Регион

Грчкиот суд го испрати во затвор неонацистичкото раководство на „Златна зора“

Грчки суд одлучи раководството на екстремно десничарската, неонацистичка „Златна зора“, осудено за претворање на таа партија во криминална организација, веднаш да оди во затвор.

Сепак, судот одлучи петмина од 18 поранешни пратеници на таа партија, осудени за полесни дела, да останат на слобода до крајот на жалбената постапка против изречените пресуди, што може да трае со години во Грција.

Одлуката ја донесе тричлен судски совет по двонеделното излагање на адвокатот на одбраната и обвинителот, кои побараа на сите поранешни пратеници на „Златна зора“ да им биде дозволено да останат на слобода до крајот на жалбената постапка.

Судиите го одбија барањето за одложување на извршување на казната на лидерот на партијата Никос Михалолакос и другите поранешни пратеници осудени за водење на криминална организација. Михалолакос и уште петмина поранешни пратеници добија казни од по 13 години затвор, додека шестиот беше осуден на 10 години.

Партијата, прва неонацистичка група основана во 80-тите години на минатиот век, се крена за време на финансиската криза во Грција и беше обвинета за планирање злосторства од омраза, вклучително и брутални улични напади врз имигранти и левичарски активисти.

Единаесет поранешни пратеници на „Златна зора“, осудени само за учество во криминална организација, добија казни од пет до седум години затвор. Судиите пресудија дека петмина осудени учесници, вклучувајќи ја и сопругата на Михалолакос, Елени Зарула, можат да останат на слобода се додека не бидат испитани нивните жалби против неодамнешните пресуди.

Тие можат да останат на слобода со забрана за напуштање на земјата, плаќање кауција од 20.000 евра и појавување во локалната полициска станица двапати месечно. Уште седум лица осудени во случајот, кои не се поранешни пратеници, исто така остануваат на слобода по тие услови додека чекаат жалба.

Михалоjакос пред новинарите пред неговата куќа во Атина, по објавувањето на судската одлука, изјави дека е „горд што отишол во затвор заради неговите идеи“ и дека „по некое време некои ќе се срамат од оваа пресуда“, додека тој и неговите неонацистички истомисленици ќе бидат оправдани со историјата и грчкиот народ“.

Одлуките за изрекување казна завршуваат со маратонско, политички набиен петгодишен судски процес против 68 обвинети, десетици адвокати и четири случаи, вклучувајќи го и групното убиство со ножеви на левиот грчки рапер Павлос Фисас во 2013 година и физички напади врз египетски рибари и левичарски активисти.

Убиецот на Фисас, Јоргос Рупакис, исто така, добил наредба веднаш да оди во затвор, каде ќе остане доживотно.

Адвокатите што ги застапуваат жртвите на „Златна зора“ изразија задоволство од денешната одлука.

„Денес е ден на победата и ден на правдата“, рече Танасис Камбајанис, кој ги претставуваше египетските рибари.

„Ова е правда за стотиците мигранти кои беа претепани, прободени или дури убиени од таа нацистичка организација“, рече тој.

Вкупно 57 членови на партијата и соработници беа осудени на 7 октомври, главно за вмешаност во насилни напади и учество во криминална организација.

Меѓу другите на кои им е наредено да одат во затвор се и поранешниот портпарол на партијата Илијас Касидијарис, кој оттогаш ја напушти „Златна зора“ и основа своја политичка партија и сегашниот европратеник Јоанис Лагос, кој исто така ја напушти „Златна зора“ и живее во Брисел.

Осудените не беа обврзани денес да бидат на суд, а потерници ќе бидат распишани за сите оние кои не одат доброволно во затвор.

Еден од поранешните пратеници, Јоргос Герменис, изјави дека е невин, но отиде да им се предаде на властите. Тој додаде дека се надева на поволен исход на жалбената постапка.

Златна зора е целосно маргинализирана партија на грчката политичка сцена со децении, и се истакна за време на финансиската криза од 2010 до 2018 година, освојувајќи места на четири избори и стана трета по големина грчка политичка партија. Нејзината популарност се намалува од почетокот на долгото судење, а на изборите во 2019 година не успеа да освои ниту едно место во Собранието.

Поврзани вести

Турскиот Уставен суд денеска донесе пресуда во корист на Википедија

Maja_Serafimova

Харадинај не го поддржува Хоти во дијалогот со Белград

Stefanija Kuzmanovska

Бела куќа: Србија и Косово потпишаа историски договор

Влатко Зорба

Четиринаесет српски државјани се наоѓаат на крузер во карантин во Јапонија поради коронавирусот

Рамуш Харадинај поднесе оставка од лидерското место во партијата

Ивана Рамаданова

Бројот на починати лица во Словенија како последица од Ковид-19 се зголеми на четири