Регион СВЕТ

Бројот на жртвите од коронавирусот во Грција се зголемува, владата воведе дополнителни мерки

Патување на грчките острови дозволено само за постојаните жители; затворени мобилните пазари; забрана за пловидба на приватните јахти, затворени паркови во Атина, се дел од новите мерки кои денеска стапуваат во сила во Грција, а паралелно се зголемува и полициското присуство и со мегафони ќе им препорачуваат на граѓаните да останат дома.

Заменик – министерот за цивилна заштита на Грција, Никос Хардаљас, вчера соопшти дека бродовите и траектите кон грчките острови ќе бидат наменети само за постојаните жители и тоа од апсолутно неопходни причини, за снабдување на островите со храна и за оние што сакаат да се вратат, а се забранува и пловидба на приватни јахти на целата територија на земјата.

Сите мобилни пазари во Грција денеска ќе бидат затворени, а од понеделник за 50 отсто ќе биде намален бројот на производители, а тезгите ќе треба да бидат на растојание од пет метри.

Во супермаркети, од понеделник, бројот на потрошувачи треба да биде еден на 15 метри квадратни, а не на десет како што беше до сега.

Хардаљас повтори дека забранети се собири на десет или повеќе лица, а за прекршувачите предвидени се казни од 1.000 евра по лице и по случај.

-За време на викендот ќе има силно присуство на полиција во паркови, на големи плоштади, простори каде што се забележуваат собири на луѓе. Целта е да се почитува горенаведеното правило. Не е дозволено ниту пикник, ниту спортување на тимови. Повторуваме дека движењето надвор од домовите треба да се ограничи на минимум, рече Хардаљас.

Грчките медиуми објавија дека веќе се подготвени и снимени пораките на неколку јазици, кои ќе се испраќаат преку мегафоните на полициските возила додека патролираат во Атина и во останатите градови.

-Ве информираме дека поради превентивните мерки за заштита на јавното здравје не се дозволени собири. Ве молиме, почитувајте ги правилата и напуштете ги просторите, е пораката што ќе се слуша од мегафоните на полицијата и тоа на грчки, англиски, но и на арапски јазик поради мигрантите и бегалците што живеат во Атина.

Периферијата Атика, односно поширокиот регион на Атина донесе одлука да се затворат сите големи паркови.

Од утре на полноќ стапува во сила одлуката на грчката Влада да се затворат до крајот на април хотелите во Грција што работат на 12-месечна база, додека пак задолжителна е да работи по еден хотел во секоја периферија и по три во Солун и Атина.

По информациите во медиумите дека вчера, на патарините за излез од Атина, но и од Солун, имало редици возила со граѓани кои ги напуштаат големите градови и заминуваат во нивните села или викендички, остар коментар стигна од професорот епидемиолог Сотирис Циодрас надлежен за коронавирусот во Министерството за здравство на Грција, портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас , но и заменик- министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас, кои порачаа дека граѓаните мора да останат дома.

-Ова не е одмор, порача Циодрас и рече дека „не може улиците да се полни со автомобили со луѓе кои одат на екскурзија, а при тоа без да знаат дали се носители на вирусот“, а како пример спомена дека на еден грчки остров регистриран е случај на коронавирусот од контакт дојден од Атина.

Пецас коментираше дека оние кои решиле да патуваат кон нивните села или во викендичките, особено по препораките да останат дома, си се ставаат и самите себе во опасност.

-Треба сите да сфатиме дека можеби сме заразени со вирусот, дури и ако немаме симптоми. И во меѓувреме, да го шириме вирусот низ локалното население низ цела Грција. Секој што одбрал да избега во своето село, мора да се однесува како веќе да го има вирусот, да избегнува било каков контакт и по секоја цена да остане дома, рече Пецас.

Се зголемува бројот на жртвите од коронавирусот во Грција

На вчерашната прес конференција во Министерството за здравство на Грција, беа потврдени три нови жртви од коронавирусот во Грција, додека пак грчките медиуми, меѓу кои и грчката новинска агенција АНА-МПА, доцна синоќа објавија дека починало уште едно лице – 93 годишна жена хоспитализирана во болницата во Патра.

Доколку оваа информација биде и официјално потврдена на денешната редовна прес конференција во надлежното министерство, тогаш бројот на жртви во Грција се искачи на десет.

Вчера беше регистриран 31 нов случај на Ковид-19 со што бројот на потврдени случаи во Грција достигна до 495.

Хоспитализирани се 90 лица, 20 се приклучени на апарати, а 19 се пуштени од болница.

До сега во Грција биле анализирани над 7.200 примероци, а од потврдените случаи повеќето се во Атина.

Поврзани вести

Кина: Имаме докази дека САД се ангажираат во шпионажа на глобално ниво

Метеоролозите објавија прогноза: Не чека жешко лето, температурите ќе бидат над 40 степени

Путин отпушти еден од неговите најблиски советници

Stefanija Kuzmanovska

Данска ќе ги отвори градинките и училиштата, Норвешка успеа да ја стави епидемијата под контрола

Белата куќа го повика Пекинг да ги почитува човековите права

Балтичките земји ги отворија своите граници