Регион СВЕТ

Курти: Пропаднаа преговорите со ЛДК за заедничка влада

Лидерот на Движењето Самоопределување (ВВ) Албин Курти, кој се очекува да биде нов премиер на Косово откако неговата партија победи на октомвриските парламентарни избори, објави вечерва дека преговорите со второрангираната партија на изборите, Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) за фомирање на новата влада – пропаднаа.

Ден пред одржувањето на конститутивната седница на новото Собрание на Косово, Курти објави видео-порака, преку која обзнани дека двете досега опозициски партии, кои победија на изборите од 6 октомври, не успеале да се договорат околу поделбата на функциите во државата.

Лидерот на ВВ информира дека неговата партија му ја понудила на ЛДК функцијата на претседател на Собранието, додека за онаа на претседателот на државата бара да се расправа кога ќе дојде време, односно во 2021 година, кога ќе му истече мандатот на актуелниот претседател Хашим Тачи.

Партијата на Иса Мустафа, според Курти, ја одбила оваа понуда, така што на утрешната конститутивна седница на новото Собрание ќе се оди без договор за коалициска влада.

– Синоќа не одби ЛДК и на тој начин не испраќа во Собранието на Република Косово без договор за влада. Моја морална одговорност е да ве информирам дека на утрешната конститутивна седница на Собранието ќе одиме без да го постигнеме тој договор. На договорот за владината програма не успеавме да го придодадеме оној за поделба на одговорностите, вели Курти.

Тој појаснува дека прексиноќа, на 23 декември, доставил понуда до ЛДК, според која ВВ, како прворангирана партија, иако ѝ следува функцијата на собраниски претседател, тоа место го отстапува на ЛДК, додека за функцијата на претседател на државата предлага да се остави за подоцна.

– Меѓутоа, доколку ЛДК инсистира ние бездруго да дадеме ветување за номинација од ЛДК, тогаш нам треба да ни се придодаде уште едно министерство – она за внатрешни работи, вели Курти.

Тој нагласи дека по изборите од 6 октомври неговата партија во преговорите направила неколку компромиси, „додека ЛДК ниеден“.

– Првиот вицепремиер ќе биде од ЛДК, пет министерства ќе бидат од ЛДК, која одбра и кои ќе бидат тие, со оглед дека инсистираше бездруго да биде прва во изборот на ресорите. Прексиноќешната понуда која вчера беше одбиена беше нашиот петти компромис. Преку ова не можеме, не сакаме и немаме како да одиме, порача Курти.

Двете досега опозициски партии од порано објавија дека се договориле за програмата на идната заедничка влада, која ќе ја води Курти, меѓутоа до застој во преговорите дојде откако ЛДК истапи со барање да ја преземе функцијата претседател на државата, откако во април 2021 година ќе му заврши мандатот на актуелниот претседател Хашим Тачи.

Конститутивната седница на новото Собрание на Косово е свикана за утре во 15 часот.

Претставници и на ВВ и на ЛДК најавуваат дека, доколку не се најде решение за прашањето на идниот претседател, единствена алтернатива е распишување нови парламентарни избори.

Поврзани вести

Проституцијата цвета во Црна Гора

Напнато над Медитеранот: Турција пресретнала шест грчки авиони

Никола Поповски

Во акција на германската полиција уапсени 12 терористи

Еве што го заштитува Путин од коронавирусот: Секој што го посетува треба да помине низ тоа (видео)

Хрватска: 3.056 нови случаи на Ковид-19, починаа 43 лица

Влатко Зорба

Почна преместувањето на група мигранти и бегалци од прифатниот центар Вучјак кај Бихаќ