користиме многу помалку, домот ќе биде попосетен од секое друго место, мобилните телефони ќе бидат повеќе в џеб отколку в раце.

А почитта еден кон друг нека стане нашата следна ‘обземеност’. Само солидарноста и хуманоста, сериозноста и одговорноста ќе нѐ вратат таму кај што застанавме. Сакаме да живееме во такво општество, нели? Дајте му шанса на животот, драги мои. Од нас зависи, од сите нас.

ФБ статус на Арбен Таравари

*Ставовите изразени во рубриката Став се лични ставови на авторите, истите се јавни и преземени од социјалните мрежи и тие воопшто не ја одразуваат уредувачката политика на Стандард

Поврзани вести

Костарова: Најранливите по менталното здравје, под ризик

Влатко Зорба

Димитров: Да бидеме сега едно, па ако ни е толку мерак, ќе има мегдан и за старите судири

Влатко Зорба

Трпкова: Ханиленд ве извади од транзициската-комфорт зона

Влатко Зорба

Јордановска: Лупнете ја малку главата од ѕид и сфатете дека секој од вас има одговорност

Туфегџиќ: Сите носиме политичка одговорност за Законот за спречување и заштита од дискриминација

Алексовска: Не може само со Корона да сe знимава цел здравствен систем

Влатко Зорба