СТАВ

Вангелов: Што е проблематично во тезите на Малески?

1. „Имено, зад нас е времето кога македонската историографија, заштитена од моќната југословенска федерација, можела непречено да врши селекција на историската граѓа за македонската нација, па каде пишувало Бугарин да пречкрта и да напише Македонец. Сега можете да кликнете на интернет, да влезете во архивата на „Њујорк тајмс“ и да прочитате текст од нивниот дописник испратен во 1903, за бунтот на бугарското население во Крушево на Илинден.“

— Дали е сериозен Малески дека сериозните извори пречкртуваат Бугарин и ставаат Македонец? И дали процесот на идентификација во тој период треба да се потпира само на еден или два извештаја во, на пример, Њујорк тајмс, кој функционира во точно определен контекст? А што со другите дипломатски извештати или етнографски белешки кои зборуваат поинаку? Сега нив да ги бришеме од книгите?

2. „Значи, ние мораме да се прилагодиме кон историската вистина дека во минатото сме биле дел од еден ист народ. Тој народ, во залуден напор да избегне поделби и понижувања од соседните балкански држави кои навалиле врз последната отоманската провинција во Европа, Македонија, спас побарал во, како што вели Крсте Мисирков идејата за „национален сепаратизам“ и создавање на сопствена словенска нација.“

— Чија е таа историска вистина? И врз основа на што? Секако дека бугарскиот наратив е таков. Немањето критичка дистанца од наративот на бугарскиот национализам е исто толкав проблем колку немањето критичка дистанца од наративот на македонскиот национализам. Бидејќи, прегрнувањето на друг националистички наратив не ја дава основата за „правилно читање на историјата.“

Имено, да се зборува за еден народ во Бугарија и Македонија во периодот на Илинденското востание, неколку декади пред него, па сѐ до Балканските војни е исто така одредено читање на таа историја, имено бугарското ексклузивно читање. Добро е познато колкави контроверзи има околу именувањата, идентитетот кој му се припишувал на населението, и на крајот самоидентификацијата на населението или населенијата. Значи, тука се работи за повеќеслоен проблем и бара исто толку повеќеслојна анализа и толкување. Не постои масовна самоидентификација на еден и ист народ во тоа време на териториите на Македонија и Бугарија. Постојат повеќе идентификации кои не биле стабилни и кои биле подложни на промени и влијанија. Всушност ни во самата Бугарија до втората половина на 19. век не постои масовна етно-национална самоидентификација. Таа се создава постепено со создавањето на Бугарското Кнежевство и со воспоставување централизирано образование. Кога македонската територија воопшто не е опфатена со кнежевството, туку само со егзархијата, тогаш е сосем јасно дека до создавање еден народ или нација никогаш не дошло, а уште помалку пак до негова консолидација. Да, има примери кога револуционери се декларирале како Бугари. Но, не може да се преслика таквото декларирање на високопозиционирани личности со масовно самоидентификување на народот како бугарски. И не може тоа декларирање да се откорне од дадениот историски контекст. Едноставно, не е точно дека во тој период постои еден народ со јасна свест за своето етно-јазично заедништво во Македонија и Бугарија. И идејата за македонски етно-јазичен идентитет (именуван различно, во зависност од тоа кој го застапувал) настапува релативно рано во балкански контекст, во периодот пред формирањето на Бугарското Кнежевство и пред Берлинскиот конгрес, како и по нив. Дали тоа значи дека постоела некоја масовна самоидентификација на населението како Македонци во тоа време? Секако дека не, исто како што не постоела ни масовна самоидентификација како Бугари во првата половина на 19. век. Затоа во историографијата тоа се нарекува период на „преродба“, иако е поточно да се нарече поериод на раѓање, тоест создавање, бидејќи тогаш почнуваат да се создаваат нациите. Со зацврстувањето на бугарската држава, создавање централизирано образование со стандардизиран бугарски јазик, бугарскиот идентитет се консолидира и зацврстува соодветно. До зацврстување и консолидирање на македонски идентитет не доаѓа затоа што нема услови за создавање силен национален и етно-јазичен идентитет без држава, без централизирано образование на таа замислена држава и без стандардизиран јазик. Тоа е период на создавање на нации-држави и е насекаде ист во голем дел од Европа, а посебно во источна Европа и на Балканот. Државите се создаваат со идеја дека во нив живее одредена нација. Повеќето од државите (посебно оние што не наследиле средновековни кралства, кои пак и самите немале национален идентитет до 19. век) го создавале масовниот етно-национален и јазичен идентитет ПО создавањето на државата. Ова е многу битно да се знае.

Но, не значи дека поединци (како на пример К. Мисирков), и во отсуство на држава не зборувале дека треба да се консолидира посебен македонски идентитет. И не само тој, и пред него на еден или друг начин учени луѓе од тоа време од Македонија заговарале „сепаратизам“, односно не го наоѓале својот етно-јазичен идентитет во бугарскиот етно-јазичен идентитет базиран на источнобугарски говори кои за голем дел од населението во Македонија биле непознати и тешко разбирливи. И тоа е добро документирано. Имало разногласје околу идентитетските и јазичните прашања. Немало консензус меѓу (колку-толку) учените за тоа како треба да се обликува евентуален заеднички јазик во Македонија и Бугарија, по примерот на српско-хрватски. Некои биле за заеднички јазик но со основа на македонско наречје, други биле за некој среден јазик со комбинација од двете наречја, а трети биле за посебно нормиран македонски јазик. И на тоа останало. Јазичното прашање останало за решавање по ослободувањето на Македонија. Ако некој користел бугарски новостандардизиран писмен јазик кој го употребувала бугарската држава и егзархијата во Македонија, не може автоматски да се тврди дека тоа било масовно прифатена норма во Македонија. Впрочем, огромен дел од населението во тоа време било неписмено.

Тоа е тоа „читање“ кое науката го дава. И за тоа зборуваат и бугарски интелектуалци. Еве што велат некои од нив: „Инсистирањето на ‘заедничка историја‘ до 1944 година од научна гледна точка е тешко за одбрана. Во неколку наврати тоа се навестува само како историја на еден народ- бугарскиот. Во практика, всушност се бара од македонската страна да ја препише бугарската историја до таа година. Всушност, денешна Бугарија и денешна Северна Македонија се рамноправни наследници на вековната култура и цивилизација.“ (Од петицијата на бугарски интелектуалци против декларацијата на бугарската влада за неприфаќање македонски народ и јазик).

Слични објаснувања ќе најдете и во многу странски извори кои и историски и социолошки го проучуваат (и документираат) создавањето национални држави на Балканот во 19. век. И од тоа не треба да се отстапува.

И конечно, што ќе правиме со Конески, со неговата Историја на македонскиот јазик, со неговата Историска фонологија, итн, и други научни дела кои се светски признати и кои зборуваат за сите овие нешта слично како и други дела од светската славистика? Читал ли Малески некогаш нешто од тие дела освен исечок од Њујорк тајмс од 1903?

ФБ статус на Огнен Вангелов

*Ставовите изразени во рубриката Став се лични ставови на авторите, истите се јавни и преземени од социјалните мрежи и тие воопшто не ја одразуваат уредувачката политика на Стандард

Поврзани вести

Најчевска: Ќе ме субвенционира ли државата ако купам пиперки за ајвар од етнички Албанец?

Берта Китинска

Трпкова: Не се почитуваат мерки од недокваканост и инает кон државата

Трајковски: Триумфот и падот на една “Империја“! (1)

Влатко Зорба

Спировска: Правдата не ни сака да дојде, а последната надеж ги пакува куферите

Влатко Зорба

Сугарески: олидарноста не се учи, ниту може да се одглуми

Влатко Зорба

Лазаревски: Во ВМРО мора да сфатат дека државата функционира (и тоа многу подобро) и кога не се на власт

Влатко Зорба